«

»

Nov 11 2014

Мартинци – Волчји денови

Празникот Мартинци што како и некои други празници во народот се среќава со разни имиња (Мартинија, Волчји празник и сл.) се врзува со различни датуми. Трае различно еден, три денови но најчесто е поврзан со 14. ноември според стариот, односно со 27 ноември според новиот календар. Со овој празник најчесто се поврзани повеќе обичаи со кои му се врзува устата на волкот да не ја јади стоката, поради што и се наречува Волчји празник, иако на волкот за да не прави пакос му се држат и други денови во годината.

Димитар Матов забележал обичаи во Велес според кои на денот на Свети Филип (14. XI с.с.) се врзува устата на волкот. Тоа се правело со гребните кои се затворале и така останувале цела недела, за да му е затворена и устата на волкот. Д. Матов сведочи дека на овој ден се правеле и магии со кои од туѓите овци се земало млекото преку летото. Во Гевгелиско, како што забележал Стефан Тановиќ празникот Мартинци (10, 11 и 12 ноември) уште се вика и В’лков празник, се паѓа три дена по Свети Аранѓел и се празнува исто така три дена. Тогаш не требало да се фаќа оружје зашто самите Мартинци биле наоружани со мартинки. Во овој крај според истото сведоштво секоја куќа спроти празникот колела кокошка и со крвта од главата на вратата правеле крст. Домаќинката во волнена кецелја ставала просо, не гледајќи колку ќе земе, а потоа го растурала околу куќата и фрлала преку куќа зборувајќи: „Кога душманите воја просо ду зрно ки гу суберат, тоги и нашут касмет да гу преземат“. И во други записи од Гевгелиско направени од Рачев овие празници што се празнуваат на 11,12 и 13. XI се викаат Минуве, М’ртенци или В’лчи празници. Тогаш не се ора, не се сее, не се сече, особено со ножици, за да не страдаат добитокот од волци, а преѓата и облеката од глувци.

Во Петричко овие Волчји празници биле од 11 до 18 ноември ги празнувале во чест на волците за да ги придобијат да не го напаѓаат добитокот. Во едно предание од овој крај се раскажува дека „Еден селанин отишол по работа од с. Г. Рибница за село Добрил…). Било зимно време. На патот сретнал едно стадо од околу 10-12 волци. Единствено средство за спасување му било искачувањето на дрво, волците биле веќе околу дрвото, а на селанецот од страв му паднала шапката. Волците кога ја виделе си помислиле дека е големо чудо се нафрлиле на неа и ја искинале на ситни парчиња. Долго време се вртеле околу дрвото и страшно виеле, а нашиот несреќник умирал каде од страв, каде од студ. Многу време мислел како да се спаси и најпосле измислил. Имено, се досетил зашто волците така разјарено се нафрлиле врз неговата капа – таа била шиена во Волчјите празници. И Шалварите му биле шиени во истите празници и требало да се прости и од нив, да ги соблече и исфрли и дури тогаш волците ќе му простат. намислено и сторено – ги соблекол шалварите и ги фрлил во блискиот трап, а волците јурнале по нив и веќе не се виделе“. Запишувачот забележал дека ако човекот имал уште некоја облека шиена во тие празници волците ќе го изеделе.

werewolf121

Во Радовиш според еден запис од поново време трите дена по Свети Арангел се викале Мартинци и за празник ги држеле жените чии мажи биле овчари, козари, говедари или дрвари „за од волци“. И овде се верувало дека облеката правена во тие денови привлекувала волци, а ако некој волк нападнел човек требало да го фрли тој дел од облеката правен во волчјите празници за да се спаси, „инаку може да биде растргнат жив на парчијна”.

И во Дебарца (Охридско) забележавме дека три дена ги празнувале Мартинија за од дивина. За да им се затвори устата на волците земале гребни за волна и за коноп ги ставале отворени од двете страни на вратата од просторијата каде што живеела стоката и откако таа ќе поминела ги затворале гребните и така ги оставале затворени за да им се затвори устата на волците и да не ја напаѓаат стоката. Исто така во текот на овој празник не се отворал нож. Поради тоа ножот го отворале порано и во текот на празниците стоел отворен. Исто така, и секирата не се употребувала овие денови поради што претходно се подготвувале дрва за деновите на празникот.
Во записите на Ефрем Каранов од Кратово се истакнува дека овие празници започнуваат со св. Мина и траат три дена. „Мартинци или Вуци празници се зафаќаат на Свети Мина (11 ноември) и траат три дни. Кој работи во тие денови ќе му направат волците штета; особено да не работат овчари и патници“.

Во поголемиот број етнографски записи се истакнува дека Мартинија – Матрона е заштитник на стоката, дека Мартиден и Ѓурѓовден се заштитниици на стоката итн. Во селото Октиси, Струшко на овој ден изведувале обичаи да му се врзе устата на волкот. „Кај нас во Октиси Марти ден врзуват. Синџирот ќе го врзиш шо го имаме на огништето во куќата ќе врзват и ќе велат: „Тука в’лкот вака, овците в поле, овај да ојт (волкот) в планина! Тој да ојт в планина, тие да одат в поле“. И ќе врзуваш колку сакаш три четири пати. И така, така ќе се сушет на синџир во оџак“. И во селото Нерези, исто така Струшко, на Мартиден клавале шип преку него да врви стоката за да не ја јаде волкот. Притоа вечерта сучеле конец и тоа со мижење (со затворени очи) за на волкот да му е затворена устата. Притоа велеле: „Да не јадет стоката волкот, да му се затвори устата, да му се врзи“.

Очигледно во минатото во регионите каде што било развиено сточарството народот изведувал многу обичаи што имале цел да ја заштитат стоката од крвожедните животни, особено од волците.

Извор: Македонска нација (mn.mk)

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>