«

»

Apr 24 2014

Крајот на Самоиловото царство

По смртта на Царот Самоил на 6 Октомври 1014 година, престолот го наследил неговиот син Гаврило Радомир. Кога византискиот цар Василиј II разбрал за смртта на Самоил тој првин се упатил во Солун, а потоа тргнал кон Битола, по што го запалил царскиот дворец во Битола. Неговите чети, пак, ги запоседнале Прилеп и Штип. Во пролетта на 1015 година Василиј тргнал на Воден, чиешто население се побунило против Византијците. Успеал да го преземе градот, а неговите жители ги преселил во Волер. Во Воден населил голем број Византијци. Потоа Василиј ги упатил своите војсководители Никифор Ксифиј и Константин Диоген, нов стратег на Солун, во пределот на Меглен. Опсадата на градот се продолжила, па на лице место пристигнал и самиот Василиј. Градот бил разрушен, а меѓу неговите заробени жители се наоѓал заповедникот на Меглен, Илица, и советникот на Гаврило, Дометијан Кавкан. Заробените жители на Меглен што биле способни за оружје ги префрлиле во ерменската област Аспраканија, а блиската мала тврдина Нотија била изгорена.

За да се ослободи од Радомир, кој и покрај претрпените порази продирал длабоко во византиската територија, Василиј успеал да го придобие Иван Владислав, син на Самоиловиот брат Арон и братучед на Гаврило Радомир. Владислав го убил Радомир за време на лов, на 15 Септември 1015 година, и тоа најверојатно во местото Петриск кај Острово. Стапувајќи на престолот, Иван Владислав му ветил на Василиј дека ќе му биде верен вазал. Но нему му пречел и Гавриловиот зет Јован Владимир, кнез на Дукља (Црна Гора). Тој бил намамен во Преспа и таму убиен. Во овој акт зел учество и самиот Охридско-преспански патријарх Давид. Засилениот Владислав му откажал послушност на Василиј, па овој тргнал во војна против него. Додека византиските војсководци пустошеле по Пелагонија, самиот цар пустошел на патот за Охрид, наредувајќи на заробените да им се вадат очите со цел да завладее поголем страв. Штом го зазел Охрид тој се подготвувал да тргне за Драч, но му пристигнала веста дека војсководителот на Владислав, Ивец, сосема ја уништил неговата војска во Пелагонија. Василиј веднаш тргнал против Ивец, но не успеал да го победи, па се вратил прво во Солун, а потоа во Мосинопол.

Basil_II

Василиј II

Поради зафатеноста во војната против Хазарите на Крим, својата нова офанзива на Балканот Василиј ја почнал дури кон средината на 1016 година. Овој пат преку Пловдив се упатил во софискиот предел и го опколил утврдениот град Перник. Бидејќи не успеал да го освои, тој се вратил во Мосинопол, па во пролетта 1017 година преку Солун влегол во јужна Македонија. И додека повторно ги упатил Давид Аријант и Константин Диоген во Пелагонија, самиот тргнал кон Костур. Притоа добил вест дека војводата Кракрас се соединил со Владислав и дека двајцата со огромна војска, на која и’ се придружиле и Печенезите, имале намера да навлезат во византиска територија. Царот цеднаш почнал да се враќа и притоа освоил и разурнал неколку тврдини. Доаѓајќи во околината на Острово, тој разбрал дека Печенезите се одметнале од Владислав, кој веќе се доближил до тврдината Сетина (во близина на Острово). Василиј ја освоил Сетина и веднаш своите елитни одреди ги упатил против Владислав. На чело на одредите го поставил Константин Диоген, кој штотуку се вратил од палење по Пелагонија. Меѓутоа, Диоген сигурно ќе претрпел пораз, ако Василиј не му дошол на помош. Во редовите на војската на Владислав настапила паника и поразот бил неизбежен. Не искористувајќи ја докрај победата, Василиј се вратил во Цариград во јануари 1018 година.

Тогаш Владислав поминал во офанзива со цел да ја запоседне земјата на Владимир и Драч, но при опсадата на градот бил убиен. Штом дознал за смртта на Владислав и примил писмо од неговите водачи што му се нуделе себеси, своите тврдини и области, Василиј тргнал во конечно освојување. Најпрвин, уште во Едрене, го пречекале братот и синот на Кракрас, кои му го предале Перник со 35 тврдини. Во Мосинопол го чекало пратеништво, кое му ги предало Пелагонија, Морозвизд и Липлјан. Оттука пристигнал во Сер, каде што го чекал Кракрас, со заповедниците на оние 35 тврдини, и Драгомуж, заповедник на Струмица. Кај Струмица царот го пречекал патријархот Давид, кој му носел писмо од царицата Марија. Тука го поздравил и топархот Богдан, а потоа, во близина на Скопје, му се предал и младиот Николица, храбриот Самоилов војсководец. За стратег на Скопје бил поставен Давид Аријант. Од Скопје, византискиот цар отишол во Штип и Просек, а најпосле влегол во Охрид, каде му паднала в раце богатата царска ризница.

ohrid20

Самоиловата тврдина во Охрид

Василиј требало да го скрши отпорот уште на неколкумина великодостојници: на Фружин, најстариот син на Владислав, и на војводите Ивец и Николица. Фружин набргу му се предал на царот, па како и сите други што постапиле така, добил помилување и титула. Војводата Ивец имал логор во јужна Преспа и се подготвувал за востание. Но, Византијците успеале со измама да го фатат, да му ги извадат очите и во таква состојба да го одведат пред царот. Потоа го фрлиле в затвор. Во меѓувреме бил опколен и Николица, па немајќи излез бил принуден да му се предаде на царот, а овој го изпратил в затвор во Солун. Така, кон крајот на август 1018, царот Василиј успеал конечно да ја покори Самоиловата држава.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>