«

»

Aug 05 2013

2229 години од најтешкиот пораз на Римјаните !

На 2 Август одбележавме повеќе годишнини од значајни историски настани, вклучувајќи и:

– 2351 години од победата на македонскиот крал Филип II против здружените хеленски сили во битката кај Херонеја

– 2335 години од победата на македонскиот генерал и кралски регент Антипатер против хеленските бунтовнички сили во битката кај Кранон

– 110 години од почетокот на Илинденското Востание

– 69 години од првото заседание на АСНОМ и формирањето на современата македонска држава

Но покрај сите овие настани кои произлегуваат од македонската историја, на 2 Август одбележавме и еден значаен настан од светската историја, а тоа е 2229 години од најтешкиот пораз на римската држава – битката кај Кана, битка која претставува вистински школски пример за добро спроведена борбена тактика, дело на еден од наголемите воени стратези во историјата (според мене најголем :)) – Ханибал Барка.

Ханибал

ВОВЕД ВО БИТКАТА

Битката кај Кана се одржала на 2 Август 216 г.п.н.е. и претставува една од клучните битки во Втората Пунска Војна (218-201 г.п.н.е.) која се водела помеѓу Картагина и Рим. Имено, оваа војна претставува резултат на стремежот на Картагина да ја врати својата положба како доминантна сила во западниот Медитеран, примат кој го загубила  по понижувачкиот пораз во Првата Пунска Војна (264-241 г.п.н.е.). Најголем подржувач и главен актер во оваа нова војна бил Ханибал, којшто го одржал ветувањето дадено на својот татко Хамилкар (најзначајниот картагински генерал од Првата Пунска Војна) дека кога ќе порасне ќе стане најголемиот непријател на Римјаните.

Повод за Втората Пунска Војна бил иберискиот град Сагунтум кој се наоѓал во непосредна близина на картагинските територии во Иберија (Пиринејскиот Полуостров), а одржувал блиски дипломатски контакти со Рим. Имено, после убиствата врз картагинските подржувачи во Сагунтум од страна на локалната власт, Ханибал го опсаднал и освоил градот во 219 г.п.н.е. Со ова бил прекршен претходно воспоставениот договорот помеѓу Картагина и Рим со кој се гарантирала слободата на Сагунтум, акт кој значел сигурен почеток на една нова Картагинско-Римска Војна, токму она што го посакувал Ханибал кој се одлучил на еден доста храбар потег – со својата војска да маршира низ Иберија, Јужна Галија и да помине преку Алпите со што би нападнал во самото срце на римската територија, подвиг што Римјаните воопшто не го очекувале. За време на овој долг марш, војската на Ханибал доживаеала одредени загуби, но добила и голем број на галски сојузници кои се приклучиле во воениот поход.

По преминот на Алпите, за брзо време следела и првата поголема битка со римските сили – битката кај Требија (218 г.п.н.е.) која завршила со победа на Ханибал. Следната година (217 г.п.н.е.) следела уште една голема битка и победа за Картагинците – битката кај Трасименското Езеро. По оваа битка Рим се нашол во голема паника и го поставил генералот и политичар Фабиус Максимус за диктатор, функција која му се доделувала на одредено лице кога државата се соочувала со екстремно голем проблем и чија задача била да го реши. Фабиус Максимус се решил да води герилска борба со Ханибал, обидувајќи се да му ги уништи неговите намирници и снабдувачки линии. Но, оваа тактика се покажала доста непопуларна за римската јавност па Фабиус, по завршувањето на неговиот мандат од шест месеци, бил симнат од функцијата диктатор од страна на римскиот Сенат кој поставил два нови конзули – Гај Тарентус Варо и Луциј Емилиј Паул со задача да поведат римската војска против Ханибал.

Битката која што следела е токму онаа која е тема на овој пост. Битката се одиграла на 2 Август 216 г.п.н.е. во близина на римскиот град Кана во областа Апулија, место кое што претставувало еден од најзначајните извори за снабдување на Рим и каде што бил стациониран Ханибал со својата војска, токму од причина да ја прекине оваа важна снабдувачка линија за Римјаните.

