«

»

Jun 28 2013

“Чао бе Рим”

Гостинска статија на Јулија Митревска – ученик во СОУ “Св. Климент Охридски” – Охрид

ПОСЛЕДНИТЕ ВЕКОВИ НА РИМСКИОТ ПРЕСТОЛ

Поради честите напади на варварските племиња, многубројните бунтови и востанија на населението, а и за да се обезбеди подобра контрола врз огромната Римска Империја во 286 г.н.е., Диоклецијан ја подели на два дела: Источно Римско Царство, со центар во Никомидија, и Западно Римско Царство, со центар во Рим.

Тетрархијата (четиривластие) веше воведена како ново уредување. Така, азискиот дел на империјата, вклучувајќи ги Тракија и Египет ги управуваше Диоклецијан. Балканот, и подунавските делови му припаднаа на Галериј. Италија, Реција и Африка беа под власт на Максимијан. А Галија, Шпанија и Британија ги управуваше Констанциј Хлор (Флор). По овој настан, владееле повеќе владетели, најчесто еден од нив со истокот, а другиот со западот.

Последниот владетел на обединета Риммската Империја е Теодосиј Први. Но неговата ненадејна смрт, во 395тата година претставува и последна официјална поделба на царството, чии терирории никогаш повеќе не се соединиле. Следејќи го течението на реките Дунав и Дрина во Европа, па се’ до ‘ртот Сирт во Северна Африка, границата [1] го делеше Царството на две половини; западно од оваа замислена граница владееше Хонориј, а источно – Аркадиј. По поделбата, царевите на запад владееа од Милано, а подоцна од Равена. Додека на истокот, престолнина беше стратешко-утвредниот град, на бреговите на Босфорот – Константинопол.

Симнувањето на Ромул Августул од престол, на 4ти септември (476г.), како и смрта на последниот титулски цар – Јулиј Непот во 480 г., ја испишаа последната страница од историјата на Западното Римско Царство. А по нив, Варварите, ја запечатија книгата, со смртоносен печат, што засекогаш го измени Рим, а со тоа воедно се стави икрајот на летописите за Стариот и започнаа да се испишуваат страните од Средниот Век.

[1] според мене, нелогично е една замислена линија да дели неспоредливо огромна, територијално
поделена, но суштински целосна Империја.

КОГА ЦАРОТ, УМИРА УБИЕН ОД СВОИТЕ СЛУГИ

Варвари. Зарем тоа не беа талкачите кои секогаш губеа во своите битки, војувајќи безтактички? Да, оние кон кои Римјаните постојано гледаа со потсмев, зашто ги сметаа за неуки, со што со право би рекла дека споредувани, изгледаат како слуги спрема цар. Но на крај, слуги кои го убиваат наивниот цар. (конкретно, се задржувам на описот на Хуните, како највлијателен номадски народ за падот на Западната Римска Империја).

Хуните (номадски народ од моногло-туркенистанско потекло. „Тие во храна не знаат ни за печено, ни за зачини..никогаш не се служат со плуг; не живеат нити во куќи, нити во колиби. Вечно талкаат по шумите и планините, постојано го менуваат живеалиштето, или подобро да се каже, и го немаат, тие од детството се свикнати на секакви непогоди: на студ, глад и жед. Нивните стада во тоа селење одат по нив влечејќи ги колите во кои се нивните семејства“- Амијан Марцелин) во североисточна Кина во четвртиот век п.н.е. формираа племенски сојуз кој обединуваше 24 родови, кој во кинеските пишани извори е наречен Империјата Хуну. Во вториот век н.е. овој народ стана значаен фактор во историјата на средноазиските и источноевропските области. Под притисок на нивните источни и јужни непријатели – тунгускиот народ Сиен-Ги од исток и династијата Хан во Кина од југ, еден дел од хунските маси се население започнаа да се развужуваат на запад кон Аралското и Каспиското Море. Во почетокот на третиот век Хуните продреа во европската Сарматија и Подкавказието, каде до средината на четвртиот век успеаа да ги потчинат поголемиот дел од сарматското племе Алани, а другиот дел го принудија да се повлече на запад, во централна Европа, помеѓу реките Тиса и Дунав. На тој начин околу 350-та година, на териториите помеѓу реките Дон и Волга и планината Кавказ се формира големиот племенски воен сојуз на Хуните. Западно од него се наоѓа племенскиот сојуз на Остроготите. Во 375 г. изби жестока битка во која Хуните ги поразија на Остроготите и го ликвидираа нивниот племенски сојуз.

