«

»

Feb 12 2015

Археолошкиот музеј подготвува атрактивна изложба: Погледнете го накитот на древните Македонки!

“Преку самите артефакти може да се долови историскиот контекст на нивното создавање, техниките и занаетите користени за изработката на накитот, социјалниот статус на жените во Македонија низ вековите, религиозно-култната припадност, како и политичката идеологија претставена на некои од подоцнежните накити”, потенцира Честоева, директорката на Археолошкиот музеј на Македонија.

nakitot-na-drevnite-makedonki-5

Ѓердани, појасни токи, белегзии, прстени, садови за парфеми и балсами, како и обетки кои ги носеле древните Македонки ќе бидат дел од вредните артефакти во рамките на најновата изложба на Археолошкиот музеј која ќе биде претставена надвор од границите на државата.

Во рамките на “Дамскиот накит од Македонија низ вековите” ќе бидат претставени атрактивни предмети најдени на тлото на Македонија од неолитот до доцниот средни век, кои имаат непроценлива уметничка и историска вредност.

nakitot-na-drevnite-makedonki-4

“Во Македонија потребата за естетско изразување е посведочена со ѓерданот и амулетите од Тумба Маџари од 6 милениум п.н.е. Луксузниот накит од Димов гроб – Уланци составен од стаклени мониста, балтички килибар, морски школки и полжави од Мала Азија сведочи за развиената трговска мрежа во нашата земја во бронзениот период. Пајонските бронзи од Дедели, Валандово, Милци и Гевгелија од 8 и од 7 век п.н.е. и денес воодушевуваат со своите загатливи религиозни манифестации. Високиот животен стил во македонско-хеленистичкиот период е посведочен преку бројните пиксиди – предмети за чување накит, како и разните садови за парфеми, масло и балсами, пронајдени во некрополата Исар – Марвинци”, објаснува Весела Честоева, директор на Археолошкиот музеј во Скопје.

nakitot-na-drevnite-makedonki-2

Според Честоева типичната паганска мода од времето на раните словенски населувања, пак, ќе биде претставена преку ѕвездестите обетки од гробиштата Радолишта, Струга. Бронзената прочелница од 15 век од Демир Капија, додава Честоева, е доказ за фиксираните традиции во Македонија, бидејќи ваквите предмети се присутни се до 20 век во нашите традиционални невестински носии.

nakitot-na-drevnite-makedonki-1

“Преку самите артефакти може да се долови историскиот контекст на нивното создавање, техниките и занаетите користени за изработката на накитот, социјалниот статус на жените во Македонија низ вековите, антрополошките карактеристики, религиозно-култната припадност на артефактите, како и политичката идеологија претставена на некои од подоцнежните накити”, потенцира Честоева.

nakitot-na-drevnite-makedonki-6

Веќе во втората половина на месец март и почетокот на месец април оваа изложба на атрактивен накит од македонското поднебје ќе биде претставена на научната и пошироката јавност во Бугарија, а успехот на оваа според Честоева, би придонел за нејзина презентација и во други земји.

nakitot-na-drevnite-makedonki-3

“Сите артефакти кои ги презентираме во изложбата имаат своја историска тежина и важност, но сметам дека особено ќе го привлечеме вниманието со македонско-пајонските бронзи, специфични за македонското поднебје”, вели директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Весела Честоева.

Автор: Д.Т.

Текстот е превземен од Вечер.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>