«

»

Oct 17 2014

Од осоговското сребро се издигна древното пајонско кралство

“Рудничките градови во опфатот на општината Пробиштип, Мавраган Кале, Добревското Градиште, Градиш кај Дренок и уште многу други ги кријат патеките по кои се издигнала раната цивилизација на кралството Пајонија”, вели д-р Виктор Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство

osogovskoto-srebro-i-pajonskoto-kralstvo-1

Во пазувите на рудоносните Осоговски Планини, откриени се остатоци од над десетина древни градови и тврдини. Според професор-доктор Виктор Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство токму осоговските руди ги издигнале пајонските градови на реката Брегалница, од градот на Виничко Кале преку Астибо кај Штип и Билазора кај Свети Николе.

“Рудничките градови во опфатот на општината Пробиштип, Мавраган Кале, Добревското Градиште, Градиш кај Дренок и уште многу други ги кријат патеките по кои се издигнала раната цивилизација на кралството Пајонија. Долж долгата долина на Злетовица во срцето на Осоговските планини се оформиле најмалку шест градови и тврдини кои егзистирале врз база на експлоатацијата на златото и среброто од рудоносните планини”, вели директорот на Управата, д-р Адамс.

Општината Пробиштип се гордее со уште многу други стари градови и тврдини кои се негови врвни фаворити во развојот преку археологијата. Д-р Адамс ги споменува Добрево, Плешенци, Барбарево, Дренак. Шталковица…

Сепак, како главен фаворит се посочува градот на Мавраган Кале познат и како Драчко Градиште кај селото Ратавица, лоциран на само неколку километри пред Злетово. Градот е истражуван и документиран пред десетина години, од страна на д-р Виктор Адамс.

“Драчкото Градиште се наоѓа во срцето на рудоносната област на Пајонија. Ако Осоговските Планини зрачеле како извориште на среброто од кое биле ковани прекрасните тетрадрахми на пајонските кралеви Ликеј, Патрај и Авдолеон се поставува и прашањето за можноста токму античките руднички градови, како прочуениот Дамастион, со околните исто така руднички градови: Дапариа, Дарадо, Пелагија, Тенестини, Сарнунт, да се наоѓале токму во Пробиштипско?! ” посочува д-р Адамс.

Точната местоположба на античкиот град Дамастион, прва ковачница за пари во класичниот период (4 век пред н.е.), се уште не е позната иако според историчарите тој експлоатирал рудници на сребро, некаде во централниот дел на Балканот.

osogovskoto-srebro-i-pajonskoto-kralstvo-2

Пајонско кралство

Пајонија е древно кралство и област која се наоѓала на територијата на Средното Повардарје (река Аксиј) од Велес до Демир Капија. Го опфаќала сливот на реката Брегалница (Астибо), што значи Беровско, Делчевско, Виничко, Кочанско, Пробиштипско, Штипско, Свети Николе, како и горниот слив на реката Струмешница, односно Струмичко и Радовишко со реката Лакавица. Население биле бројните пајонски племиња кои веќе во архајско време се обединиле во народ – Пајонци. За време на владеењето на македонскиот крал Филип Втори Македонски, Пајонија била освоена и станала составен дел на Македонското кралство. Најголемиот град во Пајонија кон крајот на 3. век пред н.е. бил Билазора, лоциран во Овчеполската котлина. Главниот град пак, чија целосна големина сеуште не е прецизирана најверојатно бил Астибо, на Исарот и Стар Конак во денешен Штип.

osogovskoto-srebro-i-pajonskoto-kralstvo-3

Бурна историја

“Филип Втори ја поразил во 356 година пред н.е. коалицијата што ја оформиле пајонскиот крал со двајцата соседи, но Филип потоа не ја анектирал туку ја оставил независна под кралот Патрај. Веројатно затоа што пајонците биле високо цивилизирани и генетски поседувале заедничка крв со античките Филипови Македонци. По Патрај над Пајонија владеел Авдолеон, па Леон и Дропион во 3 век пред н.е, за да биде анектирана во 217 г пред н.е од кралот Филип Петти”, открива дел од историјата на Пајонија д-р Адамс.

Текстот е превземен од Вечер.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>