«

»

Oct 07 2014

Ќе ги открие ли Давина Кула тајните на Јустинијан Први?

Македонските археолози претпоставуваат дека една од можните локации за местоположбата на сѐ уште неоткриениот град Јустинијана Прима може да биде токму овој локалитет, бидејќи Давина Кула е единствениот досега потврден град од 6 век на територијата на Скопје што ги има сите карактеристики на рановизантиски град.

davina-kula-1

Историскиот град кај Чучер Сандево непроценливо археолошко богатство

Во близината на магистралниот пат за Косово, под капата на општината Чучер Сандево, покриен од густите шуми и нагризен од острите заби на времето, веќе 17 века срамежливо ѕирка историскиот град Давина Кула. Станува збор за издолжен рид, горе зарамнет, чиј јужен дел паѓа длабоко во долината на реката Лепенец, а преку едно благо седло на северниот дел продолжува постепено во венецот на Скопска Црна Гора.

За името на овој град постојат повеќе легенди и тврдења. Некои велат дека името е добиено поради изворот Давина, кој пред многу векови го снабдувал градот со вода. Други велат дека е поради сестрата на Крали Марко, која исто така се викала Давина, а трети тврдат дека е поради големата словенска божица Дева, за која се претпоставува дека токму во овој град имала свое светилиште.

За да го освоиме градот, не само што ни беше потребно теренско возило, кое неколкупати маки мачеше да ги совлада стрмнините и замките што ги поставила самата природа, на неколку места моравме да се соочуваме со острите погледи што ни ги испраќаа локалните жители и овчари од бачилата, кои најверојатно беа убедени дека брендираното возило на „Нова Македонија“ е само уште една евтина финта што ја продаваат дивите трагачи на злато, кои, како што дознавме, не се ретки овде.

– Алтани, барате алтани – ни велеше една бабичка кога застанавме да ја прашаме за точната локација на градот, а тоа беше доволен доказ за да си создадеме слика во главата дека местото што го бараме веќе одамна е изорано и ископано од недобредојдени посетители.

Цркви, кули, плоштади и дуќани

Обѕидието, градено од камен со вар и зајакнато со низа кули, потекнува од доцноримско време од четвртиот век, а досега имало само една обнова, дури по големиот земјотрес во 518 година. Тогаш бил обновен и внатрешниот дел, кој и денес на површина ги изнесува низата станбени градби со неколку одделенија, вклопени по должината на тесни паралелни улички, а на највисоката позиција стоела црква опкружена со неколку помошни градби. Северно од акрополата било изградено јадрото на градот, по однапред утврден план. Станува збор за двојно обѕидие, зајакнато со кули и со голема порта на северниот крај, а во центарот имало и мал плоштад со многу дуќани. Исто така, на северната страна од плоштадот имало и големи куќи за живеење, а се претпоставува дека бил изграден и христијански храм со правоаголна форма и високи столбови.

Сето ова се само претпоставки според сегашните остатоци од ѕидините што успеале да победат во војната со времето и да ја задржат својата автентичност. И ден-денес можат да се видат заоблените ѕидови од храмовите, темелите од куќите и дуќаните, а највпечатлив е обиколниот ѕид што ја обележува територијата на целиот град. Со текот на истражувањата се пронајдени голем број ситни железни предмети – фибули, алатки и делови од покуќнина, како и еден оловен печат на кој се чита името на епископот Тома.

Локалитетот Давина Кула како туристичка атракција

Од 1997 до 2000 година, професорот на Филозофскиот факултет и доктор на археолошки науки Виктор Лилчиќ ги организира првите ископувања во рамките на студентскиот истражувачки камп Давина Кула.

– Археолошкиот локалитет во Чучер Сандево е вклучен во проектот за археолошки локалитети на европската магистрала во Македонија, како владин капитален проект, а следната година планираме да одвоиме средства за негово целосно истражување – вели Лилчиќ.

Според Агенцијата за заштита на културното наследство, со досегашните ископувања и археолошки истражувања може да се потврди дека станува збор за град на површина од седум хектари, од каде што се ископани многу важни предмети, кои раскажуваат една преубава историска приказна.

