«

»

Jun 21 2014

Големо археолошко откритие во скопско: Во Македонија нема Дарданци, ниту Трибали, тука живееле Пајонци

Пајонски гроб од 8 и 7 век пред новата ера открија завчера археолозите ископувајќи го античкиот театар на Скупи кај Скопје. Покрај покојникот, во керамички сад тие открија бронзена наочареста фибула – безопасна игла, типична за Пајонците и култен предмет – сончев диск. Археолозите вчера се обидоа полека, внимателно, да го извадат од садот и успеаја до половина. Но, кога видоа дека станува збор за поголем кружен предмет, не сакаа да ризикуваат и оставија конзерваторите да ја завршат својата работа.

Големо археолошко откритие во скопско - Во Македонија нема Дарданци, ниту Трибали, тука живееле ПајонциРаководител на ископувањата е Антонио Јакимовски, професор на катедрата за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Тие се одвиваат во соработка со Музејот на град Скопје и се дел од капиталните проекти на Владата.

Според Јакимовски, и досега било регистрирано железното време на територијата на Скупи, но првпат на театарот се појавува гроб од железно време.

– Имаме голема среќа. Гробот не бил оштетен кога биле копани темелите на театарот ниту бил разградуван ниту во доцноантичкото и во средновековното живеење и погребување – вели Јакимовски.

Голема населба на Зајчев Рид

Според карактеристиките, гробот датира од 8 и 7 век пр. н.е. и укажува дека станува збор за пајонско население. Јакимовски вели дека со овие и со претходните истражувања на Скупи на скопското Kале и со последните истражувања во Kумановско се’ повеќе паѓаат во вода поранешните тврдења.

– На оваа територија нема ниту Дарданци ниту Трибали. Нема никаква материјална култура од нив, но ги има Пајонците. Тие тука живееле. По нив доаѓаат и своја власт поставуваат и Македонците. Материјалната култура зборува за тоа – вели Јакимовски.

Истражувањата во Македонија во последните години се’ повеќе ја откриваат материјалната култура на Пајониците. Според Јакимовски, најсеверните траги од нив се регистрирани на територијата на денешна Србија, на калето Kршевица, кај Врање, каде што одамна е регистрирано пајонско население, кое се нарекувало Агријани.

– Постојат записи од 2 век пр. н.е. дека Пајонците особено го почитуваат сонцето, го сметаат како соларен култен симбол. Засега пронајдовме само еден гроб. Но, од порано постојат индиции дека горе на акрополата на Зајчев Рид била населбата, а некрополата е на рамниот дел. Можно е да има и повеќе гробови – вели Јакимовски.

Ја населувале и денешна Северна Грција

Пајонците ги закопувале своите покојници. Пронајдениот гроб не е добро зачуван – недостигаат рамото и главата, кои биле зафатени кога бил копан темелот на театарот.

– Но, погребните дарови кажуваат се’. Тие се сосема доволни за датирање, одредување на потеклото и за материјалната култура на човекот. Тој бил Пајонец. Ова се докази што ни кажуваат за етничкото потекло на луѓето што живееле тука во железното време, пред 2800, пред 3000 години – вели Јакимовски.

Пајонците биле старо палеобалканско племе, кое ги населувало териториите по целата долина на Вардар. Јакимовски објаснува дека големиот број некрополи го потврдуваат тоа.

– Влегуваат и на територија на денешна Грција. Ја населувале територијата до морето, а сега знаеме до каде биле населени и на север. Kога почнале да се шират Македонците, почнале да ги потиснуваат Пајонците. По 217 година пр. н.е. Филип Петти ја анектира Пајонија на Македонија и тогаш таа престанува да постои како управна единица. Пајонците продолжуваат да егзистираат во рамките на Македонија, но многу е тешко целосно да се избрише еден код – вели Јакимовски.

Автор: Весна И. Илиевска
Текстот е превземен од Дневник.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>