«

»

Jul 22 2013

Античките Феникиски истражувачи и нивните експедиции

По постот за Античките Македонски истражувачи и нивните експедиции, нашиот серијал за античката “Доба на Откритија” ја продолжуваме со најголемите морепловци и трговци на античкиот свет – Феникијците !

Феникијците се народ кој живеел на источниот брег на Средозменото Море, на територијата на денешен Либан и главно биле организирани во градови-држави, меѓу кои најзначајни биле Тир, Сидон, Библос и други. Во историјата се познати како едни од најголемите морепловци и трговци на Античкиот Свет кој создале голем број на колонии, главно на бреговите на западниот Медитеран, колонии меѓу кои била и Картагина, која подоцна ќе прерасне во една од најголемите сили во Средоземјето. Покрај тоа Феникијците се творци и на најстарата фонетска азбука во светот од која подоцна произлегле и грчката азбука, латиницата и нашата кирилица.

Како големи трговци, Феникијците биле во постојана потрага по нови трговски патишта од каде би можеле да ги набавуваат стоките потребни за тргување, а со тоа придонесувале и за поголем напредок во географското познавање на светот. Причината поради која главно тргнале да истражуваат на запад е тоа што тој дел од Медитеранот бил далеку понеразвиен во однос на источниот каде имало поголема конкуренција во држави како Египет, Вавилон, Хеленските полиси и други, со што Феникијците можеле да создадат монопол врз стоките кои се наоѓале на запад.

Феникија и нејзините колонии

И покрај тоа што Феникијците претставуваат најзначајниот трговски и истражувачки народ во Антиката, денес ги знаеме и можеме да ги издвоиме имињата на само двајца Феничани кои имале исклучителен напредок во полето на истражувањето – Хано и Химилко.

Хано Навигаторот – познат и како Хано II од Картагина бил феникиски истражувач и крал на Картагина во V век п.н.е. кој е главно познат по својата експедиција за истражување на западниот брег на Африка. Неговата експедиција ја започнал од Картагина по што продолжил низ Гибралтар и се упатил на југ. За време на експедицијата им доставил намирници на веќе постоечките картагински (феникиски) колонии кои се наоѓале на брегот на денешен Мароко. Подоцна го продолжил своето патување на југ по западниот брег на Африка. Во науката постојат повеќе мислења за тоа која била крајната точка на патувањето – некои велат дека тоа бил Сенегал, други Камерун или Габон, но во секој случај направил подвиг кој бил за почит во тоа време. Најинтересниот момент од неговата експедиција е откривањето на “влакнести и диви луѓе” кои ги нарекле “горили” и за кои науката сметала дека се мит се до откривањето на горилите во 19 век кој своето име го добиле баш од описот на Хано. Истотака според неговиот опис, екипажот се обидел да зароби неколку од нив и успеал во намерата со што заробил три женки кои подоцна биле убиени поради нивното “диво однесување”.

Експедицијата на Хано Навигаторот

Хано ги открива горилите

Химилко – картагински и феникиски истражувач од V век п.н.е., познат како првиот медитерански истражувач кој стигнал до северо-западните брегови на Европа. Во текот на својата експедиција ги истражувал бреговите на денешна Португалија, Шпанија, Франција и најверојтно стигнал и до Британските острови од каде воспоставил нов трговски пат за калај (еден од двата главни компоненти на бронзата, покрај бакарот), кој го имало во големи количини во Британија. По враќањето, своето патување го опишувал како исполнето со опасности во кое имал блиски средби со голем број на морски чудовишта. Ова најверојатно го правел поради заплашување на конкуренцијата.

Експедицијата на Химилко

Покрај овие две патувања кои се сметаат за потврдени во Историографијата, постојат и повеќе митови за Феникиски истражувања и на други места, вклучувајќи го и Американскиот континент.

Ваквите тврдења главно се засноваат врз едни камени плочи со феникиски натписи пронајдени во Бразил кон крајот на 19 век. Постои голема полемика дали овие плочи се оригинали или фалсификати, така што постојат научници кој ги застапуваат и двете различни видувања.

Потоа, во 1996 година, американскиот професор и геолог Марк МекМанамин предложи теорија според која на едни картагински златни монети од IV век п.н.е. има шара која претставува карта на светот, а на која е претставена и Америка.

Според МекМанамин вака изгледа картата на светот на картагинската монета од IV век п.н.е.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>