«

»

Apr 04 2014

Одличен месец за египтологијата !

Ретко која земја во светот може да понуди толку богата култура, историја и археологија како Египет. Поради тоа, не е ни чудо што луѓето отсекогаш биле фасцинирани од Египет, па вложиле големи ресурси во негово истражување, кое резултирало со едни од најзначајните архолошки откритија на сите времиња.

Денес, египтологијата не само што не го губи својот замав, туку постојано привлекува нови лица и дава нови откритија. Доказ за ова е и изминатиов месец март во кој беа објавени неколку значајни наоди, како дешифрирањето на документи од римскиот период, идентификацијата на римскиот император Клаудиј облечен како египетски фараон на една резба во храм на божицата Изида и објавувањето на резултатите од ископувањето на гробница стара 3 300 години во Абидос.

ДЕШИФРИРАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ ОД РИМСКИОТ ПЕРИОД

На почетокот од месецот беше објавена информацијата за дешифрирањето на писмо старо околу 1 800 години од еден Египјанин по име Аурелиј Полион, војник во римската армија стациониран во Панонија, до неговото семејство во Египет. Писмото нуди увид во секојдневниот живот на Египјаните. Во него војникот кажува на својата фамилија (мајка – продавач на леб, брат и сестра) дека им испратил 6 писма, а тие не му вратиле ниту еднаш, поради што изразува загриженост. На задната страна од писмото се дадени инструкции за курирот кој треба најпрвин да го однеси писмото до некој воен ветеран по име Акутиус Леон, кој пак треба да им го даде на Полионовото семејство. Интересно е што и покрај тоа што римската армија имала своја поштенска служба, војникот се одлучува да го довери на ветеранот.

Писмото било откриено уште пред околу еден век во околината на храм во староегипетскиот град Тебтунис, но дури сега е дешифрирано од страна на студентот Грант Адамсон од Универзитетот Рајс од Хјустон, САД. Писмото се чува во Библиотеката Банкрофт при Универзитетот Калифорнија.

pismo na vojnik 2

Писмото на војникот (предна страна)

pismo na vojnik 1

Писмото на војникот (задна страна)

Покрај ова војничко писмо, во март беше објавено дешифрирањето и на договор од 4 век за најмување на чувар на лозов насад во близина на некое староегипетско село по име Пануоеи, кое сеуште не е пронајдено/идентификувано. Најмувањето на ваков чувар најверојатно била честа појава во тој период со оглед на фактот што историските извори потврдуваат дека кражбите на грозје биле доста чести.

Документот се чувал во Универзитетот Мичиген, САД скоро еден век, а дешифриран е од страна на студентот Кајл Хелмс  од Универзитетот Синсинати.

Кога сме кај дешифрирањето на египетски документи, едно од најзначајните откритија од овој тип беше направено минатата година кога беа пронајдени 40 папируси, стари околу 4 500 години, меѓу кои најинтригантен беше дневникот на еден пристанишен службеник по име Мерер, кој учествувал во пренесувањето на градежен материјал за изградбата на Кеопсовата пирамида во Гиза. Други папируси ја опишуваат бирократијата поврзана со контрола на храната (главно леб и пиво) давана на работниците во пристаништето за време на владеењето на фараонот Куфу (Кеопс).

РЕЗБА НА РИМСКИОТ ИМПЕРАТОР КЛАУДИЈ ОБЛЕЧЕН КАКО ФАРАОН 

Минатиот месец беше откриена и резба на западниот надворешен ѕид од храмот на божицата Изида од првиот век во местото Шанхур, 20 километри северно од Луксор, на која се прикажани сцени со римскиот император Клаудиј (кој владеел од 41 до 54 година), заедно со египатскиот бог на плодноста Мин. На резбата е испиша хиероглифски текст кој го условува Клаудиј како “Син на Ра, Господар на Круните” и “Крал на Горен и Долен Египет, Господар на Двете Земји”. Исто така е запишана дата на која бил одржан ритуал во чест на Мин.

newly-discovered-carving-caludius 1

Резба: Императорот Клаудиј (лево) подигнува столб во чест на богот Мин (десно)

newly-discovered-carving-caludius  2

Резба: Богот Мин (лево) и императорот Клаудиј (десно), помеѓу нив е богот Хорус, прикажан како дете.

shanhur-temple-western-ext

Западниот ѕид од храмот на Изида во Шаншур каде се наоѓаат изрезбаните сцени на кои е прикажан римскиот император Клаудиј.

Claudius_crop

Императорот Клаудиј

 

РЕЗУЛТАТИ ОД ИСКОПУВАЊЕТО НА ГРОБНИЦА СТАРА 3 300 ГОДИНИ ВО АБИДОС

На крајот од март беа објавени резултатите од ископувањето на една гробница стара околу 3 300 години во староегипетскиот град Абидос. Гробницата била изградена за писар по име Хоремхеб, а имала улога и на семеен мавзолеј, претпоставка базирана врз фактот што се пронајдени скелети на повеќе лица (3-4 мажи, 10-12 жени и 2 деца). Впечатливо за гробницата е тоа што нејзиниот влез претставува пирамида висока 7 метри. Резултатите покажуваат дека гробницата била жртва на повеќе грабежи, но и покрај тоа пронајдена е прекрасна амајлија во форма на срце направена од црвен и зелен јаспис. Се претпоставува дека амајлијата е поврзана со магии од Книгата на Мртвите и требало да го запре покојникот да лаже при неговиот влез во задгробниот живот. Имено, според египетските верувања, срцето на покојникот било ставено на вага, каде се одмерува со пердув кој ја претставува вистината и правдата. Доколку срцето е во рамнотежа или пердувот е потежок, душата добивала вечен живот, доколку е потешко срцето, таа била уништувана.

Ископувањата на локалитетот започнале во 2013, а експедицијата била предводена од Кевин Кејхил, студент при Универзитетот Пенсилванија, САД.

egyptian-tomb-discovery-1 egyptian-tomb-discovery-2 egyptian-tomb-discovery-3 egyptian-tomb-discovery-4 egyptian-tomb-discovery-5 egyptian-tomb-discovery-6 egyptian-tomb-discovery-7 egyptian-tomb-discovery-8

 

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>