«

»

Sep 09 2013

Кратка историја на кафето

Татковина на кафето е Африка. Попрецизно, провинцијата Кафа (Kaffa) во Етиопија. И денес во тоа подрачје и во лето и во зима цвета дивото дрво на кафето со чудесен мирис и со бели цветови слични на јасминот кои даваат црни плодови. Секој од плодовите е со големина на вишна, а во него се наоѓаат две семки. Тоа се зрната кафе.

За откритието на кафето постои легенда дека некогаш многу одамна живеел некој етиописки сточар по име Калди кој ги однел своите овци на пасење на место на кое никој дотогаш не го сторил тоа. Местото било полно со дрвја од кафе и по некое време овците почнале да се невообичаено активни. После ова овчарот се решил да го сподели своето искуство со старешината на локалниот манастир. Не размислувајќи многу, старешината сакал самиот да го провери дејството на зрното кафе, по што доживеал неверојатно искуство. По ова, старешината веднаш нашол примена за ова откритие. Чајот од зрното кафе и листови им помагал на монасите да ги издржат долгите ноќни молитви. Па така, благодарејќи на “разиграните овци”, љубопитниот овчар и вештиот манастирски старешина, откриено е кафето.

Дали навистина било така, или поинаку, тешко е да се суди. Важно е дека особините на кафето били приметени и правилно проценети.

Од Африка кафето е пренесено во Арабија (Јемен), каде по сведоштво на пишаните извори, кафето веќе било распространето до 875 година. Овој напиток почнал брзо да се шири, но неговиот пат ни малку не бил лесен и ведар. Растечката популарност на кафето меѓу муслиманското население било причина поради која свештенството се свртило против него. Па така, забележано е дека во 1511 година, управникот на Мека наредил да се затворат сите кафеџилници и го забранил пиењето на кафе. Но и покрај тоа, кафето сепaк станало најомилениот појалок на Арапите.

Волшебните зрна, без обзир на забраните, го продолжиле својот пат. Од Блискиот Исток кафето се пренело во Турција. Во средината на 16 век во Константинопол се отвараат многубројни кафеџилници. Кафето и во оваа земја наишлo на многубројни поклоници. Популарноста на црниот напиток повторно го вознемирувала свештенството, по што владата на Отоманската Империја презела инти мерки – донесена била одлука за затворање на сите кафеџилници. Исто така биле осмислени и остри казни за сите кои пиеле кафе. Но, без обзир на се’, кафеџилниците продолжиле со својот живот и работеле илегално. Бројот на нивни посетители растел од ден на ден.

Отоманска кафеџилница

Султанот Сулејман II се покажал како мудар владетел по ова прашање. Сфатил дека борбата против кафето може да се сврти против него, па ја укинал забраната за него. Во меѓувреме турските дипломати го ширеле “митот” за кафето и во другите земји. Па така благодарејќи на турските амбасадори кои воедно и биле љубители на кафето, Европа се запознала со чудесниот напиток кон крајот на XVI век. Во следниот век, кафето веќе се вкоренило во европската култура.

Првата шолја кафе во Италија била направена по заслуга на папскиот амбасадор Вале кој живеел во Персија каде ги дознал тајните на неговата припрема. Првата италијанска кафеџилница била отворена во Венеција во 1626 година.

Во Англија кафето било пренесено од некоја еврејска свештеничка од Отоманската Империја која во 1652 година ја отворила првата кафеџилница во Лондон каде што нивниот број пораснал на преку 3000 до крајот на векот.

Отприлика во истото време кафето се појавило и на дворот на францускиот крал Луј XIV кој го засакал овој напиток и го одобрил неговото конзумирање со специјален проглас во 1664 година. Во тоа време, со планатажите на кафе во југоисточна Азија, главно на островот Јава, владееле Холанѓаните кои долго време имале монопол врз кафето. Се забранувал секаков извоз на расад од кафето надвор од островот по закана со смртна казна. Но, едно дрво му било испратено како поклон на францускиот крал. Луј XIV го предал на ботаничката градина во Париз. Француските ботаничари со многу напор и тешкотија, од семките од дрвото успеале да одгледаат ново, кое подоцна во 1723 година било пренесено и засадено на островот Мартиник. После две години од дрвото било собрано околу еден килограм семе, а после 10 години, на Мартиник никнале првите плантажи на кафе.

Потоа кафето било пренесено во Јужна Америка и станало особено тесно поврзано со Бразил и градот Сантос кој прераснал во главен светски град на кафето.

Патувајќи по целиот свет, кафето станувало се пораспространето и попопуларно. Меѓутоа, кафето во Европа продолжило да се пробива тешко, често забранувано, а меѓу неговите главни противници биле трговците со алкохол, за кои кафето претставувало сериозен конкурент. Голем сојузник во борбата против кафето биле религиозните инстуруции, на исток – муслиманското свештенство,  а во Европа – христијанската црква која пропагирала дека “црниот турски напиток” ќе го наметне влијанието на Исламот. Врз кафето биле наметнувани најразлични даноци и такси, но и покрај се’ кафето успеало да прерасне во еден од најпопуларните појалоци во Европа.

Денес кафето претставува најраспространетиот пијалок во светот со преку 2,25 милијарди шолји конзумирани на ден и втора најтргувана стока во светски рамки, веднаш зад нафтата.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>