«

»

Jul 08 2013

Античките Македонски истражувачи и нивните експедиции

Сите сме слушнале и сме запознаени со истражувачките експедиции на личности како Колумбо, Де Гама, Магелан, Кук, Кортез, Пизаро во “Добата на Откритија”, експедиции кои го прошириле знаењето на Европјаните за светската географија, експедиции кои отвориле голем број на нови трговски патишта, експедиции поради кои некои држави создале империи, а некои империи пропаѓале со губењето на монополот врз одредена трговска стока. Но мал број од луѓето се запознаени со една постара “Доба на Откритија”, едни постари експедиции кои се со помала километража, но еднакви по важност за луѓето и државите кои ги превземале. Токму тие антички истражувачки експедиции ќе бидат тема на еден нов серијал на блогот, серијал кој го започнуваме со нашите, македонски истражувачи и нивните експедиции.

Македонските истражувачки експедиции започнале се походите на Александар во кои бил придружуван од голем број на научници и истражувачи. Како што освојувал се поголема територија така и растела потребата за нејзино детално истражување на географски и културен план, неопходност потребна за добро менаџирање на таа територија заедно со нејзините трговски и производствени капацитети. Во овој пост ќе се обидам да ви ги презентирам најзначајните истражувачи и нивните експедиции кои биле превземани како по наредба на Александар, така и по наредба на владетелите од македонските династии кои формирале свои држави по неговата смрт.

Неарх – еден од амиралите на Алексадровата морнарица. По потекло бил од Крит, но неговото семејство се преселило во Амфипол, Македонија за време на владеењето на Филип II. Бил другар на Александар од неговото детство. По започнувањето на Александровиот поход, Неарх бил поставен за сатрап (гувернер) на ново освоените области Ликија и Памфилија во Мала Азија. Кога походот стигнал до Бактрија (северен Авганистан), Неарх се приклучил на Александар носејќи засилувања. По опсадата на Аорнос (денес во областа Шангала во Пакистан), Неарх бил испратен во извидувачка мисија да ги проучи индиските слонови. Во 326 година п.н.е. Неарх бил поставен за адмирал на новоизградената морнарица во реката Хидасп. Неговата задача бил да се спушти по реката Инд (во која се влева Хидасп), да излезе на Индискиот океан  и да го истражи Персискиот залив и источниот брег на Арабија. Најважното достигнување на оваа експедиција е пристигнувањето во Бахреин кој претставувал центар за трговија со бисери и каде што имало големи плантажи за памук со што биле отворени доста важни трговски патишта. Неговата експедиција и опишана од страна на Аријан во делото Индика. По смрта на Александар се приклучил кон кампот на Антигонидите и служел како советник на Деметриј I Опсадникот.

Архиј од Пела – Македонски воен офицер и географ кој служел како командант на еден од бродовите во флотата на Неарх. Тој командувал со првиот македонски брод кој пристигнал во Бахреин.

Андростен од Тасос – Македонски адмирал во морнарицата на Александар. Бил член на експедицијата на Неарх и раководел со еден брод.

Онесикрит – антички историчар и филозоф, ученик и следбеник на Диоген. Бил кормилар на главниот брод во експедицијата на Неарх. Тој е првиот антички европски писател кој го опишал островот Шри Ланка. Покрај тоа оставил и опис на Индискиот Океан.

Експедицијата на Неарх

Патрокле – Македонски генерал и географ. Служел на кралевите Селевк и Антиох од династијата на Селевкидите. Познат е по истражувачката експедиција на Каспиското Море за кое сметал дека е поврзано со Индискиот Океан. Причината за ова, најверојатно,  е лагуната Кара-Богаз-Гол за која сметал дека е устие на река која води до океанот. Негово најголемо достигнување на воен план е одбраната на Вавилон од Деметриј Опсаднокот, владетел од династијата на Антигонидите.

Мегастен – етнограф и истражувач во служба на Селевк Први, роден во Мала Азија. Бил испратен како амбасадор на Селевк до Чандрагупта, кралот на Мауријското Индиско Царство. Патувањето низ Индија го започнал од областа Пенџаб, а крајна цел бил главниот град на Мауријското Царство – Паталипутра. Покрај тоа се претпоставува и дека го посетил градот Мадураи во јужна Индија. Како резултат на неговата експедиција го напишал делото Индика во кое дава описи на местата кои ги посетил, индиските реки, Хималаите, Шри Ланка, религиите во земјата, како и системот на кастите во индиското опшество. Мегастен се смета како еден од основачите на изучувањето на индиската историја во западниот свет.

Мегастен

Симиј – воен офицер во служба на Птоломеј III од македонската династија на Птоломеите која владеела со Египет. Ги истражувал бреговите на  Црвеното Море и бреговите на Етиопија.

Еудокс од Кизик – навигатор во служба на Птоломеј VIII, добил задача да пронајде директна поморска рута од Египет до Индија во што и успеал. Според античкиот географ и филозоф Посејдониј, во водите на Црвеното Море бил спасен некој индиски морнар кој доживеал бродолом и се понудил на Птоломеј VIII дека ќе ги води неговите навигатори по директниот пат за Индија. Птоломеј го поставил Еудокс да ја предводи оваа експедицијата која завршила успешно по што Еудокс се вратил со скапа стока, вклучувајќи различни зачини, мириси и драгоцени камења. По првото патување во 118 г. п.н.е. Еудокс тргнал и на второ патување до Индија во 116 г.п.н.е., овој пат без водич, кое исто така завршило успешно. Кога Еудокс се враќал од своето второ патување, бил приморан од страна на ветрот да оди јужно, по источниот брег на Азија каде што открил бродолом на пловило кое според својот изглед било како оние од Кадиз во Шпанија, по што Еудокс заклучил дека бродот успеал да ја заобиколи Африка. Овој настан го мотивирал самиот да се обиде да ја заобиколи Африка по враќањето во Египет. Експедицијата ја започнал од Кадиз, Шпанија, токму од местото од каде што мислел дека бил бродот на кои што наишол за време на второто патување до Индија. Но поради тешкотии со кои се соочувал за време на патувањето бил приморан да се врати. Но не се откажал од својот сон. Наскоро направил уше еден обид чија судбината е непозната. Некои, како римскиот писател и натуралист Плиниј Постариот, тврдат дека успеал во својата намера, но поверојатно е дека Еудокс несреќно загинал за време на ова патување.

Хипалиј – навигатор и трговец во служба на Птоломеите. Се претпоставува дека бил капетан на бродот на Еудокс од Кизик и дека токму тој е најзаслужен за успехот на експедициите за воспоставување на директен поморски пат од Египет до Индија. Неговиот успех, најверојатно, се должи на неговото добро познавање на монсунските ветрови.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>