Западниот Медитеран во 218 г.п.н.е. (Картагина и нејзините територии (виолетово) и Рим и неговите територии (црвено))

 СТРУКТУРА НА ВОЈСКИТЕ

Во битката кај Кана, Картагинската војска броела околу 50 000 војници, од кои 32 000 претставувале тешка пешадија (составена главно од Либијци, Иберијци и Гали), 8 000 биле лесна пешадија (главно платеници од Балеарските Острови кои биле познати по ефективното ракување со прашка) и околу 10 000 коњаници (составени од Картагинци, Иберијци, Гали и Нумидијци. Нумидијците биле едни од најпознатите коњаници во стариот свет.)

Картагинска пешадија. Од лево на десно: Балеарски платеници, Либијска пешадија, Иберијска пешадија и Галска пешадија.

Картагинска коњаница. Од лево на десно: Картагинци, Нумидијци, Иберијци и Гали.

Римската војска броела околу  86 000 војници, од нив 80 000 биле пешадија (40000 биле римска пешадија организирана по традиционалниот римски начин: лесната пешадија, односно нај неискусните војници наречени Велити биле напред, тие главно имале неколку кратки фрлачки копја и еден мал штит, а на главите носеле животинско крзно, потоа зад нив следела тешката пешадија составена од малку поискусните Хастати, по нив следеле подобро опремените и поискусни Принципи и на крај биле најискусните војници – Триарите. Хастатите и Принципите имале по 2 кратки фрлачки копја и краткиот меч Гладиус и широк штит. Принципите имале подобра заштитна опрема од Хастатите. Триарите имале најдобра заштитана опрема а нивно главно оружје претставувало едно поголемо копје, а како резервно оружје го имале гладиусот. Покрај традиционалната римска пешадија, во битката учествувале и околу 40 000 воини од различните италијански племиња кои биле сојузници на Рим), а 6 000 биле коњаница (мешавина од римска и сојузничка италијанска коњаница).

Римска пешадија. Од лево на десно: Велити, Хастати, Принципи и Триари

Римска коњаница и италијанска сојузничка пешадија.

 ТЕКОТ НА БИТКАТА

Пред почетокот на битката, римската војска се поставила на врвот од еден рид со што покрај предноста во бројот на војници, би добила и предност на висок терен. Тоа го воочил Ханибал и ја поставил својата војска на исток од римската, такашто ги приморал Римјаните (кои ја имале улогата на напаѓач) да се симнат од ридот и да бидат свртени спрема сонцето и ветрот кој постојано им дувал носејќи прашина во лицето на римските војници. Иако ова изгледа како мала работа, сепка претставува генијален потег на Ханибал, поради тоа што добил предност пред римјаните во однос на видливоста и ја неутрализирал римската предност на висок терен.

Ханибал ја поставил својата тактика такашто во центарот се наоѓале балераските, иберијските и галските сојузници, на крилата од пешадијската линија, палку поназад, затскриени, се наоѓале елитните пешадијци на Картагинците – либијската пешадија. На левото крило била иберијската и галската коњаница, додека на десното се наоѓале Нумидијците. Во центарот, онаму каде што формцијата била најслаба, веднаш зад пешадијата се наоѓал Ханибал заедно со картагинската коњаница. Потег кој служел за подигнување на моралот кај најслабиот дел од војската, потег кој сигурно го постигнал својот ефект кога се има во предвид дека војниците во тој дел од формацијата доаѓале од култури кадешто се очекувало од водачот да се бори онаму каде е “најгусто”. Од другата страна, Римската тактика била доста едноставна – пешадија во центарот организирана по традиционалниот римски начин опишан погоре и коњаница на крилата – римска на десното и сојузничка на левото.

