«

»

Oct 26 2014

Откриен христијански кварт во град на ‘Златната Хорда’ (Фото)

Изминатиот месец, на годишниот состанок на Европската Асоцијација на Археолози одржана во Истанбул, рускиот археолог Димитри Кубанкин од Регионалниот музеј на Саратов, ги презентираше резултатите од истражувањата на средновековниот град Укек, подигнат од ‘Златната Хорда’ – државна формација произлезена од пространото Монголско Царство на Џингис Хан. Имено, по смртта на Џингис-Хан во 1227 година, неговата империја се поделила на неколку дела, еден од нив била и т.н. ‘Златна Хорда’, основана од неговиот внук Бату Хан (кој живеел од 1205 до 1255 година), а зафаќала територија од Источна Европа до Средна Азија, контролирајќи важни центри од ‘Патот на свилата’. Во 14 век ‘Златната Хорда’ почна да ја губи својата моќ, а во 1395 година градот Укек бил освоен и уништен од еден владетел по име Тамерлан кој имал за цел создавање на сопствено царство.

Но, да се навратиме на археолошките истражувања.

Археолозите откриле дека Укек бил мултикултурен и мултирелигиски град во кој живееле христијани, муслимани и шаманисти. Истражувачите наишле на две христијански цркви, едната подигната околу 1280 година со ѕидови декорирани со мурали и камени релјефи, а рушена во почетокот на 14 век, и уште една подигната околу 1330 година, употребувана до 1350 година.

zlatna horda ukek 1

Интересен факт е тоa што во подрумот на првата црква биле откриени голем број на садови увезени од Византија, Египет и Иран, што укажува дека подрумот на црквата можеби служел како склад за локалните трговци.

Во продолжение следуваат неколку фотографии од најинтересните откриени артефакти:

zlatna horda ukek 4

Камен релјеф со приказ на лав и грифон

zlatna horda ukek 3

Фрагмент од коскен сад во форма на змеј увезен од Кина.

zlatna horda ukek 2

Стаклена игла за коса увезена од Кина

zlatna horda ukek 5

Фрагмент од дрвена рачка во форма на глава од пантер

zlatna horda ukek 8

Чинија увезена од Византија

zlatna horda ukek 6

Сад увезен од Египет или Иран

zlatna horda ukek 7

Уште еден сад увезен од Египет или Иран

zlatna horda ukek 9

Локално изработен сад

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>