«

»

Jun 07 2014

Откриена е крстилницата на ранохристијанската базилика на К’ртозов рид

Ваква крстилница досега е пронајдена само во Полог и во Баргала, вели раководителката на овој истражувачки проект Весна Ѓорѓиева, виш кустос археолог во Музеј-галерија Кавадарци.

IMG_2403

НОВИ СОЗНАНИЈА ОД АРХЕОЛОШКИТЕ ИСТРАЖУВАЊА

Крстилницата на ранохристијанската базилика е откриена на локалитетот К’ртозов рид, Кавадаречко, со најновите археолошки истражувања. Културниот хоризонт на овој простор изобилува со фрагменти од градежна покривна керамида, садова керамика, тегули, имбрекси, дна и ободи од питоси, фрагменти од стакло, под од тули и остатоци од гараж. Годинава веќе дваесетина дена интензивно се работи во североисточниот дел на базиликата, каде што конфигурацијата на теренот е највисока.

– Токму во овој дел, за кој сметавме дека станува збор за интактен – недопрен дел, отворивме баптистериум-крстилница со крстеста писцина и со четири полукружни ниши од надвор, што е многу поредок случај кај ранохристијанските базилики. Ваква крстилница досега е пронајдена само во Полог и во Баргала – вели раководителка на овој истражувачки проект Весна Ѓорѓиева, виш кустос археолог во Музеј-галерија Кавадарци.

Таа истакнува и дека за обележување е фактот што апсидата се втопува во ѕидната маса, што е прв ваков вид на ранохристијанска базилика во Македонија.

На 30 сантиметри од периметралниот ѕид од северната страна на базиликата се отворени и неколку помошни простории, а во една од нив е најдена када или базенче со одводен канал и огниште, за што се претпоставува дека станува збор за кујна и трпезарија.

Многу вредни откритија

Локалитетот се наоѓа на околу еден километар северозападно од селото Дреново, во близина на Кавадарци, на обработлива површина среде лозја и ниви, а откриен е пред пет години. Тогаш сопственикот на нивата случајно при длабоко орање на нивата откри мермерна плоча од олтарна преграда, што навести дека тука се наоѓа ранохристијанска базилика.

Тоа го потврдија и вработените од Музеј-галерија Кавадарци, па со дозвола од Управата за заштита на спомениците на културата и финансиска поддршка од Министерството за култура веќе петта година се работи на овој локалитет, опишан како вила рустика на археолошката карта на Македонија.

Во истражувачките работи, покрај вработените во кавадаречкиот музеј, учествуваат и колеги од музеите на Неготино и на Демир Капија, како и ученици од гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци.

– Во рамките на истражувачкиот проект „Систематско археолошко истражување на К’ртозов рид село Дреново“ е откриена ранохристијанска базилика, која, според досегашните сознанија, датира од крајот на 5 и почетокот на 6 век. Таа се одликува со раскошна архитектонска диспозиција со сите елементи што се карактеристични за овие градби: олтарна преграда со парапетни плочи со крстови, розети и монолитни столбови со бази и капители и мозаик во апсидалниот простор, кој е прв од ваков вид во Кавадаречко. Во внатрешниот дел од објектот досега се откриени: апсида со поден мозаик, епископски престол, трон, субселиите од неговите две страни, презвитериумот со под од камени плочи, сочувани пред апсидалниот простор и олтарната преграда со една база на јужната страна, наос, нартекс-троброден, чија површина сега се доистражува – вели Ѓорѓиева.

Потврдена научна теза

Покрај богатството на вредни археолошки предмети и сознанија за животот на населението на овие простори пред петнаесетина века, ова археолошко истражување ја потврди тезата во научната јавност дека архитектонската пластика што сега се наоѓа во една од најстарите цркви во Тиквешијата, „Св. Богородица“ (14 век) во селото Дреново не е донесена од Стоби, туку од базиликата на К’ртозов рид, бидејќи е познато дека на само два километри северозападно од селото Дреново се наоѓа античкиот град Аударист или Еударист. Потврдено е дека на овој културен хоризонт, врз основа на досегашните истражувања, има континуитет на егзистирање од архајскиот, класичниот и од римскиот период.

Автор: Мирјана Мукаетова
Текстот е превземен од Нова Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>