«

»

Feb 12 2014

Норманските освојувања во Македонија

Во почетокот на 80-те години на XI век балканските поседи на Византија, чиј составен дел била и Македонија, биле нападнати од страна на Норманите (кои ги владееле Сицилија и Јужна Италија (Калабрија и Апулија)) предводени од Роберт Гвискард и негиовиот син Боемунд Тарантски.

Во 1082 година Норманите извојувале голема победа кај Драч, а во наредната година и кај Јанина. Тоа им ги отворило патиштата за ширење на нивната власт низ балканските области, меѓу кои и еден голем дел од Македонија. Така, Боемунд го зазел Охрид, војсководецот Петар Алиф го освоил Полог, а грофот Пунтес – Скопје.

Норманските земји во Сицилија (тиркизна) и Јужна Италија (бледо зелена) во 11 век.

Од Охрид, Боемунд се упатил кон Бер и Меглен, каде што ја обновил разрушената тврдина. Тука го оставил грофот Сарацин, а самиот тргнал кон реката Вардар и стигнал до местото Бели Цркви. Тука останал три месеци. Потоа ги зазел Пелагонија, Трикала и Костур. Се обидел да ја освои и Лариса, но во јануари 1084 година претрпел пораз.

Ползувајќи го привременото отсуство на Боемунд, кој се вратил во Италија по пари за својата војска, императорот Алексиј I го освоил Костур. Наскоро, во 1085 година умрел Роберт Гвискард, а Боемунд бил принуден да се повлече од Балканот, меѓу другото и заради побуна на некои од неговите војсководци.

Роберт Гвискард

Боемунд ќе се врати во Македонија во 1096, но овој пат како еден од водачите на Првиот крстоносен поход, кој се движел по патот Виа Егнација. Крстоносците на Боемунд, кои во најголем дел биле Нормани, не се воздржувале од употреба на сила кога требало да се снабдат со храна и други потреби. Така, во историјата останале запаметени ограбувањето на Костур и некоја крепост во пелагонискиот регион, која била уништена заедно со нејзините жители. При преминот на Вардар, Боемундовите крстоносци биле нападнати од страна на неколку воени одреди на византијската војска составени од Турци и Печенези, но успеале да се одбранат и продолжиле кон Серес каде биле удостоени со големи почести и богати подароци од стана на византиските власти. Потоа Крстоносците го продолжиле својот пат за Мала Азија, Сирија и Палестина, каде што ќе го освојат градот Антиох и ќе го формираат Антиохијското Кнежевство, чиј прв владетел бил никој друг, туку самиот Боемунд.

Боемунд Тарентски

Но, Боемунд никогаш не се откажал од завладувањето на византиксите поседи на Балканот. Па така, во почетокот на XII век тој повторно ги нападнал западните делови на Византија. Во есента 1107 година, 45 000-та војска на Боемунд, натоварена на 200 транспортни и 30 воени брода се истоварила кај Валона, која била лесно заземена. Потоа Норманите се упатиле кон Драч, но и покрај неколку обиди за негово освојување, тој останал во византиски раце. Затоа пак, Боемунд освоил неколку други тврдини, вклучувајќи ги Арбанон и Дебар. Меѓутоа, Византијците овој пат многу посолидно ја организирале одбраната, раководена од самиот император. Боемунд бил набргу принуден да побара мир, кој бил склучен на реката Девол во логорот на императорот.

Нормански воини

Деволскиот договор од 1108 година истовремено значел и крај на кариерата на Боемунд Тарентски, кој се повлекол во Италија и таму умрел во 1111 година. Норманските освојувања во Македонија имале тешки последици за нејзиното населението, а по големите грабежи и пљачкосувања што ги извршиле Норманите, следеле свирепостите на византијските војски, извршени со цел да воведат “ред и мир во куќата”.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>