«

»

Apr 09 2014

Мистериите на Полошкиот манастир од 14-ти век

Автор на текстот е Блаже Миневски.

Кој бил човекот што бил погребан во црквата во Полошкиот манастир и зошто цар Душан има издадено специјална повелба во 1340-та година? Кој ја насликал фреската во која Јосиф со стап во раката се приближува кон Богородица, лут поради нејзинито неверство? Дали Полошкиот манастир повторно ќе заживее по доаѓањето на првите монахињи во новиот конак?

1До Полошкиот манастир или манастирот „Свети Ѓорѓи“, еден од најстарите и најзначајни манастири во Македонија, сега се стигнува само по вода, по Тиквешкото езеро, друг пат до него нема. За оние што патуваат со обичен рибарски чамец или со едно од импровизираните туристички бротчиња, потребни се околу два часа пловење од браната до манастирот. Се разбира, глисерите стигнуваат за помалку од петнаесетина минути.

Шифрирани фрески !

По истражувањата и санирањата на црквата направени пред дваесет години, кога се откриени и старите фрески од 14-ти век и други содржини околу манастирот, пред неколку години конечно е обновен и еден од конаците, па сега таму, по речиси два века, повторно престојуваат неколку монахињи и искушенички. Иако не сакаа да се фотографираат и да зборуваат јавно за тоа, сите веруваат дека наскоро  и овој манастир ќе биде дел од „живите“ македонски манастири, светилишта кои со децении беа оставени сами на себе или беа користени за сосема други, бизарни намени.

3Според д-р Димитар Ќорнаков, кој во осумдесеттите години на минатиот век  ја предводел екипата за истражување и реконструкција на црквата и манастирскиот комплекс, Полошкиот манастир отсекогаш бил предизвик за науката поради мистериите поврзани со него, но и поради  фактите  поврзани со изградбата и зографисувањето. Дел од тие тајни се откриени за време на истражувачкиот проект во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, кога се извршени обемни археолошки истражувања, конзервација на архитектурата, симнување на фреските и друго.

Во тоа време се откриени историските портрети на Драгушин и неговата сопруга Ана, потоа ктиторскиот портрет на деспотицата Марија, мајка на  Драгуш, синот на Драгушин и Ана, како и два натписа кај фреската на Драгушин и кај фреската на ктиторката Марија. Исто така, над овие портрети беа откриени и портрети во цел раст на кралот Стефан Душан, неговата сопруга Елена и синот Урош, но и еден натпис кој се однесува на Стефан Душан. Од големо значење беше и пронаоѓањето и ископувањето на гробот на Драгушин и откривањето на портретот на свети Ѓорѓи, патронот на црквата.

sv_gjorgi_poloski_freskiПред шеесет години, значи уште веднаш по ослободувањето на Македонија, Ќорнаков почнал да се интересира за овој исклучително мистичен македонски манастир: „Бидејќи веќе знаев за дел од мистериите поврзани со него од литературата до која можев да дојдам како ученик и студент, во педесеттите години на минатиот век конечно првпат го посетив Полошкиот манастир. До манастирот тогаш водеа два пата: едниот преку селото Возарци по течението на Црна Река; патот се пробиваше низ кањонот на реката по тесен кривулест коњски пат. Вториот патен правец одеше преку селото Бегниште и се спушташе кај месноста Каменица, каде што рекичката Каменица се вливаше во Црна Река. Во секој случај, долго и тешко се  патуваше до манастирот. Кога мислев дека сум стигнал во близина на манастирот, всушност бев долу во кањонот – манастирот беше високо над реката. Патот до него беше стрмен, а манастирот тешко достапен, како гнездо под планинските  врвови на Вишешница.