Покорувајќи ги Остроготите, Хуните го продолжија своето освојувачко движење кон запад. Во исто време тие презедоа напади и кон југ, во Азија, на Кавказ, а продреа дури до Сирија и на Балканскиот Полуостров (во Тракија) и стигнаа до Константинопол. Основаа широк племенски сојуз со средиште во Панонија и ги соединија кон себе племињата: Остроготи, Гепиди, Скири, Хазари, Анти и др. Власта на тој сојуз се протегаше на исток до Волга. Многу хуни стапуваа во војските на римските императори и служеа во трупите на Аециј и Стилихон. Руа, односно вујкото на Атила добил римска воена титула, со годишна плата од 350 фунти во злато.

КАМШИКОТ БОЖЈИ

Некаде околу 433 год., Хуните, кои во првите децении на петтиот век беа познати пљачкосувачи и наемници, се обединија под власт на Атила и Блида, синовите на Мундиох. Веќе во 441 г. тие ги разорија Виминациум и Сингидунум и во своите напади стигнаа се’ до околината на Константинопол. Новост за Римјаните беше тоа што Хуните, за разлика од другите варвари, добро го познаваат користењето на справите за опсада, што им помогна да ги завземат големите и добро утврдени градови на римскиот Балкан. Во 443 г. Атила го тргна својот брат и од тогаш завладеа со разновидни варварски племиња (Готи, Скири, Сармати, Словени.. ) од Дунав до Кавказ. Накратко кажано, царството на Атила претставуваше невидена варварска империја во која Хуните беа само еден, но пресуден и одлучувачки фактор.

Атила неизменично го ограбуваше Балканот. Во 445 г. Атила го ликвидира својот брат Блида и продолжи да владее самостојно. Во 447-та година, Атила повторно тргна на југ преку Мизија. Римската војска предводена од Арнегисклус се сретна со Хуните кај реката Вид и беше поразена, но им нанесе тешки загуби на Хуните. Немајќи војска пред себе, Хуните успеаа да се пробијат до Термопилите. Самиот Константинопол го спаси перфектот Флавије Константин кој ја организира обновата на Теодосовиот ѕид, кој претходно веше оштетен од земјотрес, а на некои места беа изградени и нови утврдувања. Атила како услов за мир побара Византијците да продолжат со плаќање на данокот што тој сам им го наложи, и да ја повлечат византиската војска од пограничните територии со Хунскиот племенски сојуз. Преговорите траеа околу 3 години. На хунскиот договор во 448 г. беше испратен византискиот пратеник Прист. Тој повеќе пати со својата дипломатска активност успеа да го разубеди Атила во намерата да ги продолжи своите ограбувања и освојувања на териториите на Источното Римско Царство. Балканскиот Полуостров беше сосема уништен, а финансиската моќ на Византија – исцрпена кога Атила најпосле тргна на Запад.

Бидејќи на Балканот многу малку остана за ограбување, а Хуните без флота не можеа да се префрлат во богатата Мала Азија, Атила реши да тргна во поход на Западното Римско Царство. Но сестрата на Валентијан, Хонорија, одби да се омажи за сенаторот што и’ го одбра брат и’, па на Атила му го испрати својот прстен со печат и го замоли да ја заштити. Овој инцидент хунскиот крал го протолкува како брачна понуда и како мираз ја побара половината од Царството. Истовремено му пиша писмо на Аециј, кој веројатно му бил стар познајник, дека доаѓа да ги казни непријателите на Царството. Атила собра огромна варварска војска, која освен од Хуни, беше составена од Готи, Херули, Скири, Гепиди.. додека Аециј, исто така, собра шаренолика војска во која имаше Римјани, Бургунди, Салиски, Франки, Келти од Бретање, а на која, со посредство на галскиот сенатор Авит, и’ се придружи и визиготскиот крал Теодорик Први со своите луѓе. Во април 451 г. војската на Атила упадна во Галија, разори неколку градови на северозападот и потоа се обиде да го заземе Орлеан за да обезбеди сигурен премин преку Лоара. Аециј ја прекина опсадата и тргна да ја брка војската на Атила на исток. На Каталаунските полиња, (недалеку од денешниот град Троа) дојде до тешка битка меѓу двете војски со нерешен исход. Резултатот од битката беше натамошното повлекување на Атила, но и согласноста на Аециј понатаму да не ги брка Хуните, кои во толку многу претходни прилики му беа корисна противтежа со другите варвари.

