«

»

Jun 19 2013

Хераклион – Изгубениот град под морето

Сигурен сум дека сте слушнале за Атлантида, изгубениот митолошки (?) остров со развиена цивилизација кој поради некаква природна катастрофа потонал под водите на Атлантикот, остров кој претставува една голема опсесија на голем број истражувачи кои целиот свој живот го поминале трагајќи по него.

Но дали некогаш сте слушнале за Хераклион ? Ако одговорот гласи не, тогаш оваа статија има за цел да ги промени тоа. 🙂

Имено, Хераклион, истотака познат под името Тонис, е изгубен античко египетски град основан околу 1200 години пред нашата ера, потонат под водите на Средоземното Море недалеку од Александрија, којшто оваа судбина ја доживеал некаде околу 6 или 7 век од нашата ера.

Важноста на овој град во антиката била огромна, тој претставувал едно од најголемите пристаништа во Медитеранот, град чија економија цветала благодарејќи на неговата трговска важност како порта која го поврзувала богатиот Египет со трговските автопати на Средоземното Море. Покрај тоа Хераклион е градот во кој била крунисана и последната египетска кралица (од македонско потекло) Клеопатра VII. Но важноста на овој град опаѓала пропорционално со растењето на соседната Александрија, се до 6 (или 7) век кога, најверојатно поради силен земјотрес, останал закопан под песокот и водата на Средоземното Море.

3D реконструкција на Хераклион

Исто како и Атлантида, долги години голем број на истражувачи и археолози барале некаква материјална потврда за неговото постоење, но попусто, по што голем број од нив ја изгубиле својата надеж и се откажале од понатамошно барање, тврдејќи дека градот претставува обична легенда.

Но, се се смени во 2001 година кога францускиот подводен археолог Френк Годио, сосем случано, трагајќи по потонатите бродовите на Наполеон од битката на Нил во 1798 година, откри артефакти кој ќе го доведат до едно од најголемите археолошки откритија на 21 век – Хераклион.

12 години подоцна откритијата од овој проект се спремни да бидат изложени на јавноста. Меѓу нив се наоѓаат колосални статуи од египетските богови и непознати фараони високи до 5 метри од храмот во Хераклион, истиот оној храм во кој била крунисана и Клеопатра. Потоа следуваат огромни плочи испишани со хиероглифи,  саркофази со мумифицирани животни жртвувани на боговите, монети и тегови од голем број на медитерански градови и остатоци од 64 бродови, најголемиот број на антички пловила пронајдени на едно место заедно со неверојатни 700 котви на неговото пристаниште.

Се надевам дека откритието на овој величествен град од антиката, заедно со сите артефакти пронајдени во него ќе влеат дополнителна надеж и поттик во срцата на голем број на истражувачи низ светот, кои ќе продолжат да не оставаат со подзинати усти со нивните неверојтни откритија кои можеби се кријат и под нашите сопстевни нозе.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>