«

»

Jun 20 2014

‘Честитки господине, Вие штотуку го купивте Римското Царство!’

Низ својата повеќевековна историја, Римската Империја поминала низ голем број на турбулентни периоди, како од социјален, воен, така и од политички карактер. Една таква политичка криза се случила и во 193 година, позната и како ‘Година на петте императори’.

1-roman-senate

Се’ започнало со убиството на 17-от император Комодус на 31 декември 192 година. Ова убиство било организирано од тогашниот префект на Преторијанската гарда (личната телесна гарда на императорот) Квинт Емилиј Лаект, се’ со цел урбаниот префект на Рим – Публиј Хелвиј Пертинакс да дојде на престолот. Веќе следниот ден, 1 јануари 193 година, Пертинакс бил прогласен за император. Но, неговот владеење не траеше долго.

praetorian guard

Преторијанска гарда

Имено, на 28 март истата година, Пертинакс бил убиен од страна на Преторијанската гарда (пак истите… изгледа погрешно ја разбрале својата функција 🙂 🙂 ). Веднаш потоа била организирана аукција за престолот. Прв наддавач бил градскиот префект (наследникот на Пертинакс на оваа функција и негов тест) Тит Флавиј Сулпициан кој се нашол во кампот на Преторијанците и понудил дека ќе даде по 20 000 сестерции на секој римски војник. Во меѓувреме, информацијата за аукцијата стигнала до римскиот политичар Дидиј Јулијан, кој во тој момент се наоѓал на банкет. Јулијан веднаш отишол до кампот, но не му бил дозволен влез, па се наддавал однадвор, викајќи на цел глас. Тој понудил 25 000 сестерции за секој римски војник, по што Преторијанците веднаш ја затвориле аукцијата и го отпоздравиле со “Ave Caesar”. Така Дидиј Јулијан станал 19-от по ред римски император и втор за таа година. Но, и неговото владеење било кратко, само 9 недели.

didius julianus

Дидиј Јулијан

Веднаш откако Дидиј Јулијан бил прогласен за цар, тројца римски генерали: Песцениј Нигер во Сирија, Клодиј Албин во Британија и Септимиј Север во Панонија, секој со по три легии под негова команда, се прогласиле за императори. Оној кој бил најблиску, Септимиј Север се упатил кон Рим, каде не наишол на никаков отпор од Преторијанците. Сенатот го прогласил Север за нов император и го осудил Дидиј Јулијан на смрт. Јулијан бил убиен на 1 јуни. Според римскиот сенатор и историчар Касиус Дио, последните зборови на Дидиј Јулијан биле: “Но, какво зло имам јас направено? Кого имам јас убиено?”.

septimius severus

Септимиј Север

Откако ги консолидирал своите сили, Септимиј Север му се спротивставил на Песцениј Нигер, кого конечно го победил во 194 година. Потоа, во 197 година го победил и последниот противник – Клодиј Албин. Септимиј Север останал на власт се до неговата смрт (природна) во 211 година.

Римската Империја во 200 година

Римската Империја во 200 година

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>