«

»

Aug 18 2013

Неконвенционални оружја во античкиот свет

Во текот на историјата биле измислени голем број на оружја кои во најмала рака можат да се наречат чудни и за кои нивните конструктори сметале дека ќе им ја пружат на својата страна онаа мала предност со која би ја добиле битката. Истото важело и за антиката. Па така, кога традиционалните оружја како копја, стрели и катапулти неможеле да ја завршат потребната работа, на сцена излегувале навистина “луди” (барем за тогашно време) оружја. Во овој пост ќе се обидам да Ви презентирам барем дел од тие неконвенционални воени орудија во античкиот свет.

1. Отровен Гас

Хемиските оружја како отровниот гас се сметаат за релативно ново откритие и својата најголема искористеност ја доживеале за време на рововските битки во Првата Светска Војна. Но, сепак сведоштва за користењето на отровни гасови во борба се забележани уште во 5 век п.н.е., поточно, античкиот историчар Тукидид забележал дека во 429 г.п.н.е. за време на Пелопонеската војна (431 – 404 г.п.н.е.) Спартанците користеле отровен за време на нападот врз градот Платеја (област Беотија) кој го создале палејќи комбинација од смола од бор и сулфур со што успеале го создадат отровниот сулфур диоксид.

Во 2009 се пронајдени и првите археолошки докази за користењето на отровен гас во антиката кога една група од археолози открија остатоци од негова употребата во еден тунел под градот Дура-Еуропос во Сирија. Остатоците се датирани во време на опсадата на градот од страна на Персијците во 256 г.н.е. кога градот бил под римска власт. На местото покрај откриените 20 римски скелети откриен е и еден персиски за кој се верува дека бил токму човекот кој ја подметнал запалената смеса од нафта и сулфур која била извор за отровниот гас, кој пак бил причина за смрта на војниците, вклучувајќи го и самиот подметнувач.

На Римјаните добро би им дошла една гас-маска во тоа време 🙂

2. Фрлачи на оган

Фрлачите на оган првпат помасовно почнале да се употребуваат во средниот век од страна на Византијците и Кинезите, а својата кулминација на употреба ја достигнале за време на двете Светски Војни. Но најраната забележана употреба на направа која може да се опише како фрлач на оган ни доаѓа од Тукидид за време на битката кај Делиум во 424 г.п.н.е. помеѓу Атина и Теба. Имено, Тебанците биле на работ на победа, па Атињаните се повлекле во претходно утврдениот Делиум. По двонеделно затишје Тебанците конструирале фрлач на оган со чија помош успеале да ја запалат фортификацијата и да ги поразат Атињаните.

Фрлач на оган

3. Необични бомби и катапултска муниција

Дали некогаш сте слушнале за скорпијски или змиски бомби, односно садови полни со отровни животинки кои биле фрлани врз противничките војници? Звучи лудо, но сепак вистинито.

Имено, покрај стандардните “нормални” бомби, односно садови полни со запалив материјал, кои биле користени во антиката (главно кај блискоисточните народи кои имале пристап до нафта), биле користени и овие живи (во буквална смисла) бомби. Па така, забалежано е дека, за време на римската опсада на персискиот град Хатра (денешан Ирак) во 199 г.н.е., бранителите фрлале глинени садови полни со отровни пустински скорпии врз римските напаѓачи и успеале да извојуваат победа.

Истотака забележано е дека познатиот картагински генерал Ханибал, кој после Втората Пунска Војна бил приморан да ја напушти Картагина и да стапи во служба на повеќе источно-медитерански кралеви, меѓу кои бил и битијскиот крал Прусијас I за кој извојувал победа и во една поморска битка во 190 г.п.н.е. против силите кралот на Пергам – Евмен II, искористил садови полни со змии, кои биле фрлани врз палубите на противничките бродови, за да ја постигне посакуваната победа.

