«

»

Jan 31 2014

Последниот Викинг

Викиншката доба (8 – 11 век н.е.) претставува една од најинтересните епизоди во средновековната европска историја, епизода која секогаш предизвикувала голем романтичарски занес кај луѓето, епизода во која се појавиле голем број на “актери” кои оставиле свој траен печат врз минатото – Рагнар Лодброк, Ерик Црвениот, Лајф Ериксон… Но, секој добар филм мора да има свој епски завршеток, истото важи и за овој “филм” кој тоа и навистина го пружил преку ликот и делото на Харалд Сигурдсон Хардрада.

harald-hardrada-12

Харалд Сигурдсон, познат и како Харалд Хардрада (во превод “цврстиот владетел”) или Харалд III од Норвешка, бил роден околу 1015 година во Рингерике, Норвешка, како син на владетелот на Рингерике Сигурд Сир и Аста Гудбрансдатер. Во 1030 година, на само петнаесет годишна возраст, Харалд се борел заедно со својот полу-брат по мајчина страна Олаф Харалдсон (Олаф II од Норвешка) во битката кај Стиклестад против данскиот крал Кнут Велики, во обид неговиот полу-брат да го поврати норвешкиот престол (Олаф владеел со Норвешка од 1015 до 1028) кој го изгубил 2 години порано, но двајцата браќа доживеале пораз во кој Олаф бил убиен, а Харалд, кој во оваа битка се истакнал со својата храброст и боречка умешност,  се здобил со тешки повреди.

По поразот, Харалд морал да ја напушти својата земја и заминал во Киевското Царство на дворот на Јарослав I Мудриот, каде по одредено време се стекнал со воен ранг на кепетан. Потоа, во 1034 година Харалд се преселил во Константинопол и преминал во византиска служба, каде станал дел од познатата царска Варангиска Гарда (воена единица составена исклучиво од нордиски воини – платеници). За време на неговата византиска служба се издигнал во лидер на Варангиската Гарда и се борел на повеќе фронтови во Мала Азија, Сицилија, Северна Италија, како и на Балканот против македонското востание на Петар Делјан (1040-1041). Неговата единица имала одлучувачка улога за византиската победа во битката кај Острово во 1041, а според некои нордиски саги тој лично го убил Петар Делјан.

По смрта на императорот Михаил IV во декември 1041, Харалд учествувал и во дворските игри во Константинопол поради што бил и осуден, но сепак успеал да избега од затвор и повторно се вратил во Киев заедно со целото богатство кое го акумулирал за време на неговиот престој во Византија. По враќањето на дворот на Јарослав, тој се оженил со царевата ќерка Елисавета Јаролсавна во 1043/1044, брак кој не бил дозволен за време на неговиот прв престој во Киев под образложение дека Харалд не бил доволно богат, проблем кој сега веќе бил решен.

Отакако се стекнал со богатство и моќ, во 1046 година, Харалд се вратил во Норвешка и станал ко-владетел со синот на неговиот брат Олаф – Магнус I. По смрта на Магнус во 1047, Харалд останал како единствен владетел на Норвешка, која територијално ја обединил и ја владеел со “цврска рака”, а се прогласил и како крал на Данска поради што војувал против данскиот крал Свен II, но никогаш не успеал да го победи и да ја наметне својата власт врз Данска.

Harald_Hardrada111

По смрта на англискиот крал Едвард Исповедникот на 5 јануари 1066, Харалд се приклучил во борбите за англискиот престол против веќе крунисаниот Харолд Гудвинсон и Вилијам II од Нормандија (Вилијам Освојувачот). Харалд се вклучил во оваа борба по барање на братот на Харолд – Тостиг Гудвинсон кој истотака бил вклучен во борбата за англискиот престол. Харалд пристигнал во Англија со 10-15 000 војници и на почетокот го пљачкосувал крајбрежјето (како во старите добри викиншки времиња 🙂 ), a потоа се упатил кон градот Стемфорд Бриџ во областа Јоркшир. На 25 септември бил пресретнат од страна на Харолд Гудвинсон и неговата војска. Оваа крвава битка ќе биде и последната за Харалд “Цврстиот владетел”, кој ќе остане запаметен во историјата како последниот голем викиншки владетел. Што се однесува до исходот на војната, и покрај оваа победа, англискиот крал Харолд Гудвинсон на крајот ќе биде поразен во битката кај Хастингс од страна на Вилијам II од Нормандија кој ќе стане новиот крал на Англија.

Турбулентниот живот на Харалд Хардрада исполнет со битки на секое поле, неговата одлучност и непоколебливост во остварувањето на својата цел – да стане моќен владетел на Северот, цел која го водела и низ скандинавските фјордови и низ украинските степи, и низ малоазиските пустини и низ англиските полиња, борејќи се, живеејќи на работ на мечот, со право ќе му го донесе епитетот –Последниот Викинг.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>