– Направени се површински истражувања и ископувања на градот, а следната работа што планираме да ја направиме е негово дооткривање, конзервирање и реставрација. Покрај двете споменати христијански цркви, во градот се пронајдени уште шест други храма, како и голем број ситни железни предмети, алати и византиски монети – велат стручните лица од агенцијата.

Доколку овие планови се реализираат и овој локалитет биде целосно истражен, за многу брзо време би можел да се претвори во вистинска туристичка атракција и неговата историска вредност да биде еднакво важна како таа на Скопското кале и Самуиловата тврдина во Охрид.

Истото мислење го делат и помладите археолози, кои голем дел од своите студии ги посветиле токму на истражувањето на овој локалитет.

– Помеѓу сите големи археолошки пронаоѓалишта, Давина Кула се издвојува со својот план, позиција и карактер, а претставува уште еден важен стар град, кој за жал сѐ уште не е доволно познат и афирмиран во научната и пошироката јавност – вели Јовица Илиоски, дипломиран археолог на УКИМ.

Светски истражувачи го прекопале местото

Во далечната 1896 година македонскиот преродбеник и револуционер Ѓорче Петров забележал: „Над грлото на качаничкиот премин, под селото Чучер, постои тераса со остар гребен. На оваа тераса се направени доста силни затврднувања до кои никој не може да пристапи. Повеќето тврдини се изградени, а продолжуваат да се градат и други на исток од Скопје, во близината на железничката пруга. Се разбира дека тие тврдини имаат значење само за премините, а не за целиот тој крај, бидејќи тие две тврдини можат да се забележат од Црна Гора“, пишува во литературата на професорот Виктор Лилчиќ.

Во наведениот опис мошне нејасно насетуваме дека тој го спомнува утврдувањето на Давина Кула, но сепак најверојатно на Ѓорче Петров не му било познато дека десетина години пред него, поточно во 1883 и 1884 година, Англичанецот Артур Џон Еванс го посетил локалитетот Давина Кула и, судејќи по неговите првични согледувања, тој е првиот научен истражувач на ова место.

Главната цел на неговото истражување претставувала еден римски камен, за чие постоење бил известен од повеќе селани. По неколку неуспешни посети на самото место, Еванс успеал да ги пронајде парчињата од каменот некаде во грмушките. На крајот произлегло дека станува збор за споменик подигнат од локалната општина на императорот Галиен. Исто така треба да се спомне и истражувачот Н. Вулиќ, кој забележал три надгробни плочи со епитафи, кои биле откриени на ридот Кула и пренесени во селото Чучер.

davina-kula-2

Првата архиепископија можеби се наоѓала токму во Давина Кула?

За рановизантискиот град Јустинијана Прима, кој го изградил византискиот цар Јустинијан Први, научниците немаат точна локација на која би се лоцирал градот. Станува збор за архиепископија на источен Илирик, Дакиа Медитеранеа, Мезија и северните делови на Македонија Секунда, а во записите од црковните собири се споменуваат и тројцата епископи Кателијан, Бененод и Јован, па затоа се претпоставува дека токму Давина Кула е една од првите архиепископии во Македонија. Македонските археолози претпоставуваат дека една од можните локации за местоположбата на сѐ уште неоткриениот град Јустинијана Прима може да биде токму овој локалитет, бидејќи Давина Кула е единствениот досега потврден град од 6 век на територијата на Скопје што ги има сите карактеристики на рановизантиски град. Со ископувањата биле откриени монети од Јустинијан Први и затоа се претпоставува дека не постои друг сериозен кандидат што би можел да биде архиепископијата Јустинијана Прима.

Наодите од 7 и 8 век ги зачудиле археолозите

Биле пронајдени неколку аплики и окови за појас што биле изработени од бронза и легура на сребро, а сето тоа асоцира на византиско-претсловенските белези. Била пронајдена и една амајлија резбарена од парошка на еленски рог, па, според тоа, несомнено се работи за претставата на Перун-Световид, врвното словенско божество, кој се поврзува и со словенското претхристијанско име Давина, главната словенска божица за која се претпоставува дека тука имала свое светилиште.

davina-kula-naodi

Автор: Мартин Богатиноски

Фотографија: Дарко Андоновски

Текстот е превземен од Нова Македонија.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>