Како што почнале Римјаните да напредуваат, Ханибал ја претворил својата пешадиска линија во една испакната полукружна формација, со што би се добил привид на доста потенка и пмала пешадијска линија. Римјаните наседнале на стапицата и ги збиле редовите на пешадијата со цел да го зголемат притисокот на слабиот картагински центар и со тоа да ја скршат картагинската формација. Како што започнале првите судири, Ханибал извел лажно повлекување на центарот и својата испакната сферна формација ја претворил во вдлабната, потег со кој римската пешадија била “впиена” во картагинските редови. Тогаш Либијската пешадија излегла од криење и ги нападнала крилата на римската пешадија. Во меѓувреме, далеку посилната и побројна картагинска коњаница на левото крило комплетно ја уништила римската коњаница и веднаш се упатила во помош на Нумидијците кои доволно долго време ја “занимаваа” римската коњаница на спротивното крило. Така била уништена и преостанатата римска коњаница. По ова, Нумидијците се впуштиле во потера на повлекувачките римски коњаници, а остатокот од картагинската коњаница го нападнала задниот дел од римската пешадија, која била целосно опколена од Картагинците.  Она што следело било вистински масакар во кој подебелиот крај го извлекле околу 90% од вкупниот број на римски војници кои учествувале во битката.

Иницијалната римска поставеност и уништувањето на римската коњаница.

Уништување на римската армија

ПОСЛЕДИЦИ

По битката кај Кана, Рим останал ранлив и без војска, но сепак Ханибал немал доволно сили за да го освои градот и да стави крај на римската држава. За да го стори тоа му биле потребни засилувања, кои поради одредени политички игри во Картагина не ги добил, па поради ова бил приморан бесцелно да се движи низ римската територија – недоволно силен да го освои Рим, но доволно силен да нема адекватна римска армија која би му се спротивставила во тој момент.

Времето на бесцелното талкање на Ханибал и неговата војска било доста скапоцено и добро искористено од римска страна на чија политичка и воена сцена ќе се издигне еден доста значаен лик кој во историјата ќе биде запаметен како Скипион Африканецот. Скипион во следните неколку години ќе го префрли тежиштето на војната на картагинска територија, такашто ќе ги нападне картагинските градови во Иберија и ќе извојува повеќе значајни победи.

Потоа, конечно, во 207 г.п.н.е., цели 9 години по битаката кај Кана, Картагина ќе се одлучи да му испрати засилувања на Ханибал, околу 30 000 војнци водени од братот на Ханибал – Хасдрубал. Но, Хасдрубал ќе биде пресретнат од римската војска во близина на реката Метауро. Во битката, Картагинците ќе доживеат тежок пораз во кој ќе биде убиен и Хасдрубал. Римјаните, сакајќи да испратат јасна порака до Ханибал, му ја испратиле отсечената глава на неговиот брат.

После ова Римјаните ќе продолжат со своите победи на картагинска територија, а Ханибал ќе продолжи да талка низ Италија. Во 205 г.п.н.е. Римјаните на чело со Скипион ќе ја пренесат војната во Африка – во самото срце на картагинската држава. И таму Римјаните ќе редат победа до победа. Потоа во 203 г.п.н.е. Картагина ќе го повика Ханибал да се врати во татковината и да ја води нејзината одбрана. Последната и одлучувачка битка во Втората Пунска Војна ќе се одигра во местото Зама во 202 г.п.н.е. каде Картагинската војска, водена од веќе остарениот Ханибал, ќе биде поразена од Римјаните предводени од Скипион. Римската победа во оваа битка значела и римска победа во војната од која излегле како единствена доминантна сила во западниот Медитеран.

Без разлика на епилогот на војната, Кана ќе остане запаметена како најтешкиот пораз на моќната римска држава во нејзината многувековна историја, а Ханибал засекогаш останал запаметен како најзастрашувачкиот човек за секој Римјанин, човек за кој дури се развила и поговорка со која Римјаните ги плашеле своите немирни деца – Hannibal ad portas (Ханибал е пред портите).


Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>