«

»

Mar 30 2014

1014-2014: Слава на Царот!

Низ текот на долгата вековна историја на македонскиот народ се појавиле голем број на личности кои со својот лик и дело оставиле траен печат врз колективната свест на Македонците, личности кои го промениле текот на историјата, личности кои предизвикуваат восхит и гордост кај секој Македонец. Таква е и личноста на Самоил – најзначајниот средновековен македонски владетел, Цар во вистинска смисла на зборот.

220px-Samoil

Самоил бил еден од четирите синови (заедно со Арон, Мојсеј и Давид) на кнезот Никола кои кренале востание, најпрвин против бугарската власт во 969, а потоа и против Византија во 976, и ја создале најмоќната средновековна македонска држава. Подоцна, по низа настани, Самоил останал како единствен владетел на таа држава и се прогласил за Цар кој владеел од Јадранот до Црно Море и од Дунав до Пелопонез, а со центар во Преспа. Востанието ги обединило сите дотогашни бунтовнички движења во Македонија кои биле незадоволни од тогашните власти, вклучувајќи ги и познатите Богомили, кои во новото царство ја добиле посакуваната слобода за исповедање на својата вера, која била насочена против феаудалното опшество и корумпираноста на цариградската црква, и можноста да ја прошират низ Балканот.

350px-Samuilovo_carstvo

Владеењето на Самоил претставува период на прогрес и развој на Македонија и сите земји под неговото владение, период во кој населението се здобило со голем број на слободи, период во кој голем број на населени места се издигнале во вистински градски центри со прекрасно уредени царски дворци и силни ѕидини како: Преспа, Охрид, Прилеп, Битола, Прониште, Сетина, Меглен, Костур, Воден, Перник, Штип, Просек, Мацукион (кај Струмица), Нотија, Термица, Бисеградон, Стаг итн., период во кој била создадена Преспанската патријаршија од која подоцна произлегла и Охридската архиепископија како црква на доминантното православно словенско население на Балканот. А покрај неа, во идејата за религиозна слобода, својата независност ја задржала Драчката архиепископија, бил сопрен прогонот врз дуалистичкото богомилско движење, а со Самоилово одобрение била формирана и Дубровничката надбискупија.

Соборната црква на островот Св.Ахил, Преспа.

Соборната црква на островот Св.Ахил, Преспа.

Самоиловата тврдина во Охрид.

Самоиловата тврдина во Охрид.

Но, за жал, ова царство не опстоило. Имено, ромејскиот (византискиот) цар Василиј II на 29 јули 1014 ја добил клучната битка кај Беласица, по што го извршил грозоморниот чин на ослепување на Самоиловите војници. Неможејќи да ја поднесе трагичната глетка Самоил починал од срцев удар на 6 октомври 1014, настан од кој одбележуваме точно еден милениум оваа година.

По неговата смрт, Царството постоело уште 3 години (владетели биле Самоиловиот син Гаврило Радомир и Ароновиот син Јован Владислав, кој ги убил Радомир и претставува најголем кривец за падот на царството), пред тоа целосно да падне под византиска власт која повторно ја вратила тешката положба врз македонското население. Како резултат на тоа, во годините што следеле, во Македонија повторно почнало да “врие”, па така биле подигнати востанија од страна на Самоиловиот внук Петар Делјан (син на Гаврило Радомир) во 1040-41 и Ѓорѓи Војтех, потпомогнат од Дукљанските владетели кои биле во крвна врска со Самоиловата лоза, во 1072-73, а кон крајот на XI и почетокот на XII век се случил и нов подем на Богомилите.

Оваа година треба достојно да го одбележиме ликот на Царот кој ја вратил моќта и славата на Македонија, Царот чие име засекогаш ќе остане запишано со златни букви во македонската историја. Затоа, годинава на блогот очекувајте и зачестени статии чија тема ќе биде Самоил, Самоиловото Царство, бунтовничките движење кои следеле и македонското средновековие од X-XII век воопшто.

1014-2014: ВЕЧНА СЛАВА НА ЦАРОТ !

Samoil 1014-2014 Istoriski Blog

 

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>