Стигнувајќи до него, веднаш можеше да се забележи една многу тажна слика: урнатини од некогашните манастирски конаци обраснати со треви, трње, капини и коров. Двете двокрилни врати од припратата на манастирската црква, изработени во плитка резба на почетокот од 17-ти век, беа подотворени, но пред нив имаше многу здивени грмушки така што можеше веднаш да се види дека ниту не влегувал ниту пак се интересирал за манастирот барем последните неколку децении. Таква беше глетката од сите страни на црквата. Се наѕираа  остатоците  од конаците од јужната и источната страна на црквата, како и делови од главната манастирска порта. А внатре во црквата се уште, за среќа, чудесно зачувано, стоеше огромно богатство: фрески од 14-ти век, Голем крст во резба, кој стоеше врз горниот дел на иконостасот, а во најдолниот дел – две големи престолни икони на Света Богородица со Христос и на Исус Христос седржител.

Беше јуни 1957-та година, кога со стегнато срце го напуштив Полошкиот манастир „Свети Ѓорѓи“. Се разбира дека во мислите не го напуштив никогаш, зашто постојано пред мене беа скриените богатства што ги поседуваше манастирот, а тогаш, ете, за жал, беа оставени на милост и немилост на времето. Како и да е, десетина години подоцна повторно го посетив манастирот, но овојпат службено, поради евиденција и документирање на иконите и другите црковни предмети. Всушност тоа беше акција на тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на кулурата. Се сеќавам дека тогаш кон манастирот тргнавме од селото Рожден спуштајќи се по рекичката Блашница, која исто така во тоа време се вливаше во Црна Река. По кањонот на Црна Река патеката до манастирот беше долга и тешко проодна, а пристапот до манастирот и овојпат беше тежок и ризичен.

За жал, овојпат дел од фреските од 17-ти веќе беа напукнати, но, за среќа, под нив се наѕираа постари фрески. Заминав од овој мистичен манастир со загатаката за тоа што ли може да се крие под пукнатините на фреските, односно дали целиот источен ѕид на западната фасада на црквата е со фрески од времето кога таа била изградена. Со таа мисла бев до 1980-та година, кога, како историчар на уметноста  во Републичкиот завод за заштита на културата, предложив во Програмата да влезе и Полошкиот манастир „Свети Ѓорѓи“. За среќа, мојот предлог беше прифатен и следната година веќе  беше формирана екипа за научно- истражувачка работа со проект за заштита и реализација на проектот за заштита на овој исклучително вреден македонски средновековен манастир’, се сеќава д-р Ќорнаков.

Заедно со него како раководител на проектот во екипата биле уште и Живоин Винчиќ, Милан Ивановски, Митко Пренџов, Ѓорѓи Ѓеоргиевски, Тепи Станишева, Соколе Шутиновски и Томе Грков.

Sveti_gjorgi1

Тригодишните истражувачки и конзерваторски работи се одвивале  паралелно и синхронизирано, а во работа на проектот учествувале уште и Драган Дакиќ и Петре Камчевски од Музеј-галеријата во Кавадарци. Во тоа време е извршена целосна конзервација на архитектурата и на фрескоживописот, резбите, иконите, а направени се и копии на двете двокрилни врати. Исто така била обновена и манастирската главна порта, фурната, чешмата, потпорните ѕидови, а манастирскиот двор конечно е среден, засеана е трева и засадени се дрвца, меѓу кои и многу реткото автохтоно дрво кое се вика „гол човек“ . Дрвото и сега може да се види во дворот на манастирот.

