«

»

May 18 2015

Билазора има капацитет да се истражува во наредните сто години

Археолошкиот локалитет „Градиште“ кај светиниколското село Kнежје, каде што научниците претпоставуваат дека се наоѓа древната пајонска престолнина Билазора, има капацитет да прерасне во локација која ќе се истражува во наредните сто години. Школа за обука на млади археолози под раководство на искусни научници и конзервација на откриените објекти се само дел од обемните активности кои би се спроведувале долгорочно. Градиште интензивно се истражува повеќе години, а систематските ископувања ќе продолжат во текот на месецов.

bilazora knezje sv nikole 121

Иако локалитетот е дел од капиталните проекти кои се финансираат преку владата, истражувањата ќе траат два месеца. Поддржани се со 800.000 денари, од кои 500.000 денари обезбедува Министерството за култура преку редовната годишна програма, а останатите 300.000 денари ги доделува Управата за заштита на културното наследство, координатор на капиталните проекти.

И годинава раководител на истражувањата ќе биде археологот д-р Драги Митревски, професор на Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во соработка со Народниот музеј од Свети Николе екипата ќе продолжи да работи околу владетелската палата, каде што лани пронајдоа многу интересни податоци за тоа што се случувало на овие простори пред повеќе два и пол милениума. Археолозите велат дека веќе нема дилеми и се сигурни дека ја истражуваат Билазора.

Објектите мора да се конзервираат

Деновиве ќе продолжат археолошките ископувања. Се чекаат само документацијата и дозволите за работа. Александар Арсов, директор на светиниколскиот музеј, објаснува во каква состојба е во моментот локалитетот. Во изминатите месеци се поставувала ограда. Иако има асфалтен пат кој води до ридот, веќе со возила не може да се влегува во заштитената зона. Поставени се и информативни табли.

– Ги обновивме најлоните ставени на привремената дрвена конструкција над владетелската палата. Вандали лани ги искинаа. Сакаме да поставиме посолидна привремена конструкција за да го заштитиме објектот додека се обезбедат сите услови за трајна конзервација. Во палатата лани археолозите пронајдоа боја од фреско-техника. Ако не се направи трајна конзервација, тоа сосема ќе биде уништено – вели Арсов.

Тој додава дека за оваа иницијатива имаат поддршка и од министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска и од раководителот Митревски. За конзервацијата на објектите на Градиште се надлежни екипите од Заводот за заштита на спомениците и музеј од Штип. Тие треба да подготват проект за конзервација на објектите и да аплицираат во Министерството за култура.

– Сепак, тоа се поскапи проекти и сигурно би чинеле неколку стотици илјади евра. Археолозите и годинава ќе работат во рамките на комплексот. Тие претпоставуваат дека локалитетот зафаќа површина од 20-ина хектари, тоа е огромно место. Таму живееле луѓето од 7 до 2 век пред новата ера. Билазора била центар на цивилизацијата на независните Пајонци речиси 500 години. Од таму потекнуваат многу владетели. Истражувањето на овој локалитет е сериозна работа – вели Арсов.

Студенти би плаќале котизација за да работат

Иницијатива на светиниколскиот музеј е локалитетот Градиште да прерасне во школа за археологија, а според Арсов, оваа идеја ја поддржува и професорот Митревски.

– На само 800 метри од локалитетот се наоѓа старото напуштено училиште на Kнежје, кое ни е доделено да го користиме наредните 15 години. Сакаме тој простор да го адаптираме. Би имало сместувачки капацитети за археолозите што ќе работат тука, предавална, привремено депо и други простории. Станува збор за пообемен проект што треба сериозно да се финансира, но сметам дека тоа ќе се исплати – вели Арсов.

Со претставници од Славјанскиот универзитет од Свети Николе веќе има устен договор на локалитетот да доаѓаат археолози-студенти од Русија. Секој од нив би плаќал котизација и ќе добие ексклузивна можност да работи на локалитетот, под раководство на искусни археолози.

Мештаните биле добри градители

Владетелската палата се наоѓа на највисокиот дел на населбата. Материјалните докази потекнуваат од 5 и 4 век пр. н.е. кога објектот бил употребуван. Професорот Драги Митревски вели дека лани откриле монети, една од нив е и сребрената монета на Александар Трети Македонски, а тоа го определува точно времето на уривање – во крајот на 4 или почеток на 3 век пр. н.е. Тој додаде дека според концепцијата, палатата е многу слична на тие во Ајга, Вергина, во старата престолнина на Античка Македонија. Истражувањата лани покажаа дека локалните жители биде добри градители, одлично познавале статика, занаетчиски работи, фреско-техника.

Автор: Весна И. Илиевска

Текстот е превземен од Дневник.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>