Скорпијска бомба

Што се однесува до необична катапултска муниција, забележано е дека за време на опсадата на градот Тир од страна на македонските сили на Александар III Велики во 332 г.п.н.е., бранителите на градот користеле бронзени и железни садови исполнети со песок и метален шрапнел кои биле загревани до степен до кој песокот станувал полу-растопен, и биле катапултирани врз македонските сили кои сепак на крајот излегле како победници.

Истотака во антиката е забележано и користењето на осилници како катапултска муниција.

4. Воени Свињи

Луѓето отсекогаш ги искористувале животните во воени цели, почнувајќи од коњи, преку кучиња, па се до слонови, но тешко е да се замисли дека и свињата имала свој придонес во античките битки. Причината поради која и таа била искористувана во воени цели е нејзината способност да ги плаши слоновите… точно така, слоновите имаат голем страв од свињи. Ова анти-слоновско оружје до најголем степен било искористено од страна на Римјаните против воените слонови на Пир од Епир за време на неговата инвазија на Италија (280-275 г.п.н.е.) и било со значителен успех. Искористувањето на свињите како оружје против слонови продолжило и во средниот век за што ни сведочи и Прокопиј Цезариски кој запишал дека жителите на градот Едеса во северна Месопотамија успеале да го исплашат воениот слон во персиската армија на Хосрој I која го опсаднала градот во 544 г.н.е. и успеале да ги одбијат напаѓачите.

Во антиката е забележана и употребата на запалени свињи во борба. Имено, за време на опсадата на атичкиот град Мегара од страна на македонскиот крал Антигон II во 266 г.п.н.е., бранителите премачкале повеќе свињи со некоја запалива смеса и откако ги запалиле и ги испуштиле кон македонските редови, македонските воени слонови започнале да паничат и да “газат” во сите правци по што загинале голем број на македонски војници, па Антигон II бил приморан да се откаже од опсадата.

Најголемиот кошмар за секој воен слон

5. Архимедовите воени направи

Без разлика на се’, најсилното оружје сепак претставува човечкиот ум. Доказ за ова е генијалниот антички математичар, физичар и инжинер од сицилискиот град Сиракуза – Архимед, кој со помош на своето знаење конструирал неколку воени направи со кои неговиот град цели 2 години (214-212 г.п.н.е) успевал да ги одбие сите римски напади. Како најнеобични од неговите направи се издвојуваат “Архимедовата канџа” и “Архимедовиот топлотниот зрак”.

Архимед

Архимедовата канџа претставувала кран за кој била заврзана една метална кука со која биле “ловени” римските бродови па со помош на законите на динамиката биле подигнувани од водата и испуштани со што се нарушувал нивниот биланс и за брзо време бродовите ќе се превртеле и потонувале.

Архимедовиот топлотен зрак е оружје за кое сеуште неможе со сигурност да се каже дали претставува реалност или фикција. Се работи за систем на голем број на огледала или исполирани метални плочи кои ја фокусирале сончевата светлина во една точка на непријателскиот борд и предизвикувале оган. Експерименталната археологија долги години се обидува да ја одгатне мистеријата за веројатноста на едно вакво оружје, па така во 1973 грчкиот научник Јоанис Сакас успеал да го реплицира ефектот на “Архимедовиот топлотниот зрак”, до ист заклучок стиганаа и група на студенти од бостонскиот МИТ универзитет во 2005 година. Од друга страна популарното телевизиско експериментално шоу “МитБастерс” во два наврати (2006 и 2010) дојде до спротивен заклучок.

Но, без разлика на сите двоумења, факт е дека направите на Архимед имале голем придонес во одбраната на Сиракуза, која конечно паднала во 212 г.п.н.е. кога Римјаните потпомогнати од внатарешните шпиони ја искористиле наивноста на граѓаните на Сиракуза кои се посветиле на една огромна прослава и го оставиле градот целосно небранет.

Архимедовата канџа

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>