Хуните непречно се вратија во Панонија и Атила уште наредната година упадна во Италија. Походот на Италија, во 452 г. се претвори во низа опсади и војниците на Атила разорија неколку големи градови, вклучувајќи ги и царските ризници Аквилеја и Милано. На Атила му се отвори патот кон Рим, но набрзо прими високи римски претставници меѓу кои и папата Лав Први. Хунскиот крал прими богата откупнина и се согласи да се повлече во Панонија. Атила се врати во Панонија, и во почетокот на 453 г. умре на една од своите бројни брачни прослави. По неговата ненадејна смрт, неговото огромно царство се распадна.

Готите (источногерманско племе кое води потекло од Скандинавскиот
Полуостров) започнаа да се разместуваат, и најпрво ги населија јужните делови на Шветска и островот Готланд. Кон средината на првиот век пред нашата ера, тие ги напуштија овие првобитни територии и се спуштија кон југот. Во времето на Тацит, главно живееа на териториите по долното течение на реката Висла и натаму на исток долж брегот на Балтичкото море. Кон средината на вториот век, Готите започнаа постепено да се поместуваат на југоисток, кон Црното Море, и се населија во басенот на Дњестар и Долно Поднепровје. Во третиот век (околу 291 г.) беше извршена конечната поделба на Готите на Источни и Западни, односно на Остроготи (Грејтунзи или Степски Готи) и Визиготи (Тервинзи или Шумски Готи). Остроготите ги населуваа териториите источно од р. Дњестар, северното крајбрежје на Црното и Азовското Море, а Визиготите териториите помеѓу Дњестар и Долен Дунав. Во овие простори, Готите превземаа напади врз териториите на Римското Царство по копно и по море.

ДОЈДОВ, ВИДОВ, ПОБЕДИВ II

Готскиот крал Алариј поминувајќи ги Алпите во 408 г. , го завзеде Рим, и го натера сенатот за тоа да плати откуп. Аларих, исто така беше подготвен на компромис од римскиот цар да попушти, Готите да се населат близу провинцијата Норик и да се снабдуваат со годишно количество жито што ќе го одреди Хонориј. И овојпат царот остана неумолив и во 409 г. Аларих повторно го опседна Рим, за да може со тоа повеќе да го уцени на Хонориј, но наместо договор, Аларих беше нападнат од Римскиот одред. Овој настан создаде таков бес во срцето на Аларих, што изврши тридневен грабеж во Рим, а на крајот и го запалил.

ЗБОГУМ РИМ, ТИ БЛАГОДАРИМЕ ЗА ТВОЈАТА ЛЕКЦИЈА

На 19ти Ноември 461 г. нов западноримски цар стана Либиј Север. Против ваквиот избор за цар се побуни врховнниот командант во Галија Егдиј, но исто така и источноримскиот цар – Лав Први, којшто одби да го признае на Либиј. Поради тоа, во 465 г. Либиј е тргнат од престолот и започнаа преговорите помеќу Рицимер и Лав.

Со тоа, во 467 година за нов цар се прогласи источноримскиот војсководач Антемиј кој набргу во придружба со илирските одреди на Маркијан стигна во Италија. Одредите на Маркијан повторно ја завзедоа Сицилија, а потоа и Сардинија. Во 468 г., под команда на Василиси, од Цариград тргна флота од 1000 бродови и околу 30 000 војници за да го завземат градот Утика, а од таму да тргне во напад по копно на вандалската престолнина Картагина. Но вандалите, запалија голем дел од бродовите, а експедицијата претрпе голема катастрофа. Поголем број од војниците и морнарите се удавија во морето, а еден дел беа заробени. Овој неуспех на римскиот поход над вандалите од 468 година се смета за настан кој конечно ја запечатува судбината на Римското Царство. Па така, Антемиј сега владее само со Италија и Сицилија. Директно, додека царската власт ја призна и северна Галија. Според житието на Св. Северин, кое монахот Евгипиј го состави во 510 год., јасно се гледа како пари од царкста ризница престанале да пристигнуваат, а војската во Норск почнала да се намалува и од војници започнале да се префрлаат на земјоделци и занаетчии. Па така, Антемиј не беше во можност да ги брани римските територии северно од Алпите.

