«

»

Jul 11 2014

Хералдички бои

Еден од главните предмети на хералдиката е опишување на грбовите. Тој опис – “Блазон” ја преставува суштината на грбот, кој за хералдиката е поважен од ликовниот приказ – “Емблазон”. Процесот на опишување на грбот (пишување на блазонот) се вика блазонирање. Притоа блазонот мора да биде јасен и недвосмислен, така секој хералдички уметник да може да го емблазонира – ликовно да го престави токму тој грб.

Прв и основен хералдички елемент е штитот. Тој го преставува и основниот облик на грбот – односно малиот грб или често само – грб. Грбот се состои од поле (површината на штитот) или полиња доколку штитот е поделен, и хералдичка фигура.

Полето се карактеризира со боја. Боите можат да се престават на три начини: Со аплицирање на боја, со хералдичка шрафура (Петра Санкта) и со означување, кога се користат само букви (дадени во заградите). Боите на полето се делат на три групи:
1. Метали: Злато (З) (жолта) и Сребро (С) (бела);
2. Бои (тинктури, емајли): Црвена (Ц), Сина (Сн), Зелена (Зл), Црна (Цр) и Пурпурна (П)
3. Крзна: Хермелин и Верверица, како и Пердуви и Скргунки

Иако не може да се зборува за значењето на боите како нивна карактеристика, сепак низ историјата
се провлекуваат значења поврзани со боите:
Злато: Светост, трајност, Богатство, правда, милосрдие, разбирање, углед, храброст.
Сребро: Невиност, чистота, мудрост, радост.
Црвена: Крв, кралство, храброст, слобода, љубов.
Сина: Верност, постојаност, отменост.
Зелена: младост, растеж, плодност, здравје, убавина, надеж.
Пурпурна: Благочестивост, сувереност, умереност.
Црна: Тага, мудрост, цврстина, црква.

Крзната како карактеристика на полето потекнува од праксата дрвениот штит да се прекрива со разни видови кожи и крзна. Најзастапувани крзна се Хермелинот и Верверицата. Црните дезени на хермелинот ги преставуваат опавчињата на животните од кои се добива ова крзно. Има 4 видови на Хермелин:
1. Хермелинот е на сребрено црни опавчиња;
2. Контра Хермелинот е на црно бели опавчиња;
3. Златниот Хермелин преставува црни опавчиња на златно;
4. Пеон, златни опавчиња на црно.

Верверичката пак преставува крзно сошиено од кожи на верверички, каде белиот дел го преставува мешето на верверичката. Другиот дел традиционално е син. Според начинот на составување на поединечните крзна разликуваме неколку видови на Верверица: Верверица (5), Верверица во столб (6), Контра-верверица (7) и Верверица во крај (8). Постои и друг вид на верверица кога крзната на верверичката се во облик на буквата “т”(9). И таму се користи истата логика во називите.

heraldicki boi

Освен овие два вида крзно, понекогаш се употребуваат Скргунки (10) и Пердуви (11).

Покрај основните бои на полето постојат и два вида на хералдички шари. Едниот е кога полето е поделено повеќепати (12, 13). Вториот, пак преставува посеано поле (14, 15). Посеано поле е кога на полето се повторуваат голем број мали фигури кои тогаш не се сметаат како фигури туку како шара, односно како самото поле.

Законот на бои вели дека метал не се става врз метал, ниту боја врз боја. Ова е од причина што таквите комбинации тешко се идентификуваат од далечина, кое е една од целите и улогите на грбот.

Автор: Јован Јоновски

Текстот е објавен во списанието “Македонски Хералд”, број 2, издаден во мај 2007 година.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>