«

»

Jul 14 2015

Македонски и полски археолози ја бараат Антигонеа на Градиште кај Неготино

Археолошките истражувања на локалитетот Градиште кај Неготино, за кој археолозите претпоставуваат дека е градот Антигонеа, се во тек, а ќе траат до крајот на месецов.

gradiste negotino 2015

Станува збор за повеќегодишен меѓународен проект кој се реализира во соработка меѓу Археолошкиот музеј на Македонија и унивезитетот Гдањск од Полска. Проектот почна во 2009 година и до 2011 година освен овие две институции, партнер беше и Институтот за класични и ориентални студии од Валенсија, Шпанија.

Раководител на истражувањата е м-р Горан Санев, а негов партнер од Полска е професорот Николас Секунда. Како што вели Санев, оваа година продолжуваат ископувањата на неколку објекти, веројатно резиденцијални, опкружени со улици, во средишниот и северниот дел од градот. Еден од објектите што се истражувше и лани, има комерцијален карактер и веројатно станува збор за продавница-таверна. Во објектите се откриени изобилство од предмети од рано-римскиот период, пред се фрагменти од керамички садови, светилки, теракотни фигурини, калапи за терактоните светилки и фигурини, но и за печатената керамика од римско време. Исто така, меѓу наодите се и бројни фрагменти од импортирана, како на пример Италска и Самоска сигилата, а бројни се и примероците на фрагменти кои се нивна имитација од локално производство.

Градиште Неготино е раноантичка населба која има хронологија, засега утврдена од 5-4 век п.н.е до 1-2 век од н.е., иако на самото Градиште се среќаваат и остатоци од доцната антика. Градот интензивно живеел низ овие векови, додека за доцно-античкиот период археолозите се уште немаат податоци, со исклучок на неколку објекти и бедемот.

Ископувањата на Градиште кај Неготино се финансиски поддржани од Министерство за култура на РМ и од универзитетот Гдањск од Полска. Овој проект  ќе биде и дел од капиталните проекти на Владата на Република Македонија и тоа во втората половина од 2015 година и во 2016 година, а ќе се реализира во координација на Управата за заштита на културното наследство.

Текстот е превземен од MKD.mk

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>