«

»

Aug 31 2014

Македонија го откри својот таен загубен град

Најновата археолошка атракција на Македонија предизвикува голем интерес. Тоа е досега највисокиот откриен град во земјава, на надморска височина од 1.470 метри, со што е за околу 200 метри повисок од Крушево. Има поглед што се протега до Кожув, Ниџе, Пелистер, Битола, Прилеп, Демиркаписката Клисура, низ целата мариовска долина и речиси цела Пелагонија.

Visoka arheolozi

Тимот од археолози ужива во погледот кон Пелагонија

ЛОКАЛИТЕТОТ ВИСОКА – ЕДИНСТВЕН ПО МНОГУ НЕШТА

Посетата на локалитетот Висока е интересно искуство. Се искачувате по стрмна патека низ суви треви и низ папрати, се прекачувате преку карпи, одите низ густа шума кон целта. Но на крајот, кога ќе ги видите масивните камени блокови од античката палата, сфаќате дека целиот тој напор вредел. Секако, треба да имате предвид дека некој непосредно пред вас вложил многу поголем напор за да го откопа тоа што го гледате и ја искачувал истата патека со денови, носејќи тешка опрема. И дека некој 2.400 години претходно вложил уште поголем напор за да го изгради тоа што е откопано.

Најновата археолошка атракција на Македонија предизвикува голем интерес бидејќи е посебна по многу нешта. За почеток, тоа е досега највисокиот откриен град во земјава, на надморска височина од 1.470 метри, со што е за околу 200 метри повисок од Крушево. Таа е и единствената градба од своето време на овие простори направена од правоаголни камени блокови долги и по два метра, а тешки по неколку тона. Исто така, со поглед што се протега до Кожув, Ниџе, Пелистер, Битола, Прилеп, Демиркаписката Клисура, низ целата мариовска долина и речиси цела Пелагонија. Висока е повеќе дел од небото отколку од земјата, како што ја опишува професорот Виктор Лилчиќ, директорот на Управата за заштита на културното наследство.

АКО НЕМА ХЕЛИКОПТЕР, СЕ ОДИ ПЕШ

Најблиската точка до Висока до која може да се стигне со обично возило е мариовското село Крушевица. Стара и живописна сточарска населба од камени куќи, во која останале уште триесетина жители, кои чуваат неколку илјади овци и закачуваат низи со тутун од едниот до другиот крај на своите фасади. Тешко е да се процени дали таа полунапуштена и полуразурната состојба му одзема од убавината на селото или му додава. Сепак, уште од почетокот тргнавме да најдеме урнатини, иако антички, не од 20 век.

Висока е веднаш над Крушевица, но тоа е исто како што Водно е веднаш над Скопје. Искачувањето од селото до врвот може да трае околу три часа. Со добро подготвено теренско возило и со некој што знае вешто да го управува, може да се стигне до местото Крушка, на околу 300 метри пониска надморска височина од врвот, каде што се наоѓал археолошкиот камп додека траеја годинешните истражувања. Оттука има само две опции: со хеликоптер, но бидејќи такво нешто нема на располагање, се оди пеш до горе.

Има само две дрвца покрај патеката низ сувата трева. Изложена на сонце, станала лизгава како тобоган. Иронично, првите знаци дека горе имало живот се знаците на смртта, гробовите издлабени на работ од карпата. Потоа следува шумата, која според дебелината на стеблата е релативно млада, но затоа многу густа, има и по десетина дрвја на квадратен метар. Кога ќе го поминете сето тоа и кога ќе стигнете до локалитетот, чувството е како да сте нашле некој загубен мистериозен град, мала македонска верзија на Мачу Пикчу, урнатини под масивната карпа и меѓу густите дрвја.

Градба од повеќетонски правоаголни камени блокови можел да направи само многу богат и моќен владетел

Градба од повеќетонски правоаголни камени блокови можел да направи само многу богат и моќен владетел

ЖИВОТ НА ВИСОКА НОГА

Но зошто некој градел толку високо и толку далеку од сѐ?

– Затоа што локацијата е недостапна и е стратегиска точка. Доказ за тоа е и што местото не било напуштено сѐ до 6 век од нашата ера, значи околу илјада години. И не само тоа, туку има фрагменти и од праисторијата, а било значајна точка и во Првата светска војна – вели археологот Дејан Кебакоски од прилепскиот Институт за старословенска култура, кој го предводеше тимот од 18 члена, од кои 11 археолози, кои ги вршеа годинешните истражувања.

