«

»

Nov 03 2014

Нордиските шаманистички воини

Еден од најраспространетите епитети со кои се опишуваат Викинзите е тоа дека биле силни и застрашувачки воини. Дури и во модерниот англиски јазик, зборот со кој се опишува некој кој наеднаш избувнува, побеснува, полудува, станува див, фуриозен, се користи фразата ‘going berserk’, а директно потекнува од називот за еден тип на воини од Викиншката доба наречени ‘берсеркери’ (berserkers).

Берсеркерите (старо нордијски berserkir – во буквален превод ‘мечкини кошули’ т.е. ‘кошули од мечкино крзно’) и Улфхетнарите (старо нордијски úlfheðnar – буквален превод ‘волчји кожи’) претставувале тип на шаманистички воини, односно борци кои целосно го посветиле својот живот на боговите (примарно врховниот нордиски бог Один кој бил дарител на фуриозноста) и на стремежот за духовно соединување со својот тотем-животно, кои најчесто, како што кажуваат самите имиња, биле мечката и волкот.

Berkserkers 1

Овие шаманистички воини се откажувале од животот во организирано опшество и цивилизација, се откажувале од своето семејно наследство и од материјалните добра. Нивниот дом била природата. Живееле надвор од населбите, изолирани, често како придружник (домашен миленик 🙂 ) го имале своето животно-тотем и се обидувале да живеат како него, диво, со тоа тие станувале човек-мечка, односно човек-волк. Што се однесува до нивен животен партнер – тие се одлучувале за духовна врска со некоја Валкира – митолошки жени-ангели-воинки, помошнички на Один).

Ulfhednar

Својата страшна репутација ја граделе на бојното поле, војувајќи не за слава и богатство, туку со единствена цел да се жртвуваат на боговите. Во борба оделе голи, без никаква заштита (штитовите ги гризеле и фрлале, симболично откажувајќи се од опшеството – во нивната култура штитовите и мечовите биле симбол на социјален статус и се дарувале од татко на син), единствено носејќи на себе кожа од мечка/волк. Пред битка имале посебна подготовка, ритуал во кој се доведувале до фуриозна состојба и бес, играјќи одредени воени танцови, изложени на голема топлина и употребувајќи халуциногени психотропни супстанции во форма на печурки собрани од најблиската шума. Поради тоа, во борба неретко се случувало да се свртат и против своите соборци, нели, тие немале страна, нивна единствена цел била крвната жртва. Заради тоа, и покрај огромната воена вештина, не биле омилени кај викиншките владетели.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>