«

»

Apr 20 2015

Интервју со оксфордскиот професор Ендру Вилсон: Македонија има спектакуларно наследство за кое светот малку знае

Професор е на Универзитетот „Оксфорд“, еден од најреномираните во светот и раководител на катедрата за римска археологија и важи за еден од најпознатите активни археолози во светот. Посетата на земјава и предавањата се закажани уште од минатата година бидејќи распоредот му е однапред пополнет. Професорот Ендрју Вилсон минатата недела одржа три предавања и посети повеќе локалитети во Македонија. Вели дека се разгледуваат повеќе можности за соработка меѓу „Оксфорд“ и Универзитетот „Св. Kирил и Методиј“ преку размена на предавачи, дури и обиди наши дипломци да го продолжат образованието на реномираниот британски универзитет. За неговиот престој во земјава најзаслужна е Фондацијата „Kирил Трајковски“ со седиште во Лондон.

Andrew Wilson Archaeologist Oxford

Проф. Д-р Ендру Вилсон

Лани ја посетивте земјава, годинава веќе одржавте три предавања. Kои се вашите впечатоци од Македонија?

– Јасно е дека луѓето се многу пријателски расположени, имавме фантастични моменти. Археолошките локалитети се спектакуларни, навистина бев погоден од богатството и големината на некои локалитети, конкретно римските периоди во Стоби и Скупи. Се разбира, и фантастичната зачуваност на фреските и византиските сликани дела во Охрид, во повеќе цркви и манастири што ги посетивме. Тоа е навистина спектакуларно и богато културно наследство, кое не е доволно познато надвор, а треба да биде.

Римската Империја е во центарот на Вашиот научен интерес, а посетивте повеќе места во Македонија. Најдовте ли нешто интересно за истражување?

– Секогаш има интересни места за истражување на римските локалитети. Сосема е јасно дека има одредени сознанија за урбаните населби, помалку се знае за руралните населби и за агрикулутурата која ги поддржувала. Археологот Виктор Лилчиќ воспоставил голема програма и работи на доцноримските фортификации, но мислам дека вистински многу малку знаеме за цивилните помали римски населби кои егзистирале во мирните времиња, а биле помали од град. Има некои делови од земјата кои би биле погодни за систематски разгледувања за да се види расфрлената керамика и да се испита прашањето за селата, околните фарми, вилите кои, веројатно, постоеле тука.

Република Македонија има многу културно наследство од римскиот период, а малку странски археолози работат тука. Постои ли модел како да се привлечат странските научници да донесат свои тимови во Македонија?

– За ова прашање треба да се обезбедат многу дозволи, да бидете сигурни дека сте составиле вистински тим. Луѓе може да се привлечат во секој случај. На пример, области како Блискиот Исток, кои, за жал, станаа недостапни поради несреќните политички случувања. Странските археолози ќе мора да бараат други земји каде што ќе може да истражуваат. Во некоја смисла прашањата за Источното Византиско Царство може да привлечат истражувачи кои би нашле свој интерес тука. Но, всушност, како што се случува, одреден број мои колеги и студенти веќе подготвуваат проекти за локалитетот Kостоперска капра. Мојата колешка д-р Ине Џејкобс, помошен професор за византиска археологија на „Оксфорд“, и двајца мои поранешни дипломирани студенти, кои денес имаат постојани вработувања, д-р Бен Расел во Единбург и д-р Драгана Младеновиќ во Саутемптон, ќе почнат разгледувања и ископувања на локалитетот. Тоа е една од работите што веќе се случуваат и тоа се добри вести.

Мора да ја постите земјата за која се интересирате

Доаѓате од Универзитетот „Оксфорд“, еден од најреномираните високообразовни институции во светот. Kако научник, имате ли доволно информации за македонското културно наследство и дали Ви се лесно достапни податоците за актуелните случувања во археологијата во овој дел од светот?

– Имаме добри архиви во библиотеките и литература, но секогаш има локални магазини и публикации кои ни недостигаат така што неопходно е да ја посетите земјата за која се интересирате за да видите лично со што се` располага. Развиваме линкови, за почеток неформални со овдешните универзитети, можеби подоцна и ќе ги формализираме. За сега имаме еден докторанд, Јелена Јариќ, која доаѓа од Универзитетот „Св. Kирил и Методиј“, која го подготвува својот докторат на „Оксфорд“. Во некоја смисла се потпирам и на вакви луѓе кои можат да ми кажат кои се дупките во нашите библиотечни архиви, со што треба да ги пополниме. Мислам дека не постои универзитет кој може да има се`, но добро стоиме и постојано сме во контакт со луѓе што можат да ни помогнат со информации. Имаме и размена на професори-предавачи на двете институции во двете насоки. Д-р Филип Ниевонер лани предаваше во Македонија, па д-р Елизабета Димитрова дојде на „Оксфорд“, сега јас одржав три предавања. Се надеваме дека оваа ќе продолжи со поддршка од фондацијата.

Го истражувате римскиот период. Постои ли нешто од римската цивилизација која ве фасцинира, која имала влијание и на денешниот начин на живеење?

Особено ме интересира римската технологија и економијата. Една од работите што ги истражувам се античките системи и механизми за вода. Веројатно станува збор за хеленистичко откритие, но било многу користено и се раширило во римскиот свет. На пример, воденицата за мелење брашно толку рапидно се раширила во 1 век пред новата ера до 1 век. И многу интересно е што последниве 10-15 години луѓето почнаа да ги препознаваат археолошките докази за употребата на механизмите за вода во други цели. На пример, за кршење, откопување и обработка на камен. Веќе е јасно дека до 1 век Римјаните биле способни да направат ротационо движење на тркалото на воденицата, имале и повратна контрола. А ова е технолошки многу понапредно од тоа што мислевме бидејќи се сметаше дека е откриено во средниот век. Сега е веќе јасно дека е открие илјада години порано.

Наши археолози да продолжат на Оксфорд

Kаква е Вашата соработка со Фондацијата „Kирил Трајковски“?

– Фондацијата е основана во спомен на археологот Kирил Трајковски за да ја поддржи археологијата во Република Македонија. Во моментот почнуваме со визитинг-предавања во двете насоки за да ја промовираме размената. Исто така, испитуваме на кој начин би можеле да поддржиме дипломирани студенти да дојдат на „Оксфорд“ или некој друг вид соработка, па оттаму да се развиваат нештата.

Автор: Весна И. Илиевска

Интервјуто е превземено од Дневник.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>