А кој го изградил? Кебакоски и директорот Лилчиќ ја споделуваат истата претпоставка, бидејќи крунски доказ, како натпис, сѐ уште не е најден. Во времето од кога датира локалитетот најмоќниот човек во Пелагонија бил кралот Менелај, и се смета дека само тој можел да си дозволи да направи такво здание. Се смета дека тоа било акрополата (горниот град) на градот на Пелагонците, а околу него е подградието.

– Од сѐ што е најдено во Пелагонија досега, ова е најсилен, највпечатлив и најатрактивен локалитет, и единствено него можеме да го поврземе со центарот на кралството на Пелагонците. Кралот соработувал и одржувал комуникација со Атина. Веројатно од таму или од Халкидик добил каменоделци, клесари, кои го изградиле тој град, бидејќи локалните мајстори не можеле да го сторат тоа. Бидејќи првпат се појавува такво нешто, логиката е дека само некој моќен и богат човек можел да си го дозволи – објаснува професорот Лилчиќ.

Камените блокови се издлабени од карпата на врвот, што се гледа и од трагите и од недоизвадените камења. Археолозите сѐ уште ја немаат утврдено ни точната намена на објектот, дали бил тврдина, кралска палата, летна резиденција или нешто друго. Според објаснувањето на Лилчиќ, на Висока се живеело на висока нога.

– Има локалитети што се на повисоки места, на пример утврдувања на 2.000 метри. Но овде се најдени пари и други елементи што укажуваат дека имало економија, односно дека било град. Затоа тој е највисокиот град најден досега. Очигледно е избран поради некоја цел, зашто оттаму се гледа сѐ што се случувало во Пелагонија и во Мариово, а оттаму се гледа и највисокиот рид на Демир Капија, каде што исто така има локалитет и тие комуницирале – додава Лилчиќ.

На Висока останавме околу еден час, да уживаме во погледот широк стотина километри и да го замислуваме животот од пред 24 века. Сосема доволно за да сфатиме зошто на Кебакоски и на неговиот млад, ентузијастички, високомотивиран и добро подготвен тим веќе им недостига локалитетот, иако таму поминаа цел месец, а во Прилеп се само една недела.

Меѓу пронајдените артефакти се издвојува фибулата од малоазиски тип (лево) и бронзената алка

Меѓу пронајдените артефакти се издвојува фибулата од малоазиски тип (лево) и бронзената алка

Археолошки локалитет Висока
Истражувања:

1996 – внесен е во археолошката карта, иако бил познат од порано.
2005 – биле направени првични истражувања под раководство на професорот Лилчиќ, кои траеле 10 дена, а екипата секој ден се искачувала по три часа од Крушевица до врвот.
2007 – Лилчиќ ја предводел екипата што истражувала 13 дена и престојувала на самото место, но снабдувањето со храна и особено со вода било многу отежнато.
2014 – во соработка со АРМ е поставен камп на нецел час одење до врвот и 18-члената екипа предводена од Кебакоски 30 дена ги откопуваше масивните темели на палатата. Претходно пет дена со големи тешкотии го чистеле пристапниот пат и ја пренесувале опремата до кампот, но на крајот сѐ завршило успешно.
2015 – од годинава Висока е прогласена за капитален проект од национален интерес и се очекува ископувањата да продолжат и следната година, кога треба да се истражи и подградието.

Особености:
– Највисок град некогаш пронајден во Македонија, на 1.470 метри.
– Стратегиска точка со поглед на две големи рамнини, Пелагонија и Мариово.
– Врвна градежна техника за времето кога бил изграден, во 4 век пред новата ера.

Туристички потенцијали:
– Сегашен пристап: се патува 30 километри, околу половина час, од Прилеп до Крушевица по слабо одржувани патишта низ мариовската пустелија (сретнавме само три други автомобили додека возевме натаму), а до врвот се пешачи уште три часа.
– Можен пристап: професорот Лилчиќ вели дека би било подобро да се пробие пат откај селото Бонче до врвот, кој прво би помогнал за истражувањата, а потоа би можеле да го користат и туристите.

Автор: Гоце Трпковски

Текстот е превземен од Нова Македонија.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>