«

»

Oct 19 2014

Отворен новиот Археолошки музеј на Македонија – аргументирано сведоштво за нашата историја

Новиот, репрезентативен објект на Археолошкиот музеј на Македонија, кој вчера свечено беше отворен претставува музеј на 21.век. Преку повеќе од 6.000 експонатите и со употреба на најсовремена музејска технологија, специфично светло и амбиентална музика тој ќе ја презентира автентичната повеќевековна историја и култура на територијата на Република Македонија.

arheoloski muzej otvoranje 1

Премиерот Никола Груевски во своето обраќање пред претседателот на дражавата Ѓорге Иванов, министри, пратеници, акдемската заедница и други гости истакна дека археологијата, која претставува значајна дејност која во многу други држави активно се развивала и унапредувала во Македонија долго време била запоставена, а националниот Археолошкиот музеј бил само еден од одделите на Музејот на Македонија, додека голем број локалитети биле запоставени проследено со целосна стагнација на науката и арехеолошките истражувања.

Ваквите процеси, додаде, беа видно изменети во 2006 година како резултат на сериозните вложувања на Владата во капитални истражувања и ангажман на голем број македонски археолози и научници низ многу археолошки локалитети во државата,што придонесе за откривање на стотици илјади вредни експонати од огромно значење за земјата.

– Сите овие артефакти преставуваат дел од нашето културно наследтво, кое е израз на специфичните традиции, знаење и вредности од минатите генерации на овој перостор. Тоа ни овозможува подобро разбирање на историјата и претставува колективна меморија на општеството од која ќе можат да црпат знаење новите генерации. Нашата денешна генерација ја имаше таа чест ова наследство соодветно да го конзервира и презентира на целиот свет, затоа што ваквото минатото му припаѓа на целиот свет, рече премиерот Груевски.

arheoloski muzej otvoranje 4

Тој подвлече дека Археолошкиот музеј, кој е еден од највпечатливите, најсодржајните и најубавите музеи во современа Република Македонија, ќе претставува и нова значајна понуда во делот на туризмот на земјата. Неговата содржинска поставенот и вредност, мноштвото артефакти и низа предмети кои јавноста ќе може ексклузивно да ги види, како што се статуата на Венера Будика од 2. век, ритуалната кочија стара 18 века, единствената копија на Александровиот саркофаг, свештеничката од Лисичин Дол, но и неговата локација, додаде, ќе претставува поттик тој да биде посетен од мноштво домашни и странски годсти.

– Сите овие предмети имаат непроценлива вредност за нашата земја, даваат белег за нашата култура, неуморно го конзервираат нашето минато и на најубав можен начин ја афирмираат нашата држава. Ваквото културно наследство претставува една од основите на одржливиот развој и може да биде корисен инструмент за поттикнување на меѓукултурниот дијалог и поттикнување на општествената кохезија, како и обликување на нашиот идентитет како народ и држава, рече претседателот на Владата.

Тој најави дека инвестициите во културата ќе продолжат, а следен во низата владини проекти во областа го посочи отворањето следната недлеа на Музеј на Македонците бегалци од Граѓанската војна во Грција, како и нов дел на Етнолошкиот музеј во рамки на комплексот „македонско село“.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска истакна дека денеска Македонија добива музеј кој ќе овозможи културна интеракција помеѓу нашето минато и сегашност, помеѓу историјата и современото живеење, помеѓу археологијата и културниот идентитет на македонскиот народ. Таа подвлече дека станува збор за монументален објект, кој претставува пандан на најсовремените светски археолошки музејски институции.

– Новиот Археолошки музеј е музеј на 21. век. Современите технологии, анимациите, амбиенталната музика, ликовните дела со имагинативна рекострукција на определни периоди од развојот на цивилизацијата на нашето тло и другите содржини овозможуваат посетителот да направи свое сопствено археолошко истражување. Современиот начин на презентација во музејот уверена сум дека ќе овозможи секој граѓанин на нашата држава, но и странски посетител, длабоко да го осознае богатото културно наследство на Македонија и да научи многу повеќе за нашето културно минато. Музејските содржини ќе бидат особена провокација за младите генерации, кои од овој Музеј во иднина ќе црпат чувство на припадност и почит кон сопствените корени, посочи Канческа Милевска.

arheoloski muzej otvoranje 5

Директорката на Археолошкиот музеј Весела Честоева истакна дека во создавањето на приказната раскажана преку поставката активно учествуваа стручните оддели при Музејот, како и заводите и музеите во РМ и Управата за заштита на културното наследство.

Музејот е сместен во трикатна зграда на површина од 6.000 квадратни метри и во него ќе бидат изложени повеќе од 6.000 артефакти од сите историски периоди, почнувајќи од праисторијата. па до средниот век.

arheoloski muzej otvoranje 2

Првпат и ексклузивно пред јавноста ќе биде претставен значаен дел од артефактите, меѓу кои: рановизантиските оригинални мозаици од локалитетот Суводол, копијата од саркофагот на Александар Македонски, штитот од 3 век пр.н.е. од локалитетот Бонче, реконструкцијата на римската кочија од втор век од Делчево, како и стаклената чаша дијатрета од 4 век. Музејот има повеќе оддели – за праисториска археологија, античка и средновековнаархеологија, кабинет за нумизматика, лапидариум, антрополошка поставка… Покрај богатата археолошка поставка, Музејот е опремен и со стаклени витрини, 15 восочни фигури, 83 уметнички слики, видеоанимации, амбиентални ситуации, мозаици од вредното културно наследство, а има и реконструкција на објекти од неолитот, современо музеолошки конципирана.

arheoloski muzej otvoranje 3

По повеќе од 30 години, Република Македонија во новиот Археолошки музеј доби најсовремен музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото движно културно наследство кое е потврда на милениумскиот цивилизациски континуитет на нашите простори.

Текстот е превземен од MKD.mk.

Автор: Игор Ефтимовски

Игор Ефтимовски е студент по Археологија на Филозофскиот Факултет во Скопје, ученик на генерацијата 2010-2014 при СОУ "Цар Самоил" - Ресен, двократен државен првак по историја за средните училишта во Република Македонија (2012 и 2013), учесник на научните трибини: "Брсјачка буна, Брсјачко востание, Демирхисарски заговор", "1000 години од смртта на Цар Самоил"; како и автор на изложбата "Македонија и Преспа во делата на странските картографи - од II до XIX век".

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>