«

»

Jun 26 2014

Локалитетот Стибера крие многу тајни

Откривме објект собрание, каде што претставниците на градовите или делови на општината донесувале одлуки за градот и за територијата. Тие своите одлуки ги пишувале на камен и подоцна ги истакнувале. Вакви репрезентативни градби имале само богатите градови, велат археолозите.

stibera[4]

УНИКАТЕН ЛОКАЛИТЕТ СО РЕПРЕЗЕНТАТИВНИ ОБЈЕКТИ

На секој чекор на ископините под Бедемот, во близината на храмот Тихе на античкиот локалитетот Стибера, се чувствува огромна возбуда кај археолозите што годинава открија значајни објекти и артефакти, кои фрлаат нова светлина на значењето на локалитетот.

Возбудата не ја крие ни Виктор Лилчиќ, директор на Управата за заштита на културното наследство, по сензационалното откритие на остатоци од државно собрание во Стибера.

– Ова што го откривме е ретко значајно археолошко откритие, оти досега ваков објект не сме пронашле на територијата на државата. Годинава на локалитетот откривме вкупно три мошне значајни објекти. Едниот е станбен и датира од третиот век и е ископан јужно од храмот Тихе, другиот е жртвеник или храм кај Бакарно гумно, како и објектот за кој сметаме дека е булевтерион – собрание – вели Лилчиќ

Статуа посветена на ќерката на „некој Македонијарх“

Лилчиќ подвлекува дека во текот на ископувањата на локалитетот е откриен и архитектонски камен објект со венец со забест фриз.

– Уште кога излезе на површина знаев дека сме пред значајно откритие. На натписот, кој го прочитаа професорките Нада Проева и Славица Бабамова, пишува, цитирам: „Собранието на Стибера подига и посветува статуа на ќерката на некој Македонијарх“ – вели Лилчиќ.

Како што појаснува, се работи за објект собрание, односно место за собирање, каде што старешините или претставниците на градовите или делови на општината донесувале одлуки за градот и за територијата. Тие своите одлуки ги пишувале на камен и подоцна ги истакнувале.

– На територија на Македонија вакви градби се насетувани преку споменици од Охрид, од Хераклеја и од Стибера, но досега немавме откриено фактички градби. Првпат ископуваме ваков објект и овој уникатен пример допрва ќе се истражува. Тој едновремено е и аргумент со кој докажуваме дека демократијата на овие простори се практикувала уште во периодот од првиот до третиот век од нашата ера – раскажува Лилчиќ.

stibera1

Каменот со посвета

Локалитетот ќе се оградува и осветлува

Археологот Душко Темелкоски од прилепскиот музеј, како раководител на проектот, потврдува дека на локалитетот се откриени и мошне вредни артефакти.

– Првиот објект што го откривме беше жртвеник, вториот- работилница за производи од метал, а имаме и светилиште на божество со птичја глава, за кое претпоставуваме дека би можело да е светилиште на богот Хорус. Во објектот за кој велиме дека е собрание откривме ѕид монументално обработен од внатрешна страна. Ваква репрезентативна градба имале само богатите градови – додава Темелкоски.

Од прилепскиот музеј велат дека ова откритие е мошне значајно не само за институцијата туку и за градот Прилеп.

– Планирана е презентација на откритијата, а за понатаму размислуваме за оградување и за осветлување на просторот за тој да стане туристички локалитет од прв ранг – истакнува Гордана Д. Спироска, директор на Заводот и музеј-Прилеп.

Откриени се вредни артефакти

На Стибера годинава се откриени и голем број движни наоди: грнчарски предмети, кујнска керамика, керамички ламби, теракоти, околу 25 бронзени монети од римски период од првиот до третиот век, како и монети од доцна македонска епоха што ќе бидат конзервирани и презентирани пред јавноста.

Автор: Каролина Мицевска

Текстот е превземен од Нова Македонија.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>