Братот на Теодорик, Еурих го искористи неуспешниот поход против Картагина и ја прошири власта на Визиготите до реката Лоара на север. Градовите Арл и Марсеј се уште беа надвор од дофат на Варварите, но Еурих скоро секоја година го опседнуваше, се’ до 473 г. Визиготите го завзедоа медитеранскиот брег на Хиспанија. Последен обид на Антемиј да организира поход на Визиготите заврши со пораз во 471 година, за да во 472 Рим да е опседнат од Рицимер кој го погуби на Антемиј. По смртта на Антемиј за цар се прогласи Олибриј кој владееше многу кратко (почина истата година, 472 г. ). После тоа, за цар се прогласи Глицериј во 473 г. но тој не беше прифатен во Цариград, а Лав му одобри на командантот на илирската војска – Јулиј Непот ад го завземе западноримскиот престол. Во 474 г. Јулиј Непот се истовари во римското пристаниште Остијаи без борба влезе во Рим, а Глицериј го напушти престолот и замина за Далмација, во Салона (денешен Сплит).

За време на римските судири, и Јулиј Непот, варварското кралство на запад зајакна [2]. Во 474 г. Јулиј Непот му ги призна на Еурих освојувањето во Галија и Хиспанија. Непот исто така ги препушти и градовите кои им се спротиставуваа на Визиготите, во замена за прованса. Истата година, Лав го призна освојувањето на Гејсерих со што Византија практично се откажа од понатамошните потфати на запад. Во 475 г. Непот кој не беше популарен во Италија ја напушти и се врати во Далмација. Во 475 год. Орест го прогласи својот син Ромул Августул за цар, кој сеуште беше дете на околу 10-годишна возраст. Превратот на Орест не беше прифатен во Константинопол нити во Галскиот Соансон. Орест немаше пари за да ја плати војската која го направи превратот. Варварските одреди кои стапија во служба на Рим по распадот на Царството на Атила бараа барем да им се подари земја во Италија. Но набргу дојде до побуна предводена од поглаварот на Скирите од Одоакар во 476 година. Младиот цар Ромул беше симнат од престолот и испратен на имот во Кампанија. Во практика Одоакар беше независен владател и прв варварски крал во Италија т.е. во древниот центар на Римското Царство. Одоакар ги обезбеди своите војници и прати делегација во Константинопол кај царот Зенон. Во исто време Зенон прими делегација и од Јилиј Непот. Зенон го имени Одоакар за патрициј, т.е. царски намесник во Италија. Со договорот Јулиј Непот требаше да стане западноримски цар, но Одоакар беше против тоа и во 480 година Непот беше отруен по налог на Одоакар. Со смртта на Непот,
заврши низата од западноримски цареви. А симнувањето од престолот на Ромул Августул се смета за пресвртен момент…

[2] кога двајца се караат, третиот користи

РЕЗИМЕ ЗА ПАДОТ НА РИМ

Многумина, поимот „падот на Западна Римска Империја“ го сметаат за една обична „приказна“ за тоа „како овој цар трпи ограбувања и пожари, се’ додека не добил облик на слуга“, нажалост, несфаќајки ја суштината на загубата и пропаста.

Ретко кој би сфатил дека овие страници кријат многубројни прашања, но на сите нив, крајниот одговор е еден ист: ништо што е земно не трае вечно, дури ни најмоќното царство, та затоа оној кој се родил во овој свет, нека не мисли дека се родил само затоа да се насладува во неговите радости, зашто ако тоа беше целта на раѓањето, тој не би ни умирал. Да, тоа се страници обвиени со мистерија: како една огромна империја, која победила силни
војски и покорила моќни цареви, најпосле е поразена од вандали, кои просто кажано, долго време не знаеле како да го користат оружјето, наспроти Римјаните, кои од најмали нозе веќе ги знаеле сите воени техники. Сепак, пристапот кон овие настани не треба да претставува разочарувачки и носталгичен, зашто ниедна врата не се затвора без претходно да биде отворена нова капија. Па така, смрта на оваа империја, отстапила простор за раѓање на нова, Византиска Империја, чија сила и слава, продрела до сите краишта на Вселената (се разбира, ова е кажано во Метафорична смисла, зашто Америка и Австралија во тогашниот свет
сеуште биле непознати). Не за џабе се рекло: Сите патишта водат во Рим, само внимавај на портите, можеби ќе те пречека Ханибал, кога најмалку очекуваш..А кога би се запрашала јас, кое е моето мислење за падот на Рим, би рекла само:

ИМПЕРИИТЕ СЕ РАСПАЃААТ, НО СЛАВАТА НИВНА ПРЕБИВА ДОВЕКА…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>