«

»

Jun 16 2014

Голем агријански град се наѕира кај Младо Нагоричане

Досега не е откриено нешто поголемо и побогато од овој период. Во ниедно наоѓалиште од тоа време нема толку богат културен хоризонт. Во континенталните предели всушност нема артефакти и градови од раната антика. Затоа ова откритие е од особено значење за нашата археологија, вели Лилчиќ.

_DSC0634

Дел од јонски капител од 4 век пр. н. е. Досега во Македонија не е откриен јонски капител од тој период

Високоцивилизиран и богат пајонски град се наѕира на локалитетот Градиште, во атарот на Младо Нагоричане, Кумановско, велат археолозите. Локалитетот, кој се наоѓа на 1,3 километар од магистралниот пат Куманово – Крива Паланка, поради своето значење влезе во капиталните владини проекти од областа на археологијата за 2014 година.

Се работи за значаен град на пајонската цивилизација – Агријаните од раната антика, на површина од околу еден хектар, со извонредно богати културни хоризонти.

– Локалитетот интензивно се проучува веќе еден месец. Станува збор за голем и богат пајонски град, кој бил истражуван уште пред 15 години. Како директор на Управата за заштита на културното наследство се потрудив повторно да го насочам вниманието на него. Тој го заслужува тоа бидејќи станува збор за капитален археолошки локалитет, кој лесно може да прерасне во туристичка атракција. Особено и поради тоа што се наоѓа блиску до магистралата – вели Виктор Лилчиќ, директор на Управата за заштита на културното наследство.

При досегашните површински истражувања се собрани прелиминарни податоци, кои говорат за постоење на неколку цивилизациски и културни слоеви. Пронајдени се голем број артефакти, почнувајќи од железното време, од класичниот раноантички, но и од хеленско-римскиот период.

Овој град на старата пајонска цивилизација Агријаните од неколку причини претставува вистинска цивилизациска ѕвезда.

– Досега не е откриено нешто поголемо и побогато од овој период. Во ниедно наоѓалиште од тоа време нема толку богат културен хоризонт од периодот на раната антика, па сѐ до доцната антика. Во континенталните предели всушност и нема артефакти и градови од раната антика. За нашата археологија е од особено значење да докажеме дека имаме голем град од тој период покрај скопско Градиште и Исар, Студеничани – вели Лилчиќ.

Археолошките ископувања сега се одвиваат во секторот на акрополата, и тоа во источниот дел. Досега се откриени извонредно репрезентативни делови од луксузна раноантичка станбена архитектура: простории, влезови, скалила, клоака – одводен канал, садова керамика, квалитетна камена архитектонска пластика, делови од канелирани столбови, дел од раноантички јонски капител, монети и др.

– Со ова докажуваме колку во длабочината на територијата на Република Македонија допрела источномедитеранската цивилизација, која ја нема во археолошките слоеви на соседните држави и која потекнува од Персија, Египет, Мала Азија и која подоцна ја презеле Грците и Македонците. На оваа почва имало импозантни градови, кои допрва треба да ги откриваме – вели Лилчиќ.

Голем дел од овој агријански град наскоро се очекува да го види светлото на денот, а за неколку години тој би можел да биде отворен и за посетители.

– Средствата што се одвоени за овие истражувања, сепак, се ограничени. За еден и пол месец ќе се отвори источниот дел од акрополата, а следната година другиот нејзин дел. Ако имаме средства, целиот град ќе го отвориме до 2015 година, а за 2-3 години ќе можат да го посетуваат и туристи. Артефактите ќе се конзервираат и ќе се изложат најверојатно во Кумановскиот музеј – најавува Лилчиќ. 

Организацијата на истражувањата се спроведува преку Музејот на градот Куманово. Раководител на истражувањата е проф. д-р Марјан Јованов од Филозофскиот факултет во Скопје, од Институтот за историја на уметност и археологија. 

Со ова истражување, како што подвлекуваат археолозите, се отвора нова страница во археолошките истражувања на најсеверното пајонско племе Агријаните.

Се претпоставува дека овој агријански град бил уништен во силен пожар околу 279 г. пр. н. е. при пробивот на Келтите од Панонија, кои на својот поход низ срцето на Балканскиот Полуостров уништиле многу населени места низ Повардарјето. Ова сознание го потврдува и малиот трезор со 13 сребрени монети на пајонскиот крал Авдолеон, откриен во почетокот на минатата година на просторот под акрополата, за кои се претпоставува дека биле добро скриени непосредно пред келтскиот пробив.

Nagoricani-lokalitet

Локалитетот интензивно се проучува веќе еден месец

Кои биле Агријаните?

Централниот дел на Балканскиот Полуостров во предисторијата и раната антика го населувале пајонските племиња. Во класичниот период некои од нив се здружуваат и го создаваат моќното кралство Пајонија. Најсеверното пајонско племе, Агријаните, создало сопствено кралство, што се ширело на териториите на Скопско, Кумановско, јужните предели на Косово, Полог, Кривопаланечко, Ќустендилско. Нивниот крал, според историските извори, во 335 г.пр.н.е. му помагал на Александар Македонски и оттогаш датира големото пријателство меѓу Агријаните и Македонците. Тоа бил најверниот народ-сојузник на античките Македонци и најсеверните чувари на раноантичката медитеранска балканска цивилизација. Најлојалните и најборбени војници-специјалци во македонската војска на Александар Трети Македонски потекнувале токму од Агријаните.

Автор: Мимоза Петревска Георгиева
Текстот е превземен од Нова Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>