«

»

Sep 17 2013

Најзначајните преспански војводи од Илинденскиот период

Преспанското население, подржувано од Македонската Револуционерна Организација преку голем број на организирани комитски чети, се подготвувало и масовно учествувало во Илинденското востание од  1903 година, при што, наспроти тортурите и страдањата предизвикани од турскиот аскер, биле извршени повеќе акции, меѓу кои како позабележителни се: нападот на Шурленскиот ан, нападот на Ресен, акциите за прекинување на комуникациските врски на патните правци Битола-Горица и Битола-Охрид, повеќето борби кај село Крушје итн… За што подоцна, во знак на одмазда, аскерот ги изгорел селата: Крушје, Кривени, Златари, Болно, Подмочани, Евла, Покрвеник и други. Но, и покрај зулумите и изгорените села, моралот на населението бил на доста високо ниво, па така, славниот Славејко Арсов во своите спомени пишува: “Кога го изгореа Болно, народот никако не протестираше. Викаа : – “Нека сме живи, ќе си направиме поубави куќи„ ; кога догоруваше селото, по лицата на сите селани се забележуваше весело настроение: – “Илуминација имаше во селото„ викаа тие: – “Без горење може ли да се добие нешто?„ ”.

Така, за време на сите овие настани во Преспа, со својата голема пожртвуваност и посветеност кон револуционерното дело и девизата “Слобода или Смрт”, се истакнале голем број на револуционери чии имиња заслужуваат почит и вечно паметење кај денешните и идните генерации. Тоа е и целта на оваа статија – накратко да Ве запознаам со некои од најзначајните Преспански војводи од Илинденскиот период кои го положиле својот живот за нашата слобода.

Славејко Арсов – роден во Ново Село, Штипско во 1878 година. Стапил во редовите на МРО во 1900 година. Бил учесник на Смилевскиот Конгрес во мај 1903. За време на Илинденското востание ја вршел улогата на главен реонски војвода во Горна Преспа. На денот на почетокот на востанието со својата чета бил стациониран над селото Болно, заедно со селските чети од Болно, Царев Двор, Дрмени и Јанковец. Учествувал и во битката кај селото Евла на 23 август против еден турски одред  што доаѓал од правец на Охрид. После 4 часа борба четите успеале да се истргнат. По задушувањето на востанието заминал на лекување во Бугарија, но набрзо се враќа во Македонија. На пат за Ресен, на 9 јули 1904, неговата чета се судрила со турскиот аскер во близина на село Ѓуѓанци, Светиниколско. За да не падне жив во рацете на напријателот се самоубил.

Славејко Арсов и неговата чета

Петар Дамов Христов Германчето (Петар Дамовски) – роден во село Герман, Долна Преспа во 1867 година. Стапил во редовите на МРО во 1899 година и станал селски војвода. За време на Илинденското востание бил војвода на голема чета и учествувал во борбите кај преспанските села Наколец, Попли, Лок, Бесвина и кај месноста Бигала, помеѓу селата Герман и Рудари. По востанието заминал во САД, а во своето родно место се вратил во 1905 година, по што формирал нова чета и стапил во некомпромисна борба против турскиот поробувач и грчките андартски чети. На 28 февруари 1907 бил опколен од турски аскер кај преспанското село Дробитишта, каде по жестока борба се самоубил за да не падне жив во непријателски раце. Неговиот син Герман Христов – Дамовски бил учесник во НОБ.

Петар Христов Германчето и неговата чета

Крсте Трајков Ресенски – роден е во село Крушје, Преспа во 1865/7 година. Рано се вклучил во МРО заедно со неговиот брат Иван (Јонче) Трајков. На почетокот дејствувал како четник во Охридско по што бил назначен како околиски војвода во Преспа.

Крсте Трајков и неговата чета

За време на Илинденското востание активно учествувал во борбите кај селата Крушје, Лева Река, Кривени, Болно и во крвавата битка кај селото Волкодери заедно со четата на Георги Шкорнов (Ѓакон Евстатиј) каде е тешко ранет, но успева да се извлече. Бил учесник и во Младотурската револуција од 1908 година. Во 1923 заминува во САД. Умира на 7 Јануари 1942 во Ресен. Опеан е во народната песна “За Крсте Ресенски”.

Геро Ресенски – роден е во село Кривени, Преспа. Годината на раѓање не е позната. По влегувањето во МРО станува дел од четата на Славејко Арсов и  зема учество во Илинденското Востание. Од 1904 година е околиски војвода. На 30 ноември 1904 година, заедно со четата на Митре Влаот, кај село Желево, Преспа, ги нападнале андартските чети на Ефтимос Каудис и Спирос Спиромилиос, но биле одбиени. На 3 февруари 1905 е опкружен во родното Кривени од страна на турскиот аскер каде што во немилосрдна борба е убиен. Опеан е во народната песна “Големо чудо станало”.

