«

»

Jun 21 2014

И по 101 година продолжува потрагата по знамето од Тиквешкото востание

Според мемоарите на Цане Поп Kоцев од Kавадарци, учесник во Илинденското и во Тиквешкото востание, во 1949 година прво им било ветено дека запленетото знаме од Белград ќе биде вратено во Kавадарци, за потоа да им кажат дека изгорело во музеј за време на бомбардирањето на Белград.

И по 101 година продолжува потрагата по знамето од Тиквешкото востание

Поминаа 101 година од Тиквешкото востание, а потрагата по револуционерното знаме кое било симбол на тоа востание, не престанува. Тоа го потврдуваат и од кавадаречкиот музеј, од каде што се обидуваат да го пронајдат овој артефакт како значаен симбол од историјата на Тиквешијата и на Македонија.

– Еве, ова се спомените на револуционерот Цане Поп Kоцев од Kавадарци кој учествувал во Илинденското и во Тиквешкото востание, а во кои тој јасно пишува за потрагата по знамето од Тиквешкото востание, веднаш по ослободувањето на Македонија од фашистичкиот окупатор. Им било кажано дека музејот во Белград, во кој се чувало знамето изгорел при бомбардирањето на градот во Втората светска војна, а заедно со него изгорел и симболот на непокорот на луѓето од најлозарскиот регион на државата – вели Петре Kамчевски, историчар и директор на Музеј-галеријата во Kавадарци.

Самиот Поп Kоцев во 1949 година повторно се интересирал кај тогашните власти во Белград за судбината на вредниот артефакт.

– Ми обештаа дека ќе ми го дадат, но кога отидовме јас и еден поручник со наредба од командантот на градот, управникот на музејот се извини и рече дека во 1941 година со една мина од Германците бил погоден и тој музеј, па со сите предмети во него изгореле. И така ние не можевме да си го земиме и донесиме во Тиквеш нашето револуционерно знаме како наш историски факат – пишува револуционерот Поп Kоцев во своите мемоари.

Многумина Тиквешани, особено пошироко во Македонија, за востанието првпат слушнаа пред неколку години, кога по повеќе од деветдецениски молк тоа си го најде своето место во историјата. Пред 101 година македонскиот народ од овој регион се дигнал против српската власт, што ја окупирала Македонија по повлекувањето на турските сили по Првата балканска војна.

– Востанието траело седум дена. За тоа време биле избрани градска управа и извршна власт, а на општинската зграда се виорело тиквешкото револуционерно знаме кое претходно се веело и пред Илинденското востание. Со сигурност се знаат имињата на над 500 Тиквешани од Неготинско и од Kавадаречко кои биле убиени при задушувањето на востанието. Сепак, неофицијалната бројка на загинати која се споменува во записи од тоа време е околу 1.000 жртви – кажува Kамчевски.

На востанието му претходеле убиство на еден младинец кој јавно кажал дека не се чувствува како Србин и силување на млада невеста од Ваташа од страна на српски офицер. Била убиена и цела турска фамилија од педесетина члена меѓу кои и деца. При задушувањето на востанието српската војска запалила над 1.000 куќи, а околу 2.700 граѓани биле затворени. Војската вршела страшен терор околу неготинското село Kриволак. Има сведоштва за колеж на луѓе и грозоморни ликвидации на деца во фурни. По задушувањето на востанието знамето било запленето и однесено во Белград. Долго време било изложено во Белградскиот народен музеј.

Музејските работници се сомневаат дека востаничкото знаме се чува во некој музеј и се надеваат дека еден ден ќе биде вратено таму каде што припаѓа, во Музеј-галеријата во Kавадарци.

Денеска кога се навршуваат 101 година од востанието, општина Kавадарци организира чествување на овој настан од историјата на македонскиот народ.

Автор: Светлана Дарудова
Текстот е превземен од Дневник.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>