«

»

Nov 26 2014

Мапа на световите

mapa na svetovite 11Тема на овој пост е еден многу интересен обреден артефакт пронајден во околината на градот Олденбург во Холштајн, Германија, кој ни покажува како Вагрите и останатите балтички Словени го замислувале светот на живите, мртвите и боговите, односно претставувал своевидна митолошка космолошка мапа.

Вагрите биле едно од бројните словенски племиња кои во 6 век мигрирале во Германија, а ја контролирале територијата меѓу Балтичкото море и реките Траве и Швентине во областа Холштајн. Нивниот центар бил градот Олденбург, односно, како што тие го викале, Старигард (Стар град). Вагрите биле покрстени и германизирани во 12 век.

Но, да се навратиме на “мапата”…

На предметот се разликуваат три целини: горна, средна и долна.

Во горниот дел имаме фигура на божество во владеачка положба. Оваа целина го претставува светот на небесните божества. Според пишаните извори, Вагрите најмногу го почитувале богот по име Пров на кого му биле посветувани дабови дрвја, па според тоа што во индо-европските традиции дабот се врзува со богот громовник, ова божество може да се идентификува со Перун. Можеме да заклучиме дека ‘владетелот’ на горниот дел е богот-громовник, што соодветствува со словенската митологија.

Во средниот дел може да се забележат шест фигури: четири животински и две човечки. Три фигури се од левата, а три од десната страна. Животинските фигури се идентични од двете страни. Според некои толкувања се работи за фигури на два коња и две кучиња. Човечките фигури се разликуваат. Човекот на левата страна има продупчени очи, најверојатно се работи за мртовец. Левата страна на предметот е светот на мртвите. Човекот од десната страна се наоѓа во положба со раширени раце, според толкувањата, поза во која се обраќа на боговите. Десната страна од предметот е светот на живите.

Долниот дел од предметот, како и горниот, претставува свет на боговите, но овој пат не на небесните, туку на хтонските божества. Тука е претставено божество со мртовечка маска помеѓу две коњски глави. Најверојатно се работи за бог-владетел на светот на мртвите, можеби верзија на Велес?

mapa na svetovite

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>