«

»

Jun 14 2013

Македонија и Преспа во делата на странските картографи – од II до XIX век (1 дел)

Во првиот пост на блогот се одлучив да Ви ја презентирам мојата изложба “Македонија и Преспа во делата на странските картографи – од II до XIX век” во електронска форма, па се надевам дека ќе Ви се допадне и ќе Ве потикне да истражувате малку повеќе на ова поле

Поради својата исклучително важна географска местоположба како мост помеѓу Европа и Азија и поради својата непроценливо голема историска вредност како земја на славни цареви и личности, Македонија отсекогаш имала свое место меѓу делата на светските картографи низ вековите. Тоа се дела кои за днешната македонска јавност се од непроценливо значење, дела кои  сведочат за милениумското постоењето на нашиот народ и нашата земја позната отсекогаш и засекогаш под едно име – МАКЕДОНИЈА !

1. ПТОЛОМЕЈОВАТА КАРТА НА СВЕТОТ

Автор на оваа карта е познатиот александриски географ Клавдиј Птоломеј кој живеел од 90 година до 168 година од нашата ера. За жал неговиот оргинал е изгубен, но сепак постојат неколку копии од кои знаеме како изгледала неговата карта. Сликата подолу претставува една таква копија од XV век. На оваа карта е прикажан тогашниот познат свет со три континенти (Европа, Азија и Африка) кој го држат 10 глави. На картата се обележани голем број на земји вклучувајќи ја и Македонија како засебна единица на Балканскиот Полуостров.

2.ТАБУЛА ПОЈТИНГЕРИАНА

Табула Појтингериана претставува патна карта на римската империја на која се прикажани сите поголеми градови и попатни станици со точно обележано растојание меѓу нив, почнувајќи од Пиринејскиот Полуостров па се до Индија. Се претпоставува дека оргиналната карта (која е изгубена) е направена во петиот век, но интересно е тоа што картата изгледа како да била постојано “апдејтована” 🙂 па така на неа можат да се забележат градови кои биле уништени во првиот век, како Помпеја, и градови изградени во четвртиот век како Константинопол (т.е. Цариград, Истамбул). Денес знаеме за оваа карта по заслуга на еден германски монах по име Појтингер кој успеал да направи копија (од таму и произлегува нејзиното денешно име – Табула Појтингериана т.е. Картата на Појтингер). Ова претставува голем потфат на Појтингер кога се има во предвид дека картата е долга скоро 7 метри и широка половина метар. Што се однесува до Македонија таа има клучно место во оваа карта што произлегува од фактот дека најважните римски патишта поминувале низ Македонија вклучувајќи ја и познатата Виа Игнација. Така на картата се обележани голем број на градови и станици во Македонија како Солун, Хераклеја Линкестис (кај Битола), Стоби, Никеја (денешно с.Цапари), Лихнид (Охрид), Антигонеа (кај Неготино) и други.

Табула Појтингериана

Македонија

3. АНГЛО-САКСОНСКА КАРТА НА СВЕТОТ

Оваа карта потекнува од 11 век и најверојатно претставува копија на римски оргинал. Пронајдена е во приватната колекција на еден англиски благородник со презиме Котон, колекција која претставувала основа за денешната Национална Библиотека на Британија. На оваа карта се прикажани тогашните три познати континенти (Европа, Африка и Азија) и како посебна целина на Балканскиот Полуостров ја среќаваме и нашата земја – Македонија !

4. КАРТАТА ОД САВЛИ

Картата од Савли (позната и како Картата на Хенри од Мајнц) претставува карта на тогашниот познат свет со обележан центар во Цикладските Острови (во Егејското море).  Оваа карта потекнува од 12 век и е пронајдена во една кепела во англиското градче Савли во областа Јоркшир, а во однос на прашањето за нејзиниот автор таа предизвикувала големи полемики меѓу истражувачите на оваа тематика.

Имено на картата стои името на некојси Хенри од Мајнц, но поголемиот дел од ракописот (т.е. книгата) во која е најдена оваа карта е дело на познатиот монашки автор од Германија Хонориус Аугустодененсис кој во овој период престојувал во Англија. Некои тврдат дека се работи за истиот човек т.е. Хенри било името на Хонориус пред неговото замонашување. Како и да е во науката како автор н оваа карта е прифатен Хонориус, па така и јас одлучив во мојата изложба како автор на оваа карта да го наведам Хонориус Аугустодененсис.Но тоа во овој случај е најмалку важно.

Она што има вистинско значење е самата карта во која, како и во предходните примери, Македонија е наведена како оделна целина на Балкнот.

5. ПСАЛТИРСКА КАРТА НА СВЕТОТ

Оваа карта потекнува од 13 век и е пронајдена во еден псалтир (книга со религиозна содржина)  во Англија и нејзиниот автор е непознат. Иако ова карта е доста мала во димензии (само 10 cm во висина) таа плени со својата убавина…

Имено картата е изработена во т.н. Т-О систем во кој земјата е запишана во круг чиј центар е Ерусалим, а трите континентите се распоредени така што се поделени со водена површина во форма на буквата Т (составена од Средоземното, Црното и Црвеното море), со Азија горе, Европа долу лево и Африка долу десно. Овој систем претставува најупотребуваниот тип во Средниот век. Покрај овој распоред на картата се јавуваат две морски чудовишта на долниот дел кој го држат светот, а во горниот дел е се наоѓа Исус со два ангели и позадина украсена со звезди што го симболизира небото и небесното кралство.

Што се однесува до Македонија, и на оваа карта таа има свое загарантирано место на Балканот.

6. ГЕРБЕЛОВАТА КАРТА НА ГРЦИЈА

Оваа карта потекнува од 16 век и претставува дело на Германскиот хуманист Николаос Гербел кој решил да направи карта на Грција, која реално, претставува карта на Балканот, па така покрај Грција тој во својата карта вклучил и други делови како Тракија, Македонија, Илирија, Мизија и делови од Мала Азија.

Во скоро време очекувајте го и вториот дел !

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>