«

»

Jul 25 2014

Археолошка експедиција: Локалитет Висока, Селечка Планина

Започнаа археолошките истражувања на локалитетот Висока, кои ќе траат континуирано и во август и кои по начинот на реализација ќе бидат први од типот на археолошка експедиција.

– Ова ќе бидат први ископувања од голем опсег на овој значаен локалитет од раната антика и ќе се разликуваат од повеќето досега спроведени на територијата на Македонија по начинот на организација. Поради недостапноста на локалитетот, кој е на надморска висина од 1.472 метри, тимот што ќе работи ќе биде сместен на најблиската достапна точка, која е оддалечена околу еден час пешачење и ќе биде во организиран камп со шатори од АРМ. Ќе се копа 30 дена, со што ископувањето добива карактер на археолошка експедиција – вели археологот Дејан Б. Кебакоски од Институтот за старословенска култура.

Локалитетот Висока годинава влегува во категоријата археолошки проекти од национален интерес. Сместен е на највисокиот врв на Селечка Планина, што укажува на стратегиската положба на просторот. Од оваа точка можело да се контролира движењето низ речиси цела пелагониска рамнина и низ мариовската планинска област.

Локалитетот е сместен на највисокиот врв на Селечка Планина, што укажува на стратегиската положба на просторот

Локалитетот е сместен на највисокиот врв на Селечка Планина, што укажува на стратегиската положба на просторот

– Локалитетот е составен од два дела, односно од акропола или палатен дел и подградие. Годинава планирано е археолошките истражувања да бидат насочени кон откривање на моќниот одбранбен ѕид, кој ја формира акрополата, а изграден е од големи камени блокови во техника на изодомум комбинирана со псеудоизодомум. Со неколкуте пократки истражувачки кампањи досега се откриени влезот и скалите во акрополата (палатата) и еден мал дел од ѕидот. Во планираните активности за годинава е и да се навлезе во самиот палатен дел, со што ќе се утврди карактерот на просторот – вели Кебакоски.

Акрополата е со површина од 2.600 квадратни метри, додека целиот археолошки локалитет се протега на 19.600 квадратни метри или речиси два хектари.

– За да го сместиме локалитетот во еден од потенцијалните места на кој лежат остатоците на античкиот град Пелагонија ни дава право монументалноста на досега откриените партии од влезот и дел од ѕидот на акрополата, но и близината со најмонументалната гробница од македонски тип на територијата на државата, односно гробницата во атарот на селото Бонче, која е сместена во падините на Селечка Планина, оддалечена од локалитетот Висока околу два километри – објаснува археологот Кебакоски.

Гробницата најверојатно му припаѓала на некој од моќните пелагониски владетели, можеби на потврдениот во изворите Менелај Пелагонецот, кој со Пелагонија владеел во првата половина на четвртиот век пр. н. е.

– За поврзувањето на овие два локалитети показател е и начинот на градба на бедемот на акрополата и самата гробница, кој е идентичен и совршено прецизен. Со досега извршените истражувања констатирани се два моќни хоризонти на живеење. Едниот е од четврт век пр. н. е., а другиот од шести век од н. е. – подвлекува раководителот на проектот.

На локалитетот Висока се планирани уште три засебни проекти за дигитализација на локалитетот и артефактите до кои ќе се стигне, а со нив се фрла нова светлина на локалитетот, но и се отвора нов правец на археологијата во Македонија.

Автор: Каролина Мицевска

Текстот е превземен од Нова Македонија.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>