«

»

Mar 19 2015

‘Кога таму горе’ – Вавилонскиот мит за создавањето на светот

Enûma Eliš или во македонски превод ‘Кога таму горе’ се првите зборови со кои почнува еден текст напишан на седум глинени плочки со сумеро-акадско клинесто писмо пронајдени во асирскиот град Нинива во т.н. Библиотека на Асурбанипал, во далечната 1849 година. Текстот го објаснува постанокот на светот и создавањето на луѓето според старата вавилонска митологија.

Според митот, на почетокот постоеле две битија-сопружнци: Апсу (Слатка вода) и Тиамат (Солена вода). Потоа се создале уште неколку други божества-браќа меѓу кои и Еа (Енки), кои живееле во телото на Тиамат. Тие стварале многу бука што предизвикувало многу нервоза кај Апсу и Тиамат, па Апсу сакал да ги убие, но Тиамат се спротивставува. Везирот на Апсу, Муму, го поддржува во неговиот план за уништување на боговите. За да го спречи тоа, Тиамат го предупредува Еа, во тоа време најсилниот од боговите, кој со својата магија го става Апсу во кома и го убива, а Муму го затвора.

Еа (Енки)

Еа (Енки)

Еа станува врховен бог и со својата сопруга Дамкина го добива синот Мардук, кој е посилен дури и од него.

На Мардук му е дадено да игра со ветровите и тој почнува да создава бури и торнада. Тоа ја дразни Тиамат и ги спречува боговите кои се наоѓаат во неа да спијат. Тие ја убедуваат Тиамат да се одмазди на Мардук за смртта на својот сопруг. Нејзината моќ расте и придружена од некои од боговите, создава 11 чудовишта кои би и помогнале во борбата против Мардук: Башму (Отровна змија), Ушумгала (Голем змеј), Мушмаху (Возвишена змија), Угалу (‘Голем ден’ – демон со глава од лав), Уму Дабруту (‘Жесток ден’ – Насилна бура), Кулулу (Човек-риба), Кусарику (Човек-бик), Гиртаблулу (Човек-скорпија) и уште три други. Потоа го поставува Кингу, својот нов сопруг, како врховен владетел.

Боговите го бираат Мардук да се бори против Тиамат и станува многу моќен. Тој ја победува и убива Тиамат. Нејзиното тело го дели на два дела од кои ги создава земјата и небото. Потоа Мардук го создава календарот, ги подредува планетите и ѕвездите и ги регулира Месечината, Сонцето и климата.

tiamat marduk

Тиамат (лево) и Мардук (десно)

Боговите кои застанале на страната на Тиамат се казнети така што стануваат слуги на другите богови. Но, тие ќе бидат ослободени кога Мардук ќе го убие Кингу и од неговата крв ќе ги создаде луѓето за да ја превземат нивната улога. На крајот Мардук ќе биде прогласен како крал на боговите.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>