«

»

Jun 17 2014

Ископани три значајни објекти на Стибера

Откриени се три извонредно значајни објекти при годинашните истражувања на локалитетот Стибера, кај Чепигово, кои фрлаат нова светлина на овој значаен македонски локалитет.

zrtvenik-Bakarno-gumno-1

Жртвеник Бакарно Гумно

Се разоткриваат тајните богатства на локалитетот

Екипата на прилепскиот Завод и музеј, под раководство на археологот Душко Темелкоски, на крајниот северозападен раб на градот Стибера откри подиум од јавен објект, за кој сѐ уште не може да се каже со сигурност дали претставувал мал храм на некое божество или градски жртвеник. Вториот откриен објект со тековните археолошки истражувања е станбен, датира од 3 век од н.е., а се наоѓа јужно од храмот на Тихе. Се работи за објект во кој се регистрирани остатоци од преработка на извесни суровини, присуство на јами и водовод со керамички тубуси, како и просторија во која е регистрирано почитување на египетскиот бог Хор.

– Последниот откриен објект е најрепрезентативен. Сепак, бидејќи е откриен дури на крајот од истражувањата, отворени се мали делови. Детаљ од северниот ѕид, што е однатре декориран со имитација на монументалниот опус изодомум во штуко-техника. Потоа јужно е откриена влезна партија, дел од скалила со довратни базаменти, како и прекрасен мермен архитектонски дел од венец со декорација на дентикула и гејзон. Венецот бил положен врз архитрав, кој се потпирал на капители, колони и бази, што посочува на култен карактер на објектот. Сепак, треба да се сочека неговото целосно откривање за да го дадеме конечниот став – вели директорот на Управата за заштита на културните споменици, Виктор Лилчиќ. 

Со откривањето на трите објекти во рамките на капиталниот владин проект за 2014 година почнаа уште повеќе да се наѕираат внатрешните урбани и цивилизациски содржини на градот.

– Досега во Стибера беа откриени два објекта, гимназион и храм, но кај ниеден не беше откриена толку квалитетна внатрешна ѕидна декорација во комбинација со камената архитектонска пластика. А тоа е и целта на нашите напори, во Стибера што поскоро да отвориме поголем број внатрешни градски содржини во ликот на станбените и култните објекти, кои во скора иднина ќе овозможат археолошките локалитети Бедем и Бакарно Гумно да ги отвориме за употреба пред јавноста – вели Лилчиќ.

Планирано е на Стибера да се изведуваат недеструктивни истражувања со радарско геоскенирање на целокупната стара градска површина, за да се запознае подземниот археолошки катастар. 

– Планирано е да се испитаат можностите за спогодбена експропријација на земјиштето за да може целокупниот локалитет да биде рамномерно истражуван и потоа отворен за јавноста. И, секако, археолошките истражувања на овој огромен за негово време антички град со своите над 10 хектари урбана површина мора во континуитет да продолжат и во наредните години – истакна директорот на Управата.

Автор: Каролина Мицевска
Текстот е превземен од Нова Македонија.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>