Иван (Јонче) Трајков – брат на Крсте Трајков. Роден е во село Крушје во 1880 година. За време на Илинденското востание е војвода на селската чета од Крушје. Умира на 3 февруaри 1905 во Кривени заедно со војводата Геро Ресенски.

Спиро Олчев – роден е во село Дрмени, Преспа во 1870 година. Во Илинденското востание учествува со своја чета. Се бори во битката кај Евла заедно со Славејко Арсов. Умира во 1954 година во Софија, Бугарија.

Спиро Олчев

Кочо Кочовски – роден е во село Подмочани, Преспа. Годината на раѓање не е позната. Во Илинденското востание учествува како реонски раководител и војвода на селската чета од Подмочани. Умира на 27 август 1903 година во борба против турскиот аскер.

Никола Кокарев – роден во село Царев Двор, Преспа во 1876 година. Стапил во редовите на МРО во 1895. Бил учесник на Смилевскиот Конгрес во мај 1903. За време на Илинденското востание бил назначен како раководител на Долнопреспанскиот револуционерен реон. Учествува во повеќе битки. Се самоубива на 15 август 1903, откако е ранет во борба со турскиот аскер. Погребан е во село Штрбово, Преспа.

Никола Кокаров

Велјан Илиев Чипуровски Пенчо – роден во Смилево, Демирхисарско во 1878. Откако стапил во МРО, учествувал во четите на Никола Петров Русински, Дејан Димитров и Славејко Арсов. Бил учесник на Смилевскиот Конгрес во мај 1903. За време на Илинденското востание бил назначен како реонски раководител во Долна Преспа. Умира на 15 август 1903 заедно со Никола Кокарев. Погребан е во Штрбово, Преспа.

Наум Фотев Геровски – роден е во село Герман, Преспа во 1879 година. За време на Илинденското востание е реонски војвода. Учествува во битката кај село Рудари на 27 август. По задушувањето на востанието емигрира во САД, но се враќа назад во 1904 година. Подоцна умира од природан смрт. Неговиот син Богоја Фотев е учесник во НОБ, член на АСНОМ и прв министер за земјоделство и шумарство во Владата на НР Македонија.

Јоше Глобочки – роден во село Подмочани. Главен раководител на четите во Мала Преспа, од Отешево до Горица.

Алексо Шуменов – роден во село Горно Дупени, Преспа. Годината на раѓање не е позната. За време на Илинденското востание предводел чета од Преспанци-емигранти. Но, набргу четата била расформирана поради недоволна обученост и опременост.

Стефан од Кривени – Раководител на селска чета во Перово. Учествувал во нападот на Шурленскиот Ан, заедно со четите од селата Покрвеник, Волкодери, Шурленци и Прелубје.

Стефан Мешков – роден во Охрид во 1884 година. За време на Илинденското востание е војвода на четата од село Евла. Учествува во нападот на една кула кај село Петрино. Умира на 9 Јули 1904 во борба со турскиот аскер во близина на село Ѓуѓанци, Светиниколско, заедно со Славејко Арсов и Трајче Танев.

Трајче Танев – роден во село Смилево, Демирхисарско. За време на Илинденското востание е војвода на селската чата од Кривени. Умира на 9 Јули 1904 во борба со турскиот аскер во близина на село Ѓуѓанци, Светиниколско, заедно со Славејко Арсов и Стефан Мешков.

Ангел Андреев – роден во село Рудари, Преспа на 23 април 1867. Во Илинденското востание учествува како околиски војвода. Учествува во борбите кај селата Шаовци, Попли, Штрково и Герман.

Георги Павлев – роден во село Златари, Преспа. Во Илинденското востание учествувал како војвода на златарската чета.

Ефтим Келешов – роден во село Крани, Преспа. Раководител на селска чета.

Јоше Шерденков – роден во село Љубојно, Преспа. Реонски војвода.

Панде од Сопотско – војвода на селска чета.

Ставре Тасев – роден во село Болно, Преспа. Раководител на селска чета.

Петруш Стрезов – роден во Ресен. За време на Илинденското востание е војвода на четата од село Покрвеник. Учествувал во нападот на Шурленскиот ан.

Спиро од Лева Река – војвода на селска чета.

Никола од Горно Дупени – учител и војвода на селска чета.

Наум од Наколец – војвода на селска чета.

Панде Јонов – роден во село Претор, Преспа. Раководител на селска чета.

Пере од Јанковец – војвода на селска чета.

Ристо Томулев – роден во село Љубојно, Преспа. Раководител на селска чета.

Толе од Златари – војвода на чета во село Царев Двор.

Трифун од Јанковец – војвода на чета во село Избишта.

“Слава на Јунаците – На првиот ден на Илинден 1903 год. на ова место комитите од с. Крушје водеа јуначка и жестока борба против многубројниот башибозук на султанска Турција” (Споменик посветен на јунаците од Илинденското востание во село Крушје)

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>