«

»

Oct 26 2015

Министерството за култура ќе одвои повеќе средства за доистражување на Билазора

Министерството за култура наредната година ќе одвои поголем фонд на средства за доистражување, конзервација и реставрација на јужната партија на владетелската палата во археолошкото наоѓалиште Билазора кај светиниколското село Кнежје.

Ова го истакна министерката за култура Елизабета Канческа Милевска која денеска го посети археолошкиот локалитет Билазора, посочувајќи дека само тој дел од владетелската палата останал недоистражен.

Билазора бил најголем раноантички град во петти и четврти век пред нашата ера во средиштето на Балканот и е еден од најпрезентативните локалитети во земјава.

– Планираме поголем фонд на средства да насочиме кон самиот локалитет се со цел да се заврши истражувањето навладетелската палата, да се започне со реконструкција и конзервација. Овој локалитет е еден од капиталните проекти на Владата, рече Министерката за култура.

Таа им се заблагодари на градоначалникот на Свети Николе, Зоран Тасев, директорот на Музејот во Свети Николе и на професорот Драги Митревски, бидејќи во изминатите години е направено многу за инфраструктурното уредување на локалитетот.

– Патот до самиот локалитет е завршен и поставени се информативни табли што е од огромна важност за овој локалитет, и битно е туристичкиот потенцијал кој го поседува локалитетот следната година да го ставиме во функција, додаде Канческа-Милевска.

povekje sredstva za bilazora 2

Градоначалникот на Свети Николе, Зоран Тасев, рече дека археолошкиот локалитет Билазора има голем туристички потенцијал за развојот на самата општина па токму од тие причини изминатите години Министерството направило напори, како што рече, да се доистражи овој локалитет, а веќе кон крајот на следната година и да биде достапен за посетителите, за туристите.

– Верувам дека тоа ќе значи промоција на самото Свети Николе и во меѓународни рамки, бидејќи ќе биде значајно за сите посетители кои што ќе ги имаат на мапата и на картата оние значајни локалитети кои треба да ги посетат, а со тоа Билазора ќе заземе значајно место, рече Тасев.

Археологот Драги Митревски кој повеќе години го истражува локалитетот Билазора посочи дека се простира на 20 хектари, а акрополниот дел е заштитен со бедемски ѕидови во кои доминира владетелската палата.

povekje sredstva za bilazora 1

– Таа е, сепак, сочувана во фаза која ја прави да биде исклучително редок единствен споменик на културата од тоа време, бидејќи ѕидовите се украсувани со фрески, од петиот и четвртиот век пред нашата ера, рече Митревски.

Министерката Канческа-Милевска денеска го посети и Музејот во Свети Николе каде се депонирани, конзервирани и достапни за јавноста 1.160 археолошки предмети пронајдени на археолошкиот локалитет Билазора.

Извор: Министерство за култура на Република Македонија

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>