«

»

Aug 20 2015

Активности на НУ Стоби за 2015 година

Во текот на мај и јуни во Стоби се одвиваа археолошки истражувања на Храмот на Изида и Театарот. Ископувањата во секторот Храм на Изида беа насочени кон документирање на просторот околу храмот при што се истражуваа остатоци од објекти од доцната антика, формирани на овој простор во 5-6 век, откако Храмот излегол од употреба. Интересно откритие претставува еден мал натпис на мермер посветен на божествениот пар Изида и Серапис, кој укажува на фактот дека во објектот не бил посветен само на Изида, туку и на нејзиниот сопруг, богот Серапис. Почитувањето на култот на Изида и Серапис во Стоби е познато уште во минатото како резултат на повеќе наоди. Храмот беше откриен во 2008 година, а откритието на мермерна скулптура на Изида во 2012 година конечно ја реши дилемата за дедикацијата на објектот.

hram na izida stobi 2015

Храмот на Изида

Ископувањата на театарот продолжија во источната половина на централниот циркуларен коридор и источниот радијален коридор, каде што се одвиваа и во текот на 2013 и 2014 година. До крајот на јуни, коридорите беа речиси целосно истражени до оригиналните нивоа на изградба и користење во времето кога театарот функционирал. Во изминатите три години беа внимателно документирани и сите подоцнежни фази на користење на просторот, почнувајќи од втората половина на 4-от век кога театарот е напуштен, па сѐ до 12-14 век кога коридорите биле за последен пат дел од објекти за живеење. Источната половина на централниот цикруларен коридор има должина од околу 44 метри, широчина од 2,5 метри, а неговата височина била околу 6 метри.

Како резултат на соработката со фондацијата Балканско Наследство и оваа година беа реализирани неколку меѓународни проекти. Првите два се одвиваа во текот на месец јуни при што во Стоби се одржаа работилници за конзервација на керамика, стакло, мозаици и фрески. Во работилниците беа инволвирани интернационални учесници, а обуката ја изведуваа стручни лица од НУ Стоби и Балканско наследство.

skola za konzervacija na mozaici stobi 2015

Работилница за конзервација на мозаици

Ве текот на јули се одвиваа интернационалната археолошка школа и школа за напредни методи на фотодокументација на предмети и архитектура. Во шестата сезона од археолошката школа, истражувањата се одвиваа на просторот помеѓу Теодосијанската палата и т.н. затвор, каде што за прв пат се работеше минатата година. Беa откриени делови од две улици и рушевински слој од куќа од 6 век од н.е., во времето кога објектите како Теодосијанската палата (изградена во 4 век) биле напуштени, а нивните ѕидови биле искористени во рамките на новоподигнати куќи.

Работилницата за напредна фотодокументација беше одржана за прв пат оваа година и претставува своевиден новитет. Во рамките на овој проект се работеше фотограметрија, рефлективна трансформација, како и фотографирање за виртуелна прошетка и виртуелен музеј. Дел од резултатите се очекува да бидат достапни на веб страната на Стоби, а дел ќе бидат вклучени во рамките на интерактивната презентација во планираниот центар за посетители кој ќе биде отворен следната година.

Во месец август продолжува Проектот за конзервација на мозаикот од нартексот на Епископската базилика, како и Проектот за конзервација, реставрација и реконструкција на Театарот.

Извор: НУ Стоби

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>