«

»

Jul 27 2015

Откриени десетина нови гробови во раноантичката некропола кај Старо Бонче

Во раноантичка некропола во близината на кралската гробница кај Старо Бонче, екипа археолози предводени од проф. д-р Антонио Јакимовски од Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет – Скопје, при годинашните археолошки истражувања, пронајдоа десетина нови гробови. Нивната конструкција е од големи камени блокови вертикално поставени, а според металните и керамичките наоди што се пронајдени во нив, гробовите датираат од 5-4 век пред нашата ера. Се очекува од ова истражување да се добијат многу одговори.

otkrieni-novi-grobovi-kaj-Staro-BonceПретпоставка за античкиот град Пелагонија

– Гробовите се во правоаголна форма, со нафрлани камени блокови што ги покриваат. Освен кај некрополата, работевме и на неколку други локации во близината на кралската гробница. Ова е капитален проект на Владата на Република Македонија, координиран преку Управата за заштита на културното наследство. Носител е Филозофскиот факултет – Скопје, во соработка со Заводот и музеј – Прилеп.

Очекувањата се презентација на кралската гробница, репрезентативен раноантички објект што заслужува да биде претставен пред пошироката јавност – додава Јакимовски од Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет – Скопје.

Старо Бонче е комплекс составен од дваесетина археолошки локалитети, кој се наоѓа на источниот раб на пелагониската котлина меѓу селата Бонче и Подмол. Најголемиот дел од овие локалитети ѝ припаѓа на раната антика, а по интензивните археолошки истражувања во последните десетина години од Виктор Лилчиќ и Антонио Јакимовски во науката е изнесена претпоставката за античкиот град Пелагонија, главниот град на Четвртата македонска мерида.

Најексклузивни се трите штита со името на Деметриј

На овој простор е пронајден голем движен археолошки материјал, меѓу кој најексклузивни се трите штита на кои е испишано името на македонскиот крал Деметриј, како и голем број монети ковани од македонските кралеви.

stotovite-od-bonce-vo-muzej

Меѓу најимпозантните археолошки објекти, секако, е владетелската гробница од македонски тип сместена на локацијата Павла Чука.

– Локалитетот е голем тумул, под кој во раната антика имало оформена гробница составена од дромос, всечен во карпа, кој во вид на рампа се спушта во засводениот дромос, изѕидан од монументални блокови што се високи и до два метра, со над два тона тежина поврзани меѓу себе. Од дромосот се влегува во преткомората и комората висока два метри. За жал, гробницата била ограбувана многупати во минатото и затоа досега не се откриени такви наоди со кои може да се изврши соодветно хронолошко и типолошко детерминирање – вели Јакимовски.

Сепак, според аналогиите на слични гробници во поглед на архитектонскиот концепт, гробницата може да се датира во последната четвртина на 4 век пред нашата ера.

Автор: Каролина Мицевска

Текстот е превземен од Нова Македонија.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>