«

»

Nov 02 2013

Кимбријската војна

“Она што нема да не’ убие, не’ прави посилни” – оваа мисла од Фридрих Ниче наоѓа потврда во настаните од Кимбријската војна и нејзините последици. Имено, Кимбријската војна која траела од 113 – 101 година п.н.е., а се водела помеѓу Римската Република и конфедерацијата на мигрирачки германски (и неколку келтски) племиња предводени од германските Кимбри и Тевтонци, е првиот пат кога по повеќе од 100 години (уште од времето на Втората Пунска Војна (218 – 201 г.п.н.е) и Ханибал) бил загрозен самиот опстанок на римската држава, која на крајот сепак успеала да триумфира, благодарејќи на клучните воени реформи кои ќе ги спроведе конзулот Гај Мариј, реформи кои ќе ја издигнат римската војска до ниво на армиско совршенство, базирано врз дисциплина и подготвеност, војска која ќе биде столб на една од најголемите империи во историјата.

Кимбрите и Тевтонците биле германски племиња кои живееле на полуостровот Јутланд (денешна Данска) и започнале да мигрираат на југ околу 120 г.п.н.е., најверојатно поради климатски промени. Во миграцијата им се приклучиле и неколку други германски и келтски племиња (Амброни, Тигурини, Бои и др.). Околу 113 г.п.н.е. тие пристигнале на територијата на денешна Австрија каде се судриле со келтското племе Тауриски, кои пак на помош го викнале својот сојузник – Рим. Така започнала Кимбријската војна.

Кимбријско-тевтонски воини

Следната, 112 г.п.н.е., Римската Република испратила војска од околу 30 000 војници на чело со конзулот Гнеј Папириј Карбон која требало да се справи со надоаѓачките племиња. Двете војски се судриле во близина на градот Нореја. Кимбрите и нивните сојузници успеале да му нанесат тежок пораз на Римјаните. По оваа победа мигрирачките племиња се упатиле на запад, кон Галија, каде што пристигнале во 109 г.п.н.е. Истата година се случиле две нови битки во кои римската држава, повторно, доживеала пораз.

Во 105 г.п.н.е. Римјаните составиле војска од околу 80 000 војници, плус 40 000 помошен персонал, предводена од конзулот Гнеј Малиј Максимус и проконзулот на Цисалпинска Галија – Квинт Сервилиј Цепион. Тоа била најголемата римска војска составена по Втората Пунска Војна. Оваа импресивна воена сила се судрила со мигрирачките племиња кај градот Араусио (денешен Оранж во Франција) на 6 Октомври 105 г.п.н.е. Оваа битка бил вистински масакр во кој подебелиот крај го извадиле Римјаните кои биле скоро целосно уништени и го доживеале еден од најкатастрофалните порази во нивната воена историја.

Кимбријско-тевтонската војска

По оваа победа, патот на Кимбрите и Тевтонците до Рим им бил целосно отворен, но од нејасни причини, тие не се одлучиле да и’ го нанесат последниот, фатален, удар на Римската Република. Кимбрите се одлучиле да продолжат со својата миграција кон Шпанија, а Тевтонците останале во Галија.

Во меѓувреме, поточно во 104 г.п.н.е., за римски конзул бил избран генералот Гај Мариј, искусен и докажан воен стратег од Југуртинската војна во северна Африка (112-106 г.п.н.е.) кој ги вовел познатите Маријски воени реформи, со кои, римската војска била претворена од дотогашната граѓанска, во професионална армија, со подобар тренинг, подобра организација, главно составена од безимотни луѓе со добри физички предиспозиции, кои по завршувањето на воената служба би се стекнале со римско државјанство (кое со себе носело големи привилегии) и имот.

Гај Мариј

Во 102 г.п.н.е. Гај Мариј конечно започнал со својата офанзива против Тевтонците во Галија и ги поразил во битката кај Аква Секстија (денешен Екс ан Прованс во Франција). Потоа во 101 г.п.н.е. Кимбрите се вратиле од Шпанија и за првпат навлегле во Италија, но се соочиле со модернизираната римска армија во битката кај Верцела (денешен Верчели во Италија) која резултирала со голема победа на Римјаните кои успеале да се решат од Кимбријската закана.

И покрај тоа што во оваа војна римската држава дошла до работ на пропаст, сепак успеала да триумфира и од неа да излезе посилна од кога и да било пред тоа.

Римската војска

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>