«

»

Jun 27 2013

МАКЕДОНИЈА И ПРЕСПА ВО ДЕЛАТА НА СТРАНСКИТЕ КАРТОГРАФИ – ОД II ДО XIX ВЕК (2 ДЕЛ)

Конечно пристигна и вториот дел 🙂

7. МУНСТЕРОВАТА КАРТА НА ЕВРОПА

Оваа карта потекнува од 16 век и претставува дело на германскиот картограф Себастијан Мунстер, кој истотака претставува и автор на една од најпознатите книги во среднот век – неговата “Космографија”. Оваа книга доживеала преку 20 изданија во наредните 100 години од нејзиното прво издавање, што навистина претставува еден огромен успех кога се има во предвид макотрпниот начинот на кој биле пишувани книгите во тој период. Истотака била преведена и на повеќе јазици како Латински, Англиски, Француски и Чешки. “Космографија” претставува енциклопедија на тогашниот свет, книга збогатена со многу цртежи и карти, вклучувајќи ја и оваа карта на Европа на која континентот е прикажан како кралица, стил кој бил доста користен во тоа време и од каде што потекнува и нашиот назив за Европа како “Старата дама”. На картата се прикажани и повеќе земји во Европа, а меѓу нив свое место си има и Македонија.

8.МУНСТЕРОВАТА КАРТА НА МАКЕДОНИЈА

Уште една карта од Себастија Мунстер, но овој пат конкретно од Македонија. Интересно е тоа што на оваа карта поголемиот дел од јужниот Балкан е претставен како Македонија.

9. КАРТА НА МАКЕДОНИЈА, ЕПИР И АХАЈА

Оваа карта е дело на познатите картографи Жерард Меркатор (од Белгија) и Јодокус Хондиус (од Холандија). Двајцата претставуваат едни од најзначајните картографи во Европа од 16 век чии дела биле публикувани и по нивната смрт во 17 век од кога и потекнува оваа карта. Жерард Меркатор е човекот кој прв го употребил зборот “Атлас” за да означи група на карти.

На оваа карта се прикажани повеќе градови во Македонија, вклучувајќи ги и Охрид, Никеја (село Цапари), Преспа (која во овој период се означува како град), како и изгубениот римски град Скиртијана кој најверојатно се наоѓа во близина на селото Козјак во преспанскиот регион.

10.КАРТА НА МАКЕДОНИЈА ОД ЖЕРАРД МЕРКАТОР

Автор на оваа карта е гореспоменатиот белгиски картограф Жерард Меркатор. На картата е прикажана Македонија со повеќе нејзини градови, вклучувајќи ги и: Преспа, Охрид, Струга, Битола, Прилеп и други.

11. КАРТА НА МАКЕДОНИЈА ОД ЈОАН ЈАНСОНИУС

Оваа карта потекнува од 17 век и претставува дело на холандскиот картограф Јоан Јансониус. Јоан се венчал со ќерката на Јодокус Хондиус, Елизабета.  По нејзината смрт, тој стапил во брак со една друга Елизабета, а подоцна склучил партнерство со Хенрик Хондиус, син на познатиот картограф, негов шура, по што издавале заеднички атласи како Меркатор/Хондиус/Јансониус.

И на оваа карта се прикажани повеќе македонски градови, вклучувајќи ја и Преспа.

12. КАРТА НА МАКЕДОНИЈА ОД БЛЕУ

Оваа карта потекнува од 17 век и претставува дело на холандскиот картограф Јоан Блеу, кој картографскиот “занает” го наследил од својот татко. Јоан Блеу е главно познат по неговите карти на холандските градови, а во еден период бил и именуван како официјален картограф на Холандската Источно-Индиска Компанија.

Во оваа карта на Македонија, свое место повторно имаат Преспа и Скиртијана.

Во скоро време следува третиот и последен дел од  оваа статија. Поздрав !

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>