«

»

Nov 17 2014

Ќе се истражува Линк, родниот град на бабата на Александар Велики

Археолозите в година ќе го истражуваат локалитетот Градиште кај битолското село Црнобуки каде што веројатно е позициониран градот Линк, престолнина на кралството на Линкестидите, од каде што потекнувала и бабата на Александар Македонски, Евридика. Ископувањата годинава влегоа во капиталните проекти што ги финансира Владата, а треба да почнат напролет. Според Аница Ѓоргиевска, кустос-советник во Заводот за заштита на спомениците и музеј од Битола, локалитетот досега не бил темелно истражуван.

– Иако беше во групата локалитети кој заслужува да се истражува, тој не е докрај истражуван. Годинава стана дел од капиталните проекти, а истражувањата ќе почнат в година. Се отвораат вратите на древниот град за кој се претпоставува дека бил Линк – вели Ѓоргиевска.

arheolog1212

Откриени делови од хеленистичка куќа

Градиште не е непознат локалитет за македонските научници. Професорот д-р Виктор Лилчиќ-Адамс (директор на Управата за заштита на културното наследство) и д-р Антонио Јакимовски од Универзитетот „Св. Kирил и Методиј“ од Скопје неколку години спроведуваа куси археолошки ископувања. Пред две години тие открија делови од хеленистичка куќа, а во неа многу примероци и фрагменти од квалитетна керамика, бронзени и сребрена монета од истиот период. Тие ги истражуваа културните хоризонти од хеленистичкиот период, но откриваа и движни наоди од бронзеното и од железното време, односно од архајскиот период. Работеа на северниот сектор од локалитетот, на одбранбениот ѕид на акрополата каде што открија делови од ихтии, хидрии, кантароси, чунести и пирамидални керамички тегови, амфори, фрагменти од т.н. мегарски чаши и многу други форми. Некои датираат од 3 век пред новата ера.

Лилчиќ-Адамс за „Дневник“ рече дека во науката има две тези поврзани со Градиште кај Црнобуки. Според професорот Иван Микулчиќ, таму можеби се наоѓал градот Персеида, а Лилчиќ-Адамс смета дека под земјата се темелите на античкиот град Линк.

Според историските податоци, римскиот хроничар Тит Ливиј запишал дека македонскиот крал Филип Петти во областа Девриоп, во близина на реката Еригон (Црна Река), почнал да гради нов град Персеида, кој не е далеку од стариот град Стоби.

Македонското племе на рисови

Сепак, Лилчиќ-Адамс, по долгогодишните истражувања и објавувањето на книгата „Kорпус на стари градови и тврдини во Македонија-Линкестида и Девриоп“, вели дека Линкестидите имале најдиректно античко македонско потекло и од тој град потекнува крвта на Александар Македонски. Лилчиќ-Адамс ги цитира историските податоци според кои со градот Линк владеел кралот Арабеј Први. Неговата ќерка се омажила за некој соседен крал Сира и тие ја добиле Евридика, која станала сопруга на македонскиот крал Аминта Трети. Тие имале три сина, а најмладиот бил Филип Втори, таткото на Александар Велики.

Според Лилчиќ-Адамс, граничната бариера на областа Линкестида била на север, коритото од Црна Река, а на југ до леринскиот крај. Од речиси 20 утврдувања на оваа територија, повеќето раноантички, само еден локалитет ги поседува карактеристиките на град, а тоа е Градиште кај Црнобуки, кое се наоѓа на 10 километри од Битола.

Во книгата „Kралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија“ тој пишува дека Линкестидите се македонското племе на рисови за кои пишувале хроничарот Тукидид и географот Страбон.

Евридика се омажила на 15 години

– Ова рано горномакедонско кнежевство низ историскиот период имало свои кнезови со исто династичко име, од Арибај Први до Арибај Четврти. Внуката на линкеститскиот кнез Арибај Втори, Евридика, родена во 410 година пред новата ера, околу 395 г. пр. н.е. се омажила за Аминта Трети и ги родила македонските кралови Александар Втори, Пердика Трети и Филип Втори – пишува во „Kралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија“.

Автор: Весна И. Илиевска

Текстот е превземен од Дневник.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>