«

»

Oct 17 2014

Александар марширал низ 14 современи општини на Македонија

Александар Македонски марширал низ Република Македонија во 335 година пред нашата ера, вели Виктор Лилчиќ Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство. Во постот на една од социјалните мрежи тој кажува низ кои 14 општини поминал големиот војсководец, објавувајќи и фотографии.

aleksandar marsiral niz 14 sovremeni opstini na makedonija

Еден од патиштата низ кој поминал војсководецот?

-Во јули месец, 335 година пред н.е., Александар III Македонски се враќал од Дунавската кампања за смирување на Трибалите и Гетите. Имал 21 година, но бил извонреден воен стратег затоа што воените вештини ги вежбал од дете под будното око на татко му кралот Филип Македонски. Според историчарот Лукиј Флавиј Аријан, тој поминал низ земјите на Агријаните, Пајонците, покрај реката Еригон и пристигнал кај градот Пелион, каде требале да се најдат Илирите под водство на Клит и Таулантите под водство на Глаукиј. Денес се обидуваме, и покрај овие скромни информации, да го реконструираме неговото движење низ територијата на денешна Република Македонија – објаснува директорот.

Речиси единствени учени кои му посветиле поголемо внимание на анализата на насоката по која се движела македонската војска со Александар, кажува тој, биле историчарите Фанула Папазоглу и Николас Хамонд.

– Меѓутоа денес веќе голем број археолошки појави во Република Македонија овозможуваат поблиску да ја одредиме трасата по која се движел Александар. Во основа тој влегол на просторот помеѓу Ќустендил и Крива Паланка. Се движел низ земјата на Агријаните, што значи земјите на денешните општини Крива Паланка и Старо Нагоричани. Патот го водел низ долината на Крива Река. Во атарот на Младо Нагоричани, на левиот брег на реката Пчиња се наоѓал значаен градски центар на агријаните. Можеби дури и престолнината на агријанскиот крал Лангар близок пријател на Александар. Од долината на Крива Река, Александар преминал, влегол во земјата на Пајонците од големиот град на Градиште село Коњух, преку планинскиот превој помеѓу селата Пезово, Градиште и Кокошиње. Поминал покрај големиот пајонски град Билазора (Градиште, село Кнежје) и излегол на левиот брег на реката Аксиј (Вардар), преминувајќи го на потегот помеѓу остатоците на двата големи антички града на Градиште, село Кочилари и Градиште село Згрополци. Патот го водел потаму долж десниот брег на Вардар до вливот на Еригон (Црна Река) во Аксиј кај Стоби. Следел отежнат марш покрај самиот Еригон низ дел од Тиквешко (од Возарци до Галиште), потоа низ Мариово од Гуѓаково до Скочивир. Излегувајќи од Скочивирската Клисура Александар, се упатил преку градот Линк (Градиште, с. Црнобуки) кон Лихнид (Охрид) – ја кажува тој трасата на движење на Александар.

За да го заштити Лихнид но и патниот коридор долж прастариот Кандависки/ Македонски подоцна Егнатиски пат, кон Линкестида и потаму кон Пела, тој ја подигнал воено-стратегиска база на ридот Кулиште Свети Размо, околу 4 километри северозападно од Лихнид. Оттука марширал јужно од езерата до градот Пелион каде со вешти воени маневри и напади успеал да ги порази Илирите и Таулантите и завладее со Илирија.

– Убикацијата на Пелион е сеуште непозната. Од предложените три локалитети се чини поатрактивен е градот кај селото Селце на реката Шкумбина. Од Пелион за 14 дена Александар осамнува под ѕидините на Теба. Александар со македонската војска поминал во територијата на Република Македонија низ подрачјата на 14 современи македонски општини – додава Лилчиќ Адамс.

Автор: Д.Т.

Текстот е превземен од Дневник.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>