«

»

Aug 17 2015

Кривени – првата населба во Преспа со училиште на македонски јазик

Кривени е старо, повеќевековно село кое се наоѓа на 6 километри северно од Ресен, во пазувите на Бигла Планина. Денес брои само 22 жители, далеку од некогашните 550. Селото важело за населба со развиено печалбарство, но и како населба која дала над 40 учители (меѓу нив е и мојот дедо), па затоа меѓу луѓето постои изреката: “Кривенци ја описменија Преспа!”. Според спомените на Мице Василов Јоцковски, првиот иселеник од Кривени, тоа е и првата населба во Преспа во која имало настава на македонски јазик.

Kriveni Prespa 1

Кривени

Во продолжение следува извадок од неговите спомени каде тој се осврнува на оваа тема:

Основно училиште завршив во село Кривени во 1882 година. Тогаш во Ресенско во ниедно село немаше училиште на македонски јазик. Во Ресен и Јанковец имаше училиште на грчки јазик.

Во 1878 година печалбарите од Кривени во Цариград најдоа едно момче, Тане Ангелов од Ресен. Тој завршил семинарија во Цариград. Татко му Ангеле беше зограф – живописец и одел во Измир и Анадол да работи живопис во црквите и џамиите. Печалбарите Кривенци се погодија со Танета да оди во Кривени за учител, со плата по една бела меџидија годишно од секое дете, а на испитот да му подарат кој кошула, кој чорапи и други подароци. Ода таа 1882 година во Кривени редовно имаше по 20 до 25 деца на училиште. Во лето останувавме 5-6 бидејќи ваканција немаше, а татковците не’ тераа да ги пасиме воловите.

Учителот Тане бидејќи знаеше грчки, преведуваше на наш јазик псалми и апостолот ни даваше да псалвиме во црквата. На нашите селани голем ќеиф им беше кога слушаа на наш јазик.

Бидејќи дотогаш имаше поп грк и книгите во црквата беа на грчки јазик, на селаните им стана многу мило кога слушнаа пеење во црквата на наш јазик и за тоа им пишаа на нашите печалбари во Цариград, и тоа: на Васил Јоцков. Мице Лабаче, Стево Бочкаровски, Јанко Божиновски, Ноне Павлевски, Наум Пашата и други да им испратат славјански книги. За малку време испратија 12 минси, еден апостол, едно евангелие и еден триот.

Во тоа време учителот се ожени со мојата братучетка Мара Наумова Јоцковска.

Еден ден селаните се побунија и бараа во црквата да се служи на славјански јазик. Поп Наум го напушти селото и Кривени остана без поп. После тоа решија да го запопат учителот Танета и бидејќи немаше владика го испратија Танета во Цариград од каде се врати како поп, а продолжи да ги учи и децата.

Но, во 1888 година Тане, учителот и попот во Кривени умре, но оттогаш остана да се служи во црквата на славјански јазик.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>