«

»

Jul 05 2013

Демонските воини на античкиот свет

Една од клучните работи во војувањето е да се влее што е можно повеќе страв кај своите противници и со тоа да се намали нивниот борбен морал, а тоа значи драстично зголемување на своите шанси за победа. Ништо не било поразлично ниту во антиката. Но малку се оние племиња и народи од оваа епоха на човечката историја кои можат да се споредат во тој сегмент од борбената стратегија со воините од античкото германско племе Харии. Имено, се работи за племе кое припаѓа на пошироката Лугијска племенска конфедерација која ги населувала териториите помеѓу реките Висла и Одра (денес голем дел од територијата на Полска). Во науката сеуште постои полемика за нивното етничко потекло, дали се работи за исклучиво германски народ или за некоја германско-словенска мешавина, но поради фактот што населувале дел кој во тој период се сметал за дел од пошироката област Германија, се сметаат како едно од античките германски племиња.

Лугијската племенска конфедерација (зелено)

Но причината поради која Хариите добиле свое место во познатото дело на римскиот историчар Тацит – “Германија”, а со тоа и во светската историја е нивниот начин на војување. По ова прашање Тацит запишал вака:

“Хариите се најсилни од сите племиња кои предмалку ги набројав. Покрај тоа што се диви по природа, суровиот изглед понекогаш го нагласуваат со боење на телото. Имаат црни штитови и обоени тела; за напад избираат мрачни ноќи, па во тој морничав мрак сејат ужас како војска од мртовци. Ниеден непријател не може да ја издржи оваа необична, пеколна глетка; во секоја битка, очите најпрви се прелажуваат.”

Некои го поврзуваат овој начин на војување со античкиот германско-нордиски мит за “Дивиот Лов” според кој пред секоја голема катастрофа или војна, на небото или на земјата се појавува демонска ловечка дружина која е во луда потрага по нешто и дека секој што ќе ги види ќе биде убиен од нивна страна.

“Дивиот Лов” насликан од страна на Фридрих Вилхелм Хајн

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>