«

»

Aug 18 2014

Божествените тројства во европските митологии

Во сите делови на светот се развиле голем број на верувања и митологии, составени од голем број на натприродни суштества и богови. Во таа хиерархија на богови некои се одделуваат како најважни и најзначајни (врховни богови), некои претставуваат симбиоза на два или повеќе богови (пример египетското божество Амон-Ра претставува симбиоза на богот на сонцето Ра и ‘кралот на боговите’ Амон), некои имаат повеќе лица и се составени од повеќе одделни дела или глави (пример римскиот бог Јанус има две лица, едно кое гледа кон иднината и едно кон минатото).

Најпознатиот пример на повеќеделно божество е христијанската претстава на едниот Бог, составен од три лица: Отец, Син и Свет Дух. Но, принципот на божествено тројство не претствува новитет на христијанството. Тој постоел и бил распространет и во европските политеистички вери.

Наједноставниот пример на божествено тројство е изделувањето на три врховни богови (често браќа) кои раководат со одделни ‘ресори’, најчесто небо, вода и подземје. Таков е случајот со медитеранските религии каде како врховни богови се изделуваат Зевс/Јупитер/Диос (небо), Посејдон/Нептун (вода) и Ад/Плутон/Диспатер (подземје).

Зевс, Посејдон и Ад

Зевс, Посејдон и Ад

Кај континенталните европски религии имаме поразлична ситуација. Наместо врховни богови кои владеат со одреден космолошки под-свет, таму се издвојуваат најпочитувани богови, со кои може да се идентификува одреден социјален слој. Па така, имајќи ја во предвид грубата социјална поделба на европските континенталните опшества на свештеници (духовни водачи), воини и фармери, во овие митологии најпочитуваните три богови имаат улога на заштитници на тие слоеви.

Така, во нордиската митологија како најпочитувани три богови се изделуваат Один, Тор и Фреј. Один претставува врховниот нордиски бог-творец (свештеник), Тор е богот громовник со воен чекан (воин) и Фреј е богот на плодноста и вегетацијата (фармер).

Odin, Thor and Frey

Дел од шведска таписерија од 12 век на која (од лево кон десно) се прикажани едноокиот Один, Тор кој држи чекан и Фреј кој држи пченица.

Фреј, Один и Тор во илустрација на Вилхелм вон Каулбах од 1843

Фреј, Один и Тор во илустрација на Вилхелм вон Каулбах од 1843 година

Во оваа митологија се препознава уште едно тројство, кое потсетува на христијанската троичност. Имено, тука се среќаваат тројцата богови-браќа кои го создале светот од телото на џинот Имир: Один (ценрална фигура, трансцендентално знаење, творец – потсетува на христијанскиот Отец), Вили (волја, желба – потсетува на христијснкиот Син) и Ве (нумен, духовна сила – потсетува на христијанскиот Свет Дух).

Один, Вили и Ве го создаваат светот

Один, Вили и Ве го создаваат светот

Во словенската митологија пак, имаме симбиоза на трите најпочитувани божества: Сварог (творец-свештеник), Перун (громовник-воин) и Велес (фармер) во троглавиот бог Триглав.

Скулптура на Триглав во Волин, Полска.

Скулптура на Триглав во Волин, Полска.

Во словенската митологија се среќаваат и богот Световид со четири лица, како и богот Рујевит со 7 лица.

Swiatowid_(cult_statue)-_Kraków_2013

Збручскиот столб (идол на Световид) од 9 век во Археолошкиот музеј во Краков, Полска.

Иста ситуација како кај словенската митологија имаме во келтската митологија каде Теутатис (творец-свештеник), Таранис (громовник-воин) и Есус (фармер) се обединуваат во Лугус.

Lugus_MuseeStRemi_Reims

Претстава на Лугус пронајдена во Ремс, Франција.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>