«

»

Sep 03 2014

Божиците газдувале со Цареви Кули пред 7 милениуми

За ова сведочат над триесетина женски фигурини пронајдени на локалитетот кои во литературата се познати како Божици на плодноста. Целата култура изобилува со богата иконографија, развиен симболизам и графитни декорации.

bozhicite-gazduvale-so-carevi-kuli-pred-7-mileniumi-167526

На локалитетот Цареви Кули кој се наоѓа веднаш над градот Струмица во моментот се вршат археолошки истражувања, а досегашните откритија зборуваат дека се работи за простор на кој се живеело и пред 7 милениуми. Со ископувањата кои се спроведени во минатите 7 години, како дел од капиталните проекти на Владата на Р. Македонија, локалитетот Цареви Кули се вбројува во еден од најдобро истражените локалитети во Југоисточна Македонија.

“Благодарејќи на интензивните истражувања добивме сознанија за пластовите кои се таложеле во изминатите 6.500 години, формирајќи историски процеси кои досегаат се до бакарното време – халколитот. Најстарите слоеви се движат се до 5. милениум пр. н.е, време кога човештвото за прв пат овладува со металуршките процеси и започнува со употребата на бакарот во изработката на алатките. Беа пронајдени и остатоци од праисториската населба распрострена на Југоисточната падина. Целиот инвентар во објектите, заедно со остатоците на архитектура, манифестираат една култура која во текот на раниот халколит самостојно се развивала во течението на реката Струма”, објаснува Зоран Рујак, раководител на истражувањата.

Според Рујак, во тоа време женскиот принцип се уште доминира во религијата за што сведочат над триесетина женски фигуринки пронајдени на локалитетот кои во литературата се познати како Божици на плодноста. Целата култура изобилува со богата иконографија, развиен симболизам и графички декорации.

bozhicite-gazduvale-so-carevi-kuli-pred-7-mileniumi-167528

“Веднаш над слоевите од времето на халколитот се појавија слоеви од раната бронзена епоха, и што е позначајно, засега првите манифестации на средната бронзена епоха во Македонија. Со оглед на материјалната култура од тоа време можеме слободно да тврдиме дека овие манифестации имаат културно единство со северните делови на Егејот, се до Троја на Истокот”, додава Рујак.

Тој накратко ни ја раскажа и бурната историја на овој локалитет кој изобилува со голем број податоци и артефакти. Така, додава, добиени се значајни сознанија и за најраните почетоци на градот Струмица, кои сега се поместени кон крајот на 5 и почетокот на 4 век пр. н.е, во времето на владеењето на македонскиот крал Аминта Трети. Во текот на македонско-хеленистичката епоха на локалитетот се забележуваат активности кои ќе траат и во времето на римскиот републикански, империјален, доцноантички и рановизантиски период. Во доцноантичкиот период се подига и првото утврдување, некаде кон крајот на 3 и почетокот на 4 век.

“Во средновековниот период (крајот на 11 и почетокот на 12 век) се подига и второто утврдување кое го опкружувало целото плато на ридот. Наместа се подигнати одбранбени кули, а во средината на тврдината и една повисока полигонална кула која служела како команден центар на одбраната. Насекаде низ внатрешноста беа истражувани објекти за домување на екипажот на тврдината: цистерни за вода, ковачници, црква итн. За време на Османлиското царство, некаде во 15 век, тврдината ќе биде повторно зајакната, за подоцна, во 16 и 17 век, да биде речиси целосно запуштена, за што сведочи и патеписецот Евлија Челеби. Од тоа време ќе послужи како суровинска база за градење на станбените објекти во градот Струмица и затоа забрзано ќе почне да се руши.

Тврдината ќе биде во некаков вид на употреба се до Втората светска војна кога кон крајот на војната 1944 год. овде ќе се укрепи една германска единица”, раскажува Рујак. На овој локалитет и денес се забележуваат остатоците од средновековната тврдина која го штитела градот во текот на бурните времиња.

Автор: Д.Т.

Текстот е превземен од Вечер.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

1 comment

  1. Vasil

    Vidi ja ti božicava – so dva lava kako kučenca pokraj nejze!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>