«

»

Jul 18 2014

Најзначајните градови во Картагинската колонијална мрежа

Картагина се “родила” како колонија на феникискиот град Тир во IX век п.н.е., а стекнала политичка независност во VII век п.н.е. Според легендите таа била основана од страна на тирската принцеза Дидо. Својот најголем подем Картагина го имала во VI и V век п.н.е., за време на владеењето на династијата на Магонидите, кога изградила силна морнарица и основала широка колонијална мрежа во западниот Медитеран и воспоставила целосна контрола врз трговијата во тој регион. Потврда за нивната решителност во амбициите за воспоставување голема трговска империја се и експедициите на Хано I (познат и како Хано Навигаторот) и Химилко I во V век п.н.е., кои стигнале се’ до Сенегал, односно Британските острови. (Повеќе за Феникијците и нивните поморски експедиции ТУКА)

Картагина

Картагина

Како најзначајни точки во таа картагинска колонијална мрежа се издвојуваат:

Хадруметум (денешен Сус, Тунис) – била феникиска колонија која била основана пред Картагина, а по стекнувањето на картагинската независност, Хадруметум играл значајна улога во Картагинската Империја како значајно пристаниште во Хамаметскиот залив.

Тапсус (во близина на денешна Бекалта, Тунис) – значаен трговски центар во картагинската колонијална мрежа.

Керкуан (на полуостровот Бон, Тунис) – значајна феникиска/картагинска колонија која била уништена за време на Првата Пунска Војна (264-241 г.пне.) и никогаш повторно не била изградена. Од оваа причина, Керкуан претставува значаен археолошки локалитети кој дава чист увид во картагинската култура.

Утика (денешна Зана, Тунис) – традиционално се смета како прва и најстара феникиска колонија во Северна Африка, основана около 1100 г.пне. Се’ до 6 век таа била автономна во однос на Картагина. Играла улога на важно трговско пристаниште.

Хипо Акра/Хипо Диаритус (денешна Бизерта, Тунис) – значајно трговско пристаниште и една од најстарите феникиски колонии во Сверна Африка.

Хипо Региус (денешна Анаба, Алжир) – феникиска трговска колонија. Под Нумидиска власт претставувал кралска резиденција за нумидиските кралеви.

Малака (денешна Гуелма, Алжир) – на локацијата има остатоци на човечки живот уште од праисторијата, но првпат се здобива со статус на град со феникиската колонизација. Нејзиното име означува “сол” во феникискиот јазик.

Јол (денешен Шершел, Алжир) – основан од картагинските феникијци во 5 век п.н.е. Во вториот век п.н.е. паѓа под нумидиска контрола, а во првиот век п.н.е. под римска контрола, по што е преименуван во Цезареа (Цезареа Мавританиска).

PhoenicianShip

Феникиски брод

Лептис Магна (денешен Хумс, Либија) – важна феникиска колонија основана околу 1000 г.пне. Подоцна има улога и на значаен римски град во Северна Африка.

Оеа (денешен Триполи, Либија) – феникиска колонија основана во 7 век пне. Има локација на природно пристаниште.

Сбрт’н ( денешна Сабрата, Либија) – феникиска колонија основана околу 500 г. пне.

Каралис (денешен Калјари, Сардинија, Италија) – феникиска колонија основана во 8 или 7 век пне.

Лилибаеаум (денешна Марсала, Сицилија, Италија) – најзначајната од низа феникиски колонии воспоставени на бреговите на Сицилија.

Малат (денешна Мдина, Малта) – феникиска колонија основана околу 700 г.пне.

Ибосим (денешна Ибица, Балеарските острови, Шпанија) – феникиска колонија основана во 654 г. пне. Значајно трговско пристаниште кои произведувало и неколку високо ценети трговски добра.

Гадир (денешен Кадиз, Шпанија) – една од најзначајните феникиски колонии воопшто. Главна феникиска колонија на тлото на Шпанија.

Малака (денешна Малага, Шпанија) – феникиска колонија основана околу 770 г.пне. Има исто име како веќе споменатата феникиска колонија Малака во Алжир.

Нова Картагина (денешна Картагена, Шпанија) – населба основана како дел од Тартесиската конфедерација (група на градови во јужниот дел на Пиринејскиот Полуостров кои припаѓале на Тертесиската култура. Преименувана во 3 век пне. како Нова Картагина.

Тингис (денешен Тангер, Мароко) – картагинска колонија основана во 5 век пне. на местото на поранешна берберска населба.

Ликсус (денешен Лараш, Мароко) – феникиска колонија основана во 7 век пне. на атлантскиот брег на денешно Мароко.

Арамбис (денешна Есауира (Могадор), Мароко) – картагинска колонија основана од страна на Хано Навигаторот во 5 век пне. на атлантскиот брег на Мароко. Играла улога на значајно трговско пристаниште и место во кое се произведувала познатата Тирска пурпурна боја, по која биле познати феникиските трговци.

Ова се само еден мал дел од огромниот број на населби и градови основани од Феникијците долж бреговите на Медитеранот (и Атлантикот) кои ја сочинувале картагинската колонијална мрежа, колонии кои на Картагина и’ донеле големата моќ и богатство.

Phoenician Colonies

Феникискиската колонизација на Медитеранот

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>