«

»

Jun 25 2015

Откриена нова мермерна статуа на локалитетот Стибера

На античкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп е пронајдена нова, мермерна статуа во природна големина која датира од 2 век од нашата ера. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска денеска го посети локалитетот каде е пронајдена новата мермерна статуа, која се смета за ексклузивен наод.

nova mermerna statua na stibera 2015 1

Според директорката на „Завод и Музеј“ Прилеп, Гордана Данилоска-Спироска станува збор за мермерна статуа во природна големина, без глава, изработена со високостилизирани елементи.

– Античкиот локалитет „Стибера“ е најголемото наоѓалиште на антички мермерни статуи. Секое ископување, наоѓаме по нешто. И при ова ископување ја откривме мермерната статуа без глава, во природна големина. Префинетата изработка на статуата во наметка со свиток во едната рака потврдува дека е посветена на некој значаен граѓанин на„Стибера“ и е од 2 век од нашата ера. Сега следува процесот на конзервација и чистење на статуата и најверојатно ќе биде изложена во археолошката поставка на прилепскиот музеј, изјави Данилоска -Спироска.

nova mermerna statua na stibera 2015 3

Археологот и виш кустос Душко Темелкоски објасни дека годинава се истражува на дел од градбите на овој локалитет и се претпоставува дека станува збор за собранието на градот „Стибера“. – Пронајдена е и камена плоча на која пишува дека Собранието на Стибера му дава почест на заслужен граѓанин на Стибера. Градбата е монумернтална, широка 17 метри. Се уште нема друга потврда за Собранието, но статуата е репрезентативно откритие, вели Темелкоски.

nova mermerna statua na stibera 2015 2

Министерката за култура Елизабета Канческа – Милеска која го посети локалитетот Стибера смета дека пронаоѓањето на овој ексклузивен наод е потврда за неговата големина и значајност, а ова е ексклузивен наод.

– Ова ексклузивен наод, статуата навистина е префинето изработена. Стибера е еден од најголемите архелошки локалитети. Битно е да се расчистат имотно-правните односи со околните жители кои имаат ниви и своја земја на која се простира локалитетот. Договорено е со пет сопственици на ниви да се расчисти имотно-правното прашање. Идниот петок тие ќе имаат средба со прилепскиот градоначалник за договор да се изврши екпропријација или да им се дадат во замена други ниви за да може истражувањата на локалитетот Стибера да продолжат. Тоа ќе доведе до ексклузивно претставување на локалитетот пред туристите, изјави Канческа-Милеска.

Извор: Министерство за култура на Република Македонија

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>