Првите сознанија за историјата  на манастирот Свети Ѓорѓи – Полошки потекнуваат од двете повелби издадени во 1340 година и 1378-та година. Првата повелба е издадена од страна на цар Стеван Душан, кој владее со овој дел од Балканскиот полуостров од 1331-та до 1355-та година. Повелбата се однесува на неговата одлука Полошкиот манастир со својот имот да биде даруван на манастирот Хиландар на Света Гора, заедно со селата Полошко, Драгожел и Кошани. Втората повелба е од 1378-та година кога браќата Дејановиќи – деспотот Јован Драгаш и неговиот брат  Константин – ги дарувале имотите на црквата Свети Ѓорѓи Полошки, заедно со реката Црна и селата, на рускиот манастир Свети Пантелејмон на Света Гора. Од содржината на повелбата од 1340-та година може да се заклучи дека телото на Драгушин, братучед на цар Душан, е положено во црквата во селото Полошко, но оваа повелба меѓу истражувачите и проучувачите  била најразлично толкувана. Имало големи разлики околу тоа кој е Драгушин, во какви роднински врски е со кралот и која е споменатата  деспотица. Всушност, немало никаков доказ за тоа до денот кога биле откриени мистериозните фрески со натписи скриени под фрески од подоцнежно време.

Со тоа истражувачите на Полошкиот манастир „Свети Ѓорѓи“ одеднаш пред себе добиваат два натписа испишани на источниот ѕид во припратата над влезот во црквата. Постариот натпис од 1609-та година е од времето кога била зографисана припратата за време на игуменот Сава, а вториот натпис е од 1881-та година при третата обнова на фреските.

Инаку, во записи на разни патописци се спомнуваат повеќемина игумени на манастирот, но и тоа дека во манастирот имало две згради од кои едната стара, двокатна со четири одаи долу и четири горе, како и голем чардак. Се спомнува и штала за 40 грла добиток, готварница, визба со големи бочви, две плевни надвор од манастирскиот двор, но и 600 уври гора и 600 уври нови шуми во околината на селата  Добротино, Праведник, Шешково, Ресава, Бегниште, Куманичево, Клиново и Галишта. Пред 1893-та година, на пример, манастирот имал околу 20 овци, 120 кози, 10 вола, 15 јунци, три крави, четири коњи и едно ждребе.

Се спомнува  и тоа дека во почетокот на претходниот, осумнаесетти век, манастирот во еден период сосема опустел, иако во 15-ти и 16-ти век бил еден од најпознатите и најсилни  скрипторски центри во Македонија. Како и да е, во првата фаза на работа, симнат е вториот слој фрески од 1609-та година на фасадната страна, па на северната страна од ѕидот во црквата се откриени фигурите на Јован Драгушин и неговата сопруга Ана, а над нив монументалната фигура на цар Стефан Душан. Драгушин е облечен во благородничка одежда, украсена со бисери и златни двоглави орли, со црвени и сини благородни камења, а на десната рака носи масивен прстен. Во висина на главите на  Драгушин и Ана бил откриен натпис во кој се даваат релевантни податоци за понатамошно проучување на црквата и нови сознанија за самиот Драгушин. Имено, во натписот кој има десет реда, меѓудругото се известува дека „Јован Драгушин е син на деспот Алдимир и вистински брат на превозвишениот крал и наш господар“.

Исто така се констатира дека Јован Драгушин го одбрал токму ова место за своја гробна црква по 1334-та година кога Стефан Душан навлегол подлабоко на територијата на Македонија под византиска власта со што Драгушин добил имоти во тогашните јужни краеви на Душановата држава. Повелбата на цар Душан од 1340-та година е издадена на молба на  деспотицата Марија, мајка на Драгушин и тетка на цар Душан, кој ја нарекувал своја мајка. Од овие извори откриени токму во Полошкиот манастир дознавме дека угледниот роднина на царот останал без титула а дека високиот третман на Душановиот двор се должел на неговото потекло и на фактот дека бил во најблиско сродство со владетелот на државата. Првиот податок од натписот со кој се кажува дека Драгушин е  син на деспотот Алдимир го разрешува прашањето во науката за неговото сродство, односно сродството на неговата мајка, деспотицата Марија, со Стефан Душан. Според него деспотот Алдимир и Стефан Дечански, таткото на цар Душан, биле баџанаци, односно биле оженети со родените сестри, ќерки на бугарскиот цар Смилец, кој владеел од 1292 до 1298-та година. Нивната мајка, пак, односно жената на Смилец, била Гркинка, ќерка на севастократорот Константин Палеолог, брат на византискиот цар Михаил Осми Палеолог.

Според историските извори, Стефан Душан и Јован Драгушин, чиј гроб е пронајден токму во Полошкиот манастир, како први братучеди, деца на две сестри, прпват се сретнале во 1314-та година кога Стефан Дечански, казнет од својот татко и ослепен, бил испратен во заточение во Цариград. Веднаш до Драгушин насликана е неговата сопруга Ана, за која пишува дека е негова жена и ќерка деспотова. Интересно откритие беше и тоа што над портретите на Драгушин и неговата сопруга Ана беше откриена монументална фигура на цар Стефан Душан и на ангелот кој му дарува меч. Душановиот портет во Полошкиот манастир спаѓа во редот на најрепрезентативните претстави на овој владетел воопшто. Фигурата зафаќа голема површина од ѕидот и по својата  големина се доближува до неговиот портрет насликан во Лесновскиот манастир, вели  д-р Ќорнаков.

Гробот на братот на Цар Душан?

Со симнување на фреските од 1609-та година биле откриени значајни портрети на историски личности, како што е ктиторскиот портрет на деспотицата Марија, мајката на Драгушин, потоа ликот на Свети Ѓорѓи, патрон на црквата, како и синот на  Драгушин и Ана. Ктиторката Марија е претставена во цел раст со моделот на црквата во рацете. Покрај нејзиниот ореол се наоѓа мошне значаен  натпис кој дава интересни податоци за историјата. Од натписот се дознава дека крстеното име на мајката на Драгушин било Марина, а монашкото Марија, како и тоа дека таа се замонашила по смртта на својот син.

Ако се знае дека уште со повелбата на  Стефан Душан се знае дека самиот Драгушин уште додека бил жив одбран да биде погребан во Полошкиот манастир, тогаш треба да се претпостави дека самиот тој ја отпочнал и изградбата на црквата-мавзолеј, но умрел за време на градењето. По неговата смрт неговата мајка, деспотицата Марија, ја довршила црквата,  а потоа и ја зографисала околу 1343-та година.  Се разбира дека ние како екипа го имавме зацртано како една од приоритетните  задачи откривањето на гробот на Драгушин за чие постоење упатуваше повелбата на Душан од 1340 година во која се вели дека уште за живот Драгушин го одбрал местото каде што ќе биде  погребано неговото тело, а тоа е црквата во Полошко посветена на Свети Ѓорѓи.

И, навистина, неколку месеци по започнувањето на археолошките истражувања, токму тоа и се случи. Имено, на  длабочина од околу половина метар под подот на црквата се дојде до горната површина на гробницата. Гробницата  беше покриена со големи камени плочи. Источниот ѕид на гробницата е изведен истовремено со останатите ѕидови на црквата, со ист материјал и ист начин на ѕидање. Со тоа беше потврдено дека уште додека се градела црквата, значи кога Драгушин бил жив, гробот бил одреден и вклопен во црквата  на местото што самиот го избрал. За време на отворањето на гробницата беше констатирано дека покривните плочи се изместени за да се направи отвор, а сето тоа упатуваше на поранешно отворање на гробницата под подот на црквата. Сепак, во неа беше откриен човечки скелет, положен на грб, а околу него беа пронајдени мали остатоци од срма. Подоцна, околу 40 години по смртта на Драгушин, црквата „Свети Ѓорѓи“ со селата Полошко, Драгожел, Кошани и поширокиот Тиквешки регион веќе припаѓале на Константин, син на севастократорот и деспот Дејан. А тој со неговиот брат Јован Драгаш го подариле Полошкиот манастир во 1378-та година на манастирот „Свети Пантелејмон“ на Света Гора.

Во прилог на новите сознанија за црквата-мавзолеј, во која бил погребан Драгушин, брат на цар Душан, пронајдени се и неколку парчиња покривни ќерамиди на кои е врежано име и запис пред печењето. Во натписот на ќерамидата стои дека „оваа ќерамида настана во месец август во калапите на Драгушин“. Откривањето на овој изворен податок е уште една потврда  за активноста на Драгушин околу изградбата на црквата во Полошко како негов Мавзолеј. Затоа може со сигурност да се каже дека црквата „Свети Ѓорѓи“ на Полошкиот манастир е единствен објект во Македонија наменет како црква-мавзолеј, во која бил погребан Драгушин по своја  волја и во однапред избрано место. Црквата е изградена во 1340-та година од неговата мајка, деспотицата Марија, која подоцна, како што пишува во повелбата на цар Душан, таа ја подарува на Хиландар, вели д-р Димитар Ќорнаков.

Сепак, според стилот на градбата би можело да се претпостави дека  црквата е постара од 14-ти век, а во времето на цар Душан е доѕидана само припратата каде што бил и гробот на неговиот братучед Драгушин. Црквата имала единствен влез на западната страна, а пред неа бил изграден и отворен трем за заштита на портретите кои се сочувани во многу добра состојба, имајќи предвид дека се насликани во периодот од 1343-та до 1345-та година. Многу векови подоцна, со изградбата на Тиквешката акумулација манастирот бил отсечен од селата, а осамената манастирска црква останала сосема незаштитена, оставена на забот на времето.

По изградбата на гробницата во црквата-мавзолеј, во која бил погребан Јован Драгушин, од страна на неговата мајка, ктиторката Марија, биле повикани и ангажирани врвни зографи кои ја отсликале целата внатрешност на црквата за две години, од 1343 до 1345 година.  Станува збор за исклучителни фрески кои се влезени во најрепрезентативните  збирки на средновековното фрескосликарство во Македонија. Инаку, за проучување на фрескоживописот во Полошкиот манастир покажан е интерес уште во 1931-та година, кога се објавени првите теренски податоци. Се разбира дека тогаш не се знаело за фреските скриени под оние што биле насликани неколку века подоцна.

Како и во другите  цркви од тоа време, црквата во Полошкиот манастир содржи два вообичаени циклуси на фрески: Големите празници и Христовите маки, како и две композиции – Воведение и Распение, кои се пренагласени поради нивното знаење во оваа црква-мавзолеј. Композицијата Воведение Богородично е насликана  во периодот меѓу 1340 до 1378-та година, и таа е  пресудна во уверувањето дека Хиландарци се заслужни за завршување на сликарството во храмот. Многу интересна е една мистериозна фреска во третата зона на западниот ѕид, каде што може да се види шокантната сцена во која Јосиф  ја укорува Богородица  за неверство, а која е насликана според Протоевангелието на Јосиф. Како што можат да видат сите што го посетуваат Полошкиот манастир, Јосиф е од левата страна на фреската со стап во левата рака, а со показалецот од десната рака покажува кон Богородица. Се разбира, Богородица одрекува дека го изневерила и во одбрана  ги дига двете раце нагоре со отворени дланки кон Јосиф. Според стилските особености на живописот, кои се слични  со оние во црквата „Света Богородица“ на островот Мал Град во Преспа, од 1369-та година, како и со сликарството во црквата „Свети Атанасиј“ во Костур од 1384/85 гоина, но и со фреските во Марковиот манастир од 1376 или 1380-та година, живописот во Полошкиот манастир може да се датира во времето околу 1370-та година.

Од друга страна, токму поради фактот што во црквата е погребан Драгушин, Распетието Христово е нагласено со големината на композицијата  и нејзиното сместување на видно место на ѕидот од црквата. Грижата на Хиландарците за Полошкиот манастир како свој метох надвор од Света Гора се гледа и во неговото живописување за што сведочи сцената Воведение Богородично – Славата на Хиландарскиот храм насликана на голема површина и на видно место на јужниот ѕид од поткуполниот простор. Дека Хиландарци воделе грижа за овој манастир се гледа и од едно четвороевангелие од 11-ти век во кое биле уфрлени 4 листа со ликовите на евенгелистите во време кога бил насликан Полошкиот живопис. Од овој подоцна уфрлен запис се дознава дека во Полошкиот манастир дошол Хиландарскиот јеромонах и духовник Козма, а во манастирот веќе бил зографот Михајло, кој ги илустрирал книгите, а можеби работел и на фреските. Сепак, затоа што живописот повеќепати е пресликуван, не може да се утврди точниот број зографи кои работеле на фреските, но се чини дека станува збор за двајца зографи со два видливо различни начина на сликање.

Подобриот сликар работел на помалку места во црквата и тоа во горните појаси на олтарниот простор на источниот и на северниот ѕид, додека останатите фрески во црквата ги работел вториот зограф кој настојувал неговите фигури да изгледаат попластично користејќи тонска изведба на сликите. За жал, авторите-зографи не се познати. Првиот зограф ги сликал историските портрети, како оној на Драгушин, потоа на неговата сопруга Ана, ктиторката Марија со внукот, синот на Драгушин и Ана, потоа цар Душан со семејството, жена му Елена и синот Урош, заедно со патронот на црквата „Свети Ѓорѓи“ насликан над влезот во црквата. Истиот зограф ги има насликано и фреските во првата зона во наосот на црквата и олтарниот простор. Фрескоживописот во втората и третата зона, како и тие на сводот можат да се препишат на вториот зограф. Ако првиот зограф бил од редот на дворските мајстори-сликари, тогаш вториот зограф сигурно е од редот на талентираните локални зографи кои работеле под влијание на Солун и Цариград. За разлика од првиот зограф, вториот работел со засенчување, односно со нијансирање на боите.

Освен фреските, Полошкиот манастир поседува и значајни, врвни резбарски дела, како што се Големиот крст со Распетие Христово, двокрилната врата, дел од игуменски стол и друго. Големиот крст со Распетие Христово е од 1548-та година и тоа е навистина извонредно резбарско остварување. Овој крст бил поставен врз горниот дел на иконостасот, а на него на црковнословенски јазик пишува дека е  направен 1548 година, кога игумен во манастирот бил Пајсиј, ктитор Мина, а јеромонаси Стефан, Кирил, Теофан и Леонтиј. Колкаво е значењето на овој крст се гледа и од тоа што тој е најстарото сочувано и датирано Распетие, кое предизвика голем интерес кај научниот свет, а бил и предмет на разни истражувања, анализирања и презентирања. Овој крст од Полошкиот манастир се смета за еден од најрепрезентативните зачувани целини од овој вид во Македонија. Мошне значајно дело од резбарска гледна точка е и полилејот од 17-ти век, кога бил изработен и иконостасот, како и двокрилната врата од влезот на црквата од ореово дрво во плитка резба а во духот на делата кои биле работени во работилниците на Прилепско-Слепчанската резбарски школа. Двете крила се изведени со четвороредна плетеница околу крилата која лачно ги засводува. Според досега достапните сознанија таа е изработена и поставена во црквата во 1609-та година. Манастирската црква на Полошкиот манастир имала и игуменски стол од крајот на 17-ти век. Сега е сочуван само дел од столот и тој се наоѓа во Народниот музеј во Велес. На штица која била закована на столот биле врежани три реда натпис во кој се вели да се знае во година 1676-та го направи овој стол при игуменот Агапиј мајстор Ќоро од Тиквеш.

Сега, три и пол века подоцна,  со новиот конак и монахињите, манастирот полека заживува и духовно, па наскоро, како што е најавено, тој ќе биде еден од живите манастири во Македонија каде што постојано живеат монашки братства или сестринства. Манастирот веќе секојдневно го посетуваат бројни туристи, кои уживаат во убавините долго, со векови скриени под